Достапни линкови

Потребно е подобро таргетирање на владините мерки за помош на стопанството


Економијата не може да издржи уште едно затворање
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:33 0:00

Економијата не може да издржи уште едно затворање

Владините мерки за помош на стопанството треба да продолжат, но во следната фаза на дизајнирање мерки потребно е поспецифично таргетирање и идентификување на најзагрозените сектори, вели извршната директорка на Фајнанс тинк, Благица Петрески во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Госпоѓо Петрески, здравствените власти очекуваат со почетокот на есента коронавирусот засилено да се шири, и се размислува за нови рестриктивни мерки. Може ли домашното стопанство да издржи уште едно такво затворање како што имавме пролетоска?

Таков простор за затворање на македонската економија сметам дека не постои, затоа што оние податоци кои ги очекуваме за Бруто домашниот производ за вториот квартал се исклучително лоши. Нашите проекции укажуваат дека падот ќе биде околу 12, 7 проценти. Сепак, тука постојат низа неизвесности и зависно колку оние дополнителни затворања се рефлектираа по економијата, меѓутоа податоците ќе ги очекуваме наскоро, но сепак такво едно затворање сметам дека нема да го издржи економијата и од еден друг аспект, затоа што структурата на домашната економија и на компаниите е доминантно микро и мали компании, кои се исклучително ранливи и не се толку многу издржливи за ваков тип на затворање и ваков тип на криза.

Во второто тримесечје од годинава, кога беа на сила рестриктивните мерки, вклучително и полицискиот час, падот на приходите во буџетот е околу 20 проценти во однос на минатата година, но во јули веќе има стабилизирање. Има ли простор за оптимизам?

Не би рекла дека тоа е оптимизам, тоа е очекуван развој на настаните, единствено во овој момент оптимизам може да влее вакцината. Со оглед на тоа дека Светската здравствена организација(СЗО), препорачува дека стабилизацијата на вирусот би била за две до три години, тоа по економијата не би можело да звучи многу оптимистички. Втор чекор кој може да влее оптимизам е робустен старт на новата влада на полето на економијата. Од тој аспект сметам дека е потребно што поскоро владата да излезе со нови мерки за ревитализација на економијата, меѓутоа исто така да се идентификуваат оние сектори, они полиња кои може да претставуваат мотор на економијата и да бидат двигател на економијата во следниот период, особено во овој пост-корона период.

Како ги оценувате досегашните три сета владини мерки за помош на стопанството?

Ние направивме серија на оценки на владините мерки. Ја оценивме мерката од 14500 денари за помош на бизнис секторот како позитивна. Таа мерка спаси околу 60 илјади работни места, меѓутоа доколку земеме предвид дека беше овозможено 140 илјади работни места да ја искористат оваа поддршка, тоа значи дека 80 илјади работни места би опстојале и без оваа поддршка. Тоа упатува дека во следната фаза на дизајнирање мерки потребно е поспецифично таргетирање и идентификување на најзагрозените сектори, така што можеби треба да се реобмисли таа мерка, која треба да продолжи и од септември, затоа што забележуваме дека дел од секторите велат дека не можат понатаму да издржат и треба одново да се доанализира таа мерка, сè со цел таргетот да биде многу поспецифичен. На пример ивент-индустријата, којашто остана затворена во текот на целиот овој период.

Една од мерките кои ги анализиравме беше еднократната помош којашто беше дадена на најранливите категории граѓани. Оваа мерка претставува еднократна инфузија за економијата, меѓутоа имајќи предвид дека таа беше донесена во предизборниот период, таа повеќе доби слика на предизборна мерка.

Во делот на олабавувањето на критериумите за минималната гарантирана помош, таа мерка се чини дека дава позитивни резултати, особено во намалувањето на сиромаштијата, меѓутоа деталните ефекти ги мериме во моментот и наскоро ќе излеземе со проекција.

Во делот на мерката што значи надоместок во услови на невработеност, таа мерка е позитивна и на површина извади еден недостиг на системот, односно колку Законот за осигурување во случај на невработеност навистина штити од фрикциона невработеност и сметам дека понатаму треба да се доспецифицира тој закон во иднина, согласно новонастанатите промени кои беа за целите на спречување на негативните ефекти од корона-кризата.

Целото интервју со директорката на Фајнанс тинк, Благица Петрески, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG