Достапни линкови

Недовeрбата во вакцината поле за дезинформации


Илустрација - вакцинирање
Илустрација - вакцинирање

Политичката поларизација и онлајн дезинформациите се закана за програмите за вакцина против коронавирусот, е заклучокот на студијата за глобалната доверба во вакцината.

Студијата, која ја мапира довербата во вакцините во 149 земји меѓу 2015-та и 2019-та година, открива дека скептицизмот во врска со безбедноста на вакцините расте во општества со политичка нестабилност и религиозен ектремизам.

„Ова е витално во контекст на новите епидемиолошки закани, како со Ковид 19, па ние редовно го следиме јавното мислење“, вели Хајди Ларсон, професор на лондонското училиште за хигиена и тропска медицина, кој го води истражувањето.

„Перцепцијата за вакцините е многу повеќе нарушена отколку што би требала да биде. Има доверба во вакцините, но тоа не е константно, оди нагоре, надолу“, вели Ларсон.

Заклучоците од студијата, објавени во Лансет медикал џурнал, се базираат на податоци од над 284.000 возрасни испитаници, кои одговарале на прашањето дали вакцините се важни, безбедни и ефикасни. Ларсон смета дека сега, кога во светот се одвива трка по вакцина против Ковид 19, владите треба да бидат екстра претпазливи во врска со довербата на јавноста во врска со вакцините.

„Има многу дискусии за брзината, но јавноста повеќе ја интересира ефикасноста и безбедноста“, нагласува Ларсон.

Довербата во вакцините во Европа е пониска во споредба со други региони, и се движи од 19% во Литванија до 66% во Финска. Ирак, Либерија и Сенегал се земјите во кои довербата е најголема.

Во некои земји, како на пример, Франција, Италија, Ирска и Велика Британија, од 2015-та досега, има пораст на луѓето кои веруваат во вакцините, а во некои има драстичен пад на довербата, како на пример, Индонезија, Пакистан, Србија, Азербејџан, Авганистан и Нигерија.

Тоа, според Ларсон, е поврзано со политичката нестабилност и религиозниот екстремизам во тие земји.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG