Достапни линкови

Што донесе и што однесе СЈО


Една од многуте прес конференции во СЈО
Една од многуте прес конференции во СЈО

Три завршени случаи, 15 активни во Кривичен суд, и 17 истраги чекаат обвинение. Тоа е исходот од работата на СЈО. Во јавноста се создава впечаток дека за дел од случаите од висок профил нема правда. Некои избегаа, а некои не го ни видоа затворот од внатре.

Незаконски снимени фотографии и снимки од приватниот живот на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева во телефонот на нејзиниот пријател шоуменот и неформален сопственик на 1 ТВ Бојан Јовановски познат како Боки 13 станаа предмет на судски процес. Јанева го тужи Боки 13 затоа што без нејзина дозвола тајно ја снимил во нејзиниот дом. Тие снимки и фотографии беа дел од доказната постапка во предметот Рекет каде што и двајцата беа осудени на вкупно 16 години затвор, односно Јанева доби 7 години затвор поради злоупотреба на службена должност, а Јовановски доби 9 години затвор поради перење пари и противзаконско влијание.

Сето ова се случува на петгодишнината од формирањето на Специјалното јавно обвинителство чија задача со пржинскиот договор беше гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Јанева на чело на оваа институција која веќе официјално не постои застана на 15 септември 2015 година кога во позајмена тога во Советот на јавни обвинители даде заклетва дека чесно и професионално ќе ја извршува новата функција. Но, четири години подоцна во судницата седна на обвинителна клупа, поради изнуда на пари на осомничениот бизнисмен во предметот „Империја“ Јордан Камчев. Таа беше осудена на затворска казна, чија правосилност ја чека во домашен притвор.

Демонстрантите од „Шарената револуција“ очекуваа и се надеваа дека „специјалната обвинителка“ заедно со својот тим ќе ги постават темелите на казнивост на функциониерите кои се огрешиле пред законот, нешто за кое пред таканаречените бомби на тогашната опозиција предводена од Зоран Заев во 2015 беше само мисловна именка. „Нема правда нема мир“ беше паролата на демонстрантите од „Шарената револуција“ кои со редовните протести по аболицијата од тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов извршија притисок за промена на власта, но и за промени во судството. Нивната надеж за правда со почна да згаснува со укинувањето на СЈО и аферите кои следуваа, покажуваат анкетите на невладиниот сектор.

Шарена револуција пред Собрание
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:17 0:00

Власта се смени, но правдата е и натаму бавна

Меѓу првите обвиненија кои во судот ги поднесоа специјалните „чарлиеви ангели “ беа „Насилставата во Центар“ или уште познати во јавноста како „Шамарите за Жерновски“ и „Таргет Тврдина “ чија основа беше кој стои зад масовното прислушување на над 20 илјади луѓе. И двата предмета не видоа судска разрешница. И по четири години се уште се одвиваат рочишта во кои битки бијат „специјалните обвинители“ кои сега повторно се под закрила на Јавното обвинителство.

До сега „Чарлиевите ангели“, како што на почетокот ги нарекуваа обвинителките од СЈО, во Судот до крај истераа само три предмети, а незавршени им останаа уште дваесетина обвиненија.

Во меѓувреме, од земјава побегна поранешниот премиер и донеодамна почесен претседател на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски, неколку поранешни разунувачи, а пресудата против поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и лидерот на ДПА Мендух Тачи за предметот Титаник 2 кој се однесува на изборни измами, падна на Апелација и се врати на повторно во Основен суд Скопје 1.

Институцијата која требаше да донесе „правда за да има мир“ до сега има завршено само три предмети, два затворени со откажување од обвинение, 15 активни предмети пред Кривичниот суд, четири случаи кои се вратија отпочеток и две обвиненија кои чекаат оценка од судот и 17 истраги за кои се уште не е поднесено обвинение. Вкупно 40 недовршени процеси по речиси пет години работа со политички препреки и сопки од многу страни.

Што направија „Чарлиевите ангели“ од СЈО досега?

По приведувањето на Јанева, обвинителката Ленче Ристоска на прес конференција изјави дека постапките кои што ги спроведувал тимот на СЈО не смеат да се доведат во прашање.

„Стоиме зад работата што сме ја завршиле досега, ве уверувам дека сите постапки што имаат обвинителни акти и судења не се доведени во прашања, затоа што нашето постапува во нив било во рамки на законските прописи“ изјави таа, а зад неа стоеа сите обвинители од специјалниот тим.

Но, дополнително црна дамка врз довербата кон тимот на специјални обвинители оставија и бонусите од неколку илјади евра кои им ги доделувала Јанева, за кои јавноста дозна откако владата ја објави дата базата „Отворени финансии“.

„ Секој обвинител примил по 22 илајди евра годишно како надоместок што не е многу, многу далеку од примањата што ги имаат за патни трошици некои од пратениците во земјава, изјави кон крајот на минатата година обвинителката Фатиме Фетаи.

СЈО – Љубовна приказна со тажен крај

Специјалното обвинителство успеа во притвор да стави многу поранешни функционери, кои потоа заминуваа во куќен притвор, или во хотел или во удобноста на својот дом. Некои пак, како екс премиеротГруевски избегаа, а и оние малкумина кои беа осудени за предмети на СЈО не ги ни видоа од внатре затворските ќелии. Во јавноста се добива впечаток дека предметите во кои станува збор за за сериозен криминал, во кој се вмешани високи функционери од претходната власт, се развлекуваат до недоглед.

Научени лекции од искуството со СЈО

Од друга страна, пак, во изминативе години работењето на специјалното обвинителство постави и нови стандарди, покажа дека обвинителствата можат и треба да бидат потворени кон јавноста. По примерот на прес конференциите кои СЈО ги држеше за сите истраги, Јавното обвинителство почна повремено да свикува прес конференции и и брифинзи со новинари за високопрофилните случаи. Тема во јавноста на секој шест месеци беше и извештајот што тие го доставуваа во Собранието и кое беше споделувано со јавноста. Нешто што другите јавни обвинителства не го правеа.

Новиот министер за правда Бојан Маричиќ како дел од новите реформи најави дека со законски измени јавното обвинителсво ќе мора редовно и континуирано да ја информира јавноста за својата работа и за предметите кои ја интересираат јавноста.

Откажувањето на судија поротник при крај на судски процес по што тој се враќа од почеток, беше речиси пракса во дел од предметите на СЈО, нешто што министерот Маричиќ истакна дека ќе биде сменето откако на научиле лекцијата.

„Во соработка со владата ќе предложиме нов модел за спречување на злоупотребите на системот на судии поротници преку промена на начинот на избор, одредби за конфликт на интереси, зајакнување на одговорноста на поротниците, и посебни постапки за гласање при донесување на одлуките“.

Дигитализација на судството, кадровско зајакнување на обвинителствата и судовите и зголемување на бројот на стручни соработници се дел од ветувањата на новиот министер како научени лекции од искуството со СЈО.

Цела година се договараше формирањето на СЈО и цела година се случуваше неговото затворање, кое ќе биде запаметено во историјата со апсењето на шефицата на СЈО Катица Јанева. Речиси секоја прес конференција на која се откриваше нова истрага јавноста ја следеше со голем интерес. Но, откако обвиненијата влегоа во судските лавиринти и таму заглавија, се намали и довербата и надежта на граѓаните дека освен мир, навистина ќе има и правда, покажаа анкетите на невладиниот сектор.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG