Достапни линкови

Ковидот повторно го прекројува буџетот


Пазар во Скопје.
Пазар во Скопје.

Ковид кризата ќе донесе второ прекројување на државната каса. Стопанството чека на помош од владата, но прво треба да се донесе ребаланс на буџетот. Можни се и нови задолжувања, но само за проекти кои ќе значат подобар живот на граѓаните, велат од власта.

Власта најави дека следната недела ќе има одлука за ребаланс на буџетот. Тоа ќе биде втор ребаланс годинава. Со првиот ребаланс државната каса беше проектирана да тежи 3,95 милијарди евра, што е за 1,4 проценти повеќе од првичните проекции за буџетот. Стопанството чека на нов сет економски мерки за помош, оти се погодени од коронакризата, но за да се донесе тој сет, владата прво треба да направи промени во буџетот. Економистите пак повикуваат на засилување на капиталните инвестиции за да му се помогне на стопанството да опстане, а дури потоа да се зборува за развој. Власта засега не кажува колку ќе тежи новата економска помош, но велат дека тоа ќе биде значително голем економски пакет.

За да му помогне на стопанството да се справи со последиците од коронакризата, Владата се задолжи за скоро 1,2 милијарди евра. Трите сета економски мерки што ги донесе власта за справување со кризата досега чинеа околу 500 милиони евра.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи вели дека 70 отсто од досега зајмените пари за справување со последиците од коронакризата се искористени за подобрување на ликвидноста на буџетот и да се овозможи непречено функционирање на институциите, а од парите што останале се планира да се вложи во четвртиот сет економски мерки. Но, ќе се види и колку пари им останале на институциите, па и од нив ќе се земе.

„Барањето беше сите реално да кажат дали ќе стигнат на максимално ниво на потрошени средства до крај на годината. Не сакаме да оставиме простор на крај на годината да кажеме – ни требале средствата, ама имаме 80 отсто на реализација. Тоа што ќе е прифатливо е 95 отсто и нагоре реализација на буџетски расходи, сето друго треба да оди за помош за борба против коронавирусот и да се врати кај граѓаните и во стопанството“, вели Битиќи.

Задолжувањата нема да запрат

Владата во ек на кризата издаде еврообврзница од 800 милиони евра, зеде заем од Меѓународниот монетарен фонд во износ од 175 милиони евра, од Светска банка во износ од 50 милиони евра и од Европската унија од 160 милиони евра. Јавниот долг на крајот на јуни надмина 6,5 милијарди евра и достигна 59,5 отсто од Бруто домашниот производ.

Премиерот Зоран Заев вели дека ако добие поддршка од Владата и Парламентот може да земе кредити за инвестирање во важни капитални проекти како Клинички центар, патишта и детски градинки.

И Битиќи вели дека нема да престанат да наоѓаат фондови кои што значат подобар живот за граѓаните.

„Ако тие средства се за подобрување на инфраструктура, за нови инвестиции секако дека сите заедно храбро ќе исчекориме пред јавноста и ќе кажеме дека ни требаат повеќе средства. Но, секако нема да бараме средства за нешто што било навика изминатите 30 години, а тоа е трошење на средства на граѓаните за непродуктивни проекти и индивидуално богатење“, вели вицепремиерот Битиќи.

Капитални инвестиции за опстонок на стопанството

Економистите порачуваат власта да не дава пари на непродуктивни трошоци, а фокусот да и биде на здравството, економијата и образованието.

„Да го внесе фокусот во реализација на капитални инвестиции, бидејќи само така ќе може да опстане, веќе не зборуваме за развој, туку за опстанување, за опстанок на малите, средните, па и големите фирми“, вели економскиот аналитичар Арбен Халили.

Од она што сега се знае за четвртиот сет мерки, вели премиерот Заев, е дека како дел од тој сет мерки, платежни картички ќе добијат пензионерите со пензии под 15 илјади денари, голем дел од пасивните баратели на работа, и самохраните родители, а се правеле и проценки стечајните работници кои сега добиваат 8 илјади денари, да добијат уште еден вид на помош, а ќе продолжи и помошта за платите во најпогодените сектори.

На средба со властите, од Сојузот на стопански комори(ССК) побараа помош од државата за да преживее бизнисот.

„Министерството за економија во рамки на своите надлежности преку директно грантирање може да ги помогне оние кои се најпогодени, кои се принудно затворени и тонат, не по своја вина. Претприемачите се најпогодени од кризата, а имаат клучна улога во функционирањето на националната економија, вели претседателката на ССК“, Данела Арсовска.

Потребно е подобро таргетирање на владините мерки за помош на стопанството

Мерките треба да продолжат, но треба да се дообмислат, вели извршната директорка на Фајнанс тинк, Благица Петрески за Радио Слободна Европа.

„Во следната фаза на дизајнирање мерки потребно е поспецифично таргетирање и идентификување на најзагрозените сектори, така што можеби треба да се реобмисли таа мерка“, вели Петрески, коментирајќи ја мерката помош од 14.500 денари за исплата на плати по вработен во неодамнешното интервју за Радио Слободна Европа.

Претходно во ек на кризата предизвикана од коронавирусот и додека со државата раководеше техничка влада пред избори, власта донесе ребаланс. Ребалансот беше направен со уредба со законска сила во мај годинава. Со тој ребаланс се овозможија пари за помош на граѓани и фирми погодени од кризата, како и повеќе пари на институциите директно засегнати од вирусот.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG