Достапни линкови

Организираниот криминал „цути“ во пандемијата


Организираниот криминал, според поранешниот полициски началник Љубомир Ѓурчески, лесно се адаптира на условите создадени од пандемијата и наместо еден, сега е неколку чекори пред органите на прогонот.

Дали во услови на пандемија кога многу земји ги затворија границите македонското подземје најде нови канали, нов пазар или теренски војници за да продолжи со нелегалното богатење, е прашањето кое им го поставивме на македонски експерти по овие проблематики.

Имено, според податоците објавени на веб страницата на Интерпол, во време на пандемијата во светот во пораст е криминалот со прехрамбени производи и заштитна медицинска опрема. Само во една од неодамнешните операции на Интерпол се приведени 120 луѓе низ светот кои шверцувале медицинска опрема вредна 14 милиони евра.

И македонската полиција во март годинава учествуваше во една од акциите на Интерпол. Станува збор за акција именувана како „Опсон 9“, каде што македонската полиција заедно со уште 82 други држави учествуваше во спречување на трговијата со фалсификувана и неквалитетна храна и пијалаци во период од една година.

Три увоза на пилешко месо, со вкупна тежина од 60 тони и со потекло од регион во кој имало птичји грип се запленети откако во координирана акција предводена од Интерпол било откриено дека се врши трговија со фалсификувани производи.


Поранешнииот полициски началник Љубомир Ѓурчески вели дека организираниот криминал најлесно и најбрзо наоѓа простор како да профитира од сите состојби без разлика дали се политички или здравствени, а земјава не е имуна на тоа.

„Во Република Македонија мора да бидеме многу внимателни затоа што се случија неколку јавни набавки кои што се под лупа на сомнение, каде што високопозиционираните организирани криминални групи во политиката или да не бидам дрзок еве блиски до политиката, направија енормни профити. На пример, иако има забрана за остварување на медицинско профитерство, погледнете ги заштитните маски, пред пандемијата беа околу 15 денари , а сега не можете да најдете маска поефтина од едно евро. И видете какви профити тука се остваруваат“ вели Ѓурчески.

Тој тврди дека за „македонското подземје“ една од поприфитабилните криминални дејства е шверцот со акцизните стоки како цигари и нафтата, а потоа е шверцот на дрогата.

„Направете споредба на вредноста на кутија цигари во Македонија и вредноста на кутија цигари во Германија, Швајцарија во Холандија каде што разликата е енормна. На пример кај нас една кутија е две евра а таму е 10 евра. Шверцот на цигари носи огромни профити секаде, сакаде кон Исток, сакате кон западноевропски земји, не ги делам, како што и криминалците не ја делат Европа туку нив ги интересира пазарот, дали се таму присутни и дали можат дебело да профитираат“, вели Ѓурчески.

Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнл вели дека допрва ќе се анализира и ќе се утврдува како се одразила пандемијата врз традиционалните патишта организираниот криминал.

„Криминалците размислуваат однапред и веќе смислиле нови технологии и нови начини како да се организираат за да ја искористат можноста што им ја дава оваа пандемија која патем им отвара и нови пазари. И новите пазари понекогаш се организираат криминално, ако ништо друго слушаме како со корупција се крадат идеите, за вакцини, истражувања и се она што значи трговија со опремата која се произведува за оваа намена,“ вели Тасева.

Во почетокот на пандемијата организираниот криминал се најде затечен, но брзо се адапиратеше и удри со полна пареа вели Ѓурчески. Според него, од почетокот на пандемијата транспортот не беше на удар, и мафијата секаде во светот успеа да го стави во функција со одредени протоколи затоа што патничкиот и железничкиот транспорт е срцето на организираниот криминал.

Ѓурчески додава дека освен медицинската опрема, организираниот криминал се занимава и со фалсификување на лекови за ковид-19, но и во вложувања на берзата со цел легализирање на кримининално стекнати пари но и со берзанските измами како што е примерот со Кина, каде што многу претпријатија сменија сопственик поради обезвреднување на компаниите.

Интерпол пред еден месец предупреди дека мерките кои одредени земји ги презедоа со ограничувањата на движењето на граѓаните влијае и врз криумчарењето со мигранти и трговија со луѓе. Од една страна, како краткорочен ефект создаде намалување на овој криминал, но од друга страна, долгорочно предизвика отварање нови рути.

„Ние гледаме дека трговците со луѓе користат дезинформации за да ги убедат очајните луѓе да ги користат нивните услуги за уште поголема лична и финансиска цена, поради зголемените потешкотии во текот на патувањето предизвикани од рестрикциите на одредени земји во патувањето, “ изјави неодамна генералниот секретар на Интерпол Јурген Шток.

Сè уште не е јасно како работата на криминалците од Западен Балкан е погодена од кризата со КОВИД-19, иако може да се претпостави дека ограничувањата ќе го отежнат патувањето наваму-натаму, а ќе стане поризично и да се движат пари, покажува последниот извештај за глобалните жаришта на организираниот криминал со потекло од Западен Балкан.

„Додека кокаинот сè уште се испорачува преку Атлантикот, карантинот очигледно создаде тесни грла во дистрибуцијата во Европа, како и тешкотии во плаќањето за доставите на кокаин. Побарувачката и понудата со кокаин остануваат високи, иако се чини дека заплените растат исто така. Се чини дека слабостите што ги злоупотребуваат криминалните групи на Западен Балкан во Латинска Америка нема наскоро да се средат, ниту пак има веројатност дека ќе се намали обемот на сообраќајот на контејнери кон Западна Европа, дури и во контекст на пандемијата на КОВИД-19.“ се вели во извештајот Транснационални пипала.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG