Достапни линкови

Вести

САД повлекуваат 12 илјади војници од Германија

Секретарот за одбрана на САД, Марк Еспер
Секретарот за одбрана на САД, Марк Еспер

САД ќе префрлат 12.000 војници од Германија во Белгија и во Италија. Секретарот за одбрана Марк Еспер изјави дека репозиционирањето ќе го зајакне НАТО и позицијата на Алијансата против Русија, а ќе ја подобри и американската стратешка и оперативна флексибилност.

Од 34.500 американски воени лица стационирани во Германија, околу 6.400 ќе бидат испратени дома, додека скоро 5.600 ќе бидат преместени во други земји на НАТО.

Претседателот на САД, Доналд Трамп во јуни ги објави плановите за репозиционирањето на трупите од Германија, која е долгогодишен центар за американските воени операции на Блискиот исток, Африка и Европа. Одлуката беше донесена откако Трамп постојано ја критикуваше Германија дека не троши 2 проценти од буџетот за одбрана.

види ги сите денешни вести

Бајден вели дека Путин е во „лоша позиција“ по санкциите

Претседателот на САД, Џо Бајден.
Претседателот на САД, Џо Бајден.

Претседателот на САД во заминување Џо Бајден изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е „во лоша позиција“ откако САД и Велика Британија објавија нови координирани санкции против рускиот енергетски сектор поради војната во Украина.

„Навистина е важно да не му се даде никаков одмор“, изјави американскиот претседател за новинарите во петокот вечерта.

Владите на САД и Велика Британија во петокот објавија нови санкции против рускиот енергетски сектор, вклучително и Гаспромњефт, во обид да го прекинат „најголемиот извор на финансирање“ на Кремљ кој ја помага војната во Украина.

Бајден на прес-конференција рече дека санкциите може да доведат до зголемување на цената на бензинот.

„Но, тоа ќе има многу поголемо влијание врз капацитетот на Русија да продолжи да дејствува како што прави во водењето на војната“, рече тој, пренесува Бета.

Неколку дена пред инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп, на 20 јануари, американското Министерство за финансии објави серија санкции против две големи руски компании во овој сектор, Гаспромњефт и Сургутнефтгас.

Талибанците го избегнаа муслиманскиот самит за образование на девојчињата

Добитничката на Нобеловата награда за мир Малала Јусафзаи присуствува на меѓународен самит за образование на девојчињата во муслиманските заедници во Исламабад на 11 јануари.
Добитничката на Нобеловата награда за мир Малала Јусафзаи присуствува на меѓународен самит за образование на девојчињата во муслиманските заедници во Исламабад на 11 јануари.

Тврдокорните талибански владетели на Авганистан ја избегнаа големата меѓународна конференција за образованието на девојчињата во муслиманскиот свет.

На 11 јануари, ниту еден талибанец не беше присутен меѓу претставниците на околу 50 земји со мнозинско муслиманско население на отворањето на дводневната конференција во пакистанската престолнина Исламабад.

„Досега Кабул не ни кажа ништо за овој настан“, изјави висок талибански дипломат за Радио Машаал на РСЕ.

Калид Макбул Сидики, пакистанскиот министер за образование, рече: „Никој од авганистанската влада не беше на конференцијата“, но тие беа официјално поканети на настанот.

Талибанската влада им забрани на тинејџерките да се школуваат веднаш по враќањето на власт во август 2021 година.

Оттогаш, исламистичката група воведе драконски ограничувања за работата, образованието и мобилноста на жените и покрај глобалнот противење.

Таа сега е единствената нација меѓу 57-те членки на Организацијата за исламска соработка која го забранува образованието на жените.

Забраната наиде на широко противење од Авганистанците и на меѓународно ниво.

„Целиот муслимански свет се согласи дека образованието на девојчињата е важно“, рече Мухамед ал-Иса, саудиски свештеник и генерален секретар на Муслиманската светска лига, кој го организираше настанот заедно со пакистанската влада.

„Оние кои велат дека образованието на девојчињата е неисламско грешат“, додаде тој.

Пријавени повредени во руската област Тамбов по нападот со дронови

Украински беспилотни летала погодија руски цели во Курск.
Украински беспилотни летала погодија руски цели во Курск.

Беспилотни летала удриле во две станбени згради во градот Котовск во областа Тамбов во западна Русија, при што биле повредени неколку лица, изјави рано на 11 јануари гувернерот на регионот.

Евгениј Первишов на Телеграм изјави дека неколку лица се здобиле со повреди од стаклени парчиња и дека се лекувани. Первишов рече дека зградите не се запалиле и претрпеле само мала штета.

Фотографиите и видео снимките од инцидентот, кои не се потврдени од РСЕ, беа објавени на интернет од локалните жители, кои велат дека немало сирена за воздушен напад пред да удрат беспилотните летала.

Руската државна новинска агенција ТАСС соопшти дека беспилотните летала биле лансирани од Украина, но Генералштабот на украинската војска не пријави никакви напади со беспилотни летала врз руски региони.

ТАСС додаде дека властите во другите делови на Русија и на Крим кој е окупиран од Русија, исто така, пријавиле напади со украински беспилотни летала ноќта меѓу 10 и 11 јануари, вклучително и во регионот Краснодарски крај, источно од Крим. Експлозии се слушнаа и во регионите Курск и Воронеж во Русија.

Гувернерот на Воронеж, Александар Гусев, изјави дека ноќта меѓу 10 и 11 јануари биле соборени повеќе од 15 дронови. Нема жртви или материјална штета, рече тој.

Очевидци исто така објавија дека виделе пожар во пристаништето Новоросијск на Црното Море, а мостот што го поврзува руското копно со Крим бил затворен повеќе од три часа.

Гувернерот Вјачеслав Гладков изјави дека се уништени неколку дронови во областа Курск. Нема жртви, но оштетени се три приватни куќи, напиша тој на Телеграм.

Гувернерите на другите региони кои беа под напад со беспилотни летала не коментираа за каква било штета или жртви. Руското Министерство за одбрана, исто така, сè уште не известило за соборување на беспилотни летала.

Најмалку 11 жртви во пожарите во Лос Анџелес, растат критиките за властите

Лос Анџелес, 10 јануари 2025 година.
Лос Анџелес, 10 јануари 2025 година.

Најмалку 11 лица загинаа во бројните пожари кои изминатите денови го зафатија Лос Анџелес, но ветровите кои придонесоа за ширење на пожарите почнаа да слабеат.

Истовремено, се интензивираат дебатите за ефикасноста на спасувачките служби и одговорноста на властите.

Големи делови од вториот по големина град во Соединетите Американски Држави (САД) се опустошени. Уништени се околу 10.000 згради, а во пожарите беше зафатено повеќе од 14.000 хектари земјиште.

Како одговор на широко распространетите грабежи во уништените или евакуираните области, властите во најтешко погодените сектори Пацифик Палисадес и Алтадина воведоа полициски час од 18 часот до 6 часот наутро.

Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, укажувајќи на големата штета, повика на целосна независна истрага на службите за дистрибуција на вода во градот.

Демократски функционер го опиша како „длабоко вознемирувачки“ недостатокот на водоснабдување и губењето на притисокот на хидрантите во раните моменти на пожарот, што придонесе за негово ширење. Тој во отворено писмо наведе дека се потребни одговори за да се знае што се случило.

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека тоа го потсетува на воените сцени со бомбардирања.

Најголемиот пожар, меѓу петте сè уште активни, уништи повеќе од 8.000 хектари земјиште на брегот на Малибу и богатиот кварт Пацифик Палисадес, каде што пожарникарите потврдија дека почнале да го контролираат пожарот.

Ветерот се намали во петокот, што им овозможи на пожарникарите да работат. Сепак, во петокот вечерта беше наредена нова евакуација во областа Палисадес.

Стотици илјади луѓе беа евакуирани низ Лос Анџелес. Војската беше распоредена и десетици луѓе беа уапсени за грабежи.

Пред одлуката за воведување полициски час, жителите патролираа за да го заштитат имотот.

Жителите на Калифорнија се повикани да штедат вода откако некои резервоари со кои се снабдуваат противпожарни хидранти беа испразнети за време на напорите за гаснење на пожарот.

Федералната управа за авијација (ФАА) најави истрага откако дрон погоди и оштети хеликоптер. Штетите од овие пожари би можеле да бидат највисоки што некогаш случиле од ваков вид во САД.

Украина пријави руски напади со дронови, Москва обвини за напад во Тамбов

Експлозија на беспилотно летало среде рускиот напад врз Украина, Киев, 10 јануари 2025 година.
Експлозија на беспилотно летало среде рускиот напад врз Украина, Киев, 10 јануари 2025 година.

Русија во текот на ноќта лансираше 74 беспилотни летала во Украина, соопштија во саботата киевските воздушни сили, додека истовремено Москва тврди дека Украина со беспилотни летала нападнала неколку руски региони.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека биле соборени 47 руски беспилотни летала, додека други 27 исчезнале од радарите и не стигнале до своите цели.

Забележано е дека згради и возила во седум различни региони биле оштетени од паднатите соборени дронови, но дека нема жртви.

Од друга страна, Москва на 11 јануари објави дека украински беспилотни летала погодиле две станбени згради во регионот Тамбов, при што биле повредени најмалку три лица.

Регионалниот лидер Евгениј Первишов на Телеграм напиша дека беспилотни летала погодиле две куќи во градот Котовск, на околу 480 километри југоисточно од Москва.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека пресретнало и уништило 85 украински беспилотни летала синоќа во неколку региони на земјата, вклучувајќи 31 беспилотно летало над Црното Море, по 16 во регионите Воронеж и Краснодар и 14 над Азовското Море.

Руската авијација соопшти дека аеродромите во градовите Казан, Нижнекамск и Уљановск, во регионот на реката Волга, привремено ги прекинале летовите. Летовите подоцна беа прекинати и од градот Саратов.

Русија во петокот ја обвини Украина за ракетен напад врз супермаркет во градот Доњецк во источна Украина, кој е под руска контрола.

Десетици загинати во воздушен напад на хунтата во Мјанмар

Куќа во пламен во селото Кјаук Ни Мав во Рамри, западна држава Ракин, 9 јануари 2025 година.
Куќа во пламен во селото Кјаук Ни Мав во Рамри, западна држава Ракин, 9 јануари 2025 година.

Десетици луѓе беа убиени оваа недела во воздушен напад на воената влада на Мјанмар во западната држава Ракин, соопштија Обединетите нации, додека граѓанската војна во земјата во Југоисточна Азија се приближува кон својата четврта година.

Цивилната влада во сенка и Армијата Аракан, етничка милиција со седиште во Ракин која се бори за автономија на регионот, исто така известија дека во нападот загинале десетици луѓе.

Хунтата во средата попладне го нападна селото Кјаук Ни Мав во населбата Јанби, уништувајќи околу 500 домови и убивајќи повеќе од 40 луѓе, соопштија од Владата на национално единство и ОН.

Хунтата ги отфрла обвинувањата за злосторства против цивили, инсистирајќи на тоа дека се бори против „терористите“.

Армијата на Аракан ги објави имињата на 26 муслимански селани за кои рече дека биле убиени, додека 12 биле повредени во нападот.

Кампањата за крвави пари „Blood Money Campaign“, коалиција на активисти во Мјанмар кои работат на запирање на приходите на хунтата, ги повикаа меѓународните влади брзо да ги санкционираат субјектите што ја снабдуваат со авионско гориво.

„Само кога ќе престане оваа поддршка, воздушните напади навистина ќе престанат“, рече Мулан, портпарол на коалицијата.

Мјанмар е во превирања откако војската ја собори избраната влада на нобеловката Аунг Сан Су Чи во 2021 година, што предизвика масовни протести кои ескалираа во широко распространет вооружен бунт на повеќе фронтови.

ОН ги повикаа сите страни да се придржуваат до нивните обврски според меѓународното хуманитарно право.

Временска прогноза: Променливо облачно со дожд и снег

Илустративна фотографија - Попова Шапка.
Илустративна фотографија - Попова Шапка.

Временската прогноза за денеска предвидува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, додека на планините и повисоките места се очекува снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, главно од северен правец.

Во текот на ноќта, врнежите ќе станат пообилни, а во северните делови дождот ќе преминува во снег, дури и во пониските места. Утринските температури ќе се движат од 0 до 5 степени, а дневните ќе достигнат вредности меѓу 4 и 12 степени.

Во Скопје времето ќе биде претежно облачно, со повремени слаби врнежи од дожд. Во ноќните часови, дождот ќе преминува во снег. Ќе дува умерен северен ветер. Минималната температура во главниот град ќе се спушти до 2 степени, а максималната ќе достигне до 6 степени.

И Тошковски и неговиот заменик Исени ги „преживеаја“ интерпелациите

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи на Северна Македонија (фотоархива).
Панче Тошковски, министер за внатрешни работи на Северна Македонија (фотоархива).

Интерпелациите за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и за неговиот заменик Астрит Исени не поминаа во Собранието.

Мнозинството пратеници, гласаа „против“. Балансот од гласањето за интерпелацијата за Тошковски беше седум „за“ и 63 „против“, а за Исени четири „за“ и 62 „против“.

Покрај за нив, претходно парламентот не даде поддршка ниту за интерпелациите за вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ.

Сите интерпелации се поднесени од страна на пратениците од Европскиот фронт предводен од ДУИ и во нив преовладува наративот дека се потфрлило со справување со меѓуетничките тензии.

Исто така, во сите пратениците од ДУИ ги споменуваа инцидентите што се случија за време на прославите за Денот на албанското знаме – 28 Ноември, кога беше сквернавено државното, македонско знаме, а потоа имаше и палење на албанското.

Меѓутоа, најголем дел од парламентарните партии и од власта и од опозицијата уште пред седницата се изјаснија дека нема да ги прифатат интерпелациите поднесени против четворицата актуелни владини функционери.

СДСМ ја напушти седницата со образложение дека нема потреба од нови поделби по етнички основи.

Покрај за четворицата владини функционери, на собраниската седница на 10 јануари, на дневен ред беше и интерпелација на пратеничката од опозицискиот Европски фронт Илире Даути за функцијата што таа ја извршува во Собранието – претседателка на Комисијата за социјална политика.

Интерпелацијата за неа ја поднесе опозициската Левица, а во текот на седницата поддршка искажа и владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.

Интерпелацијата беше изгласана со 61 глас „за“ и 22 „против“.

Левица ја поднесе интерпелацијата бидејќи Даути одбива да го стави на дневен ред Законот за бранители кој беше поднесен од пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска од СДСМ.

Меѓутоа, од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши, се огласија дека гласањето за интерпелацијата на Даути нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата, велат од Кабинетот, се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот.

Пратениците не дадоа поддршка ниту за интерпелацијата на Стоилковиќ

Гласање во Собранието на РСМ (фотоархива).
Гласање во Собранието на РСМ (фотоархива).

Со седум гласа „за“ и 52 „против“ пратениците вечерта на 10 јануари, не дадоа поддршка ниту за интерпелацијата на вицепремиерот Иван Стоилковиќ.

Претходно не помина ниту интерпелацијата за првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити – „за“ гласаа само тројца пратеници, а 64 беа „против“.

Покрај за нив, на дневен ред се и интерпелации за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени.

За нив дискусијата и гласањето треба да завршат до полноќ.

Сите интерпелации се поднесени од страна на пратениците од Европскиот фронт предводен од ДУИ и во нив преовладува наративот дека се потфрлило со справување со меѓуетничките тензии.

Најголем дел од парламентарните партии и од власта и од опозицијата уште пред седницата се изјаснија дека нема да ги прифатат интерпелациите поднесени против четворицата актуелни владини функционери. СДСМ ја напушти седницата со образложение дека нема потреба од нови поделби по етнички основи.

Покрај за четворицата владини функционери, на собраниската седница на 10 јануари, на дневен ред беше и интерпелација на пратеничката од опозицискиот Европски фронт Илире Даути за функцијата што таа ја извршува во Собранието – претседателка на Комисијата за социјална политика.

Интерпелацијата за неа ја поднесе опозициската Левица, а во текот на седницата поддршка искажа и владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.

Интерпелацијата беше изгласана со 61 глас „за“ и 22 „против“.

Левица ја поднесе интерпелацијата бидејќи Даути одбива да го стави на дневен ред Законот за бранители кој беше поднесен од пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска од СДСМ.

Меѓутоа, од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши, се огласија дека гласањето за интерпелацијата на Даути нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата, велат од Кабинетот, се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот.

На денот на инаугурацијата на Мадуро, САД ја зголемија наградата за негово апсење

Венецуелскиот лидер Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес по положувањето заклетва за третиот претседателски мандат, 10 јануари 2025 г.
Венецуелскиот лидер Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес по положувањето заклетва за третиот претседателски мандат, 10 јануари 2025 г.

На денот на инаугурација на Николас Мадуро како претседател на Венецуела, САД во петокот воведоа санкции за осум венецуелски функционери и ја зголемија наградата за апсењето на претседателот Николас Мадуро на 25 милиони долари.

Ова е трет мандат на Мадуро по спорните избори спроведени минатата година. Изборите се одржаа во јули, а и владејачката Социјалистичка партија и опозицијата тврдат дека победиле.

Денешните санкции се последни во низата што ги изрекува администрацијата во заминување на претседателот Џо Бајден против владата на Мадуро.

Меѓу новосанкционираните функционери се неодамна назначениот шеф на државната нафтена компанија на Венецуела ПДВСА, Хектор Обрегон, венецуелскиот министер за транспорт Рамон Веласкез, како и полициски и воени службеници.

Потегот на САД се совпадна со санкциите објавени од Обединетото Кралство и Европската унија против 15 венецуелски функционери, вклучително и членови на Националниот изборен совет и безбедносните сили. Канада, исто така, воведе нови санкции за Венецуела.

„Мадуро и неговите соработници ги продолжија своите репресивни дејствија во Венецуела“, рече Бредли Смит, претставник на американското Министерство за финансии.

Тој додаде дека САД и земјите партнери се солидаризираат со народот на Венецуела, за кој рече дека избрал „ново раководство“ и дека САД „го отфрлаат лажното тврдење на Мадуро за победа“.

Мадуро и неговите соработници отсекогаш ги отфрлаа санкциите од САД и другите земји, велејќи дека тие се нелегитимни мерки што претставуваат „економска војна“ дизајнирана да ја осакати Венецуела.

„Американската влада во заминување не знае како да ни се одмазди“, рече Мадуро за време на неговиот инаугуративен говор, без директно да ги спомене санкциите.

Тој и неговите сојузници ја фалат, како што велат, отпорноста на земјата на казнените мерки, иако ги обвинуваат санкциите за економските тешкотии со кои се соочува државата.

Изборните власти и највисокиот суд во земјата тврдат дека Мадуро, чии претходни претседателски мандати беа обележани со длабока економска и социјална криза, победи на минатогодишните претседателски избори, иако не објавија детални податоци.

Владата, која ја обвини опозицијата дека поттикнува фашистички заговори против неа, најави дека ќе го уапси опозицискиот претседателски кандидат Едмунд Гонзалес доколку се врати во земјата од егзил, а во пресрет на инаугурацијата приведе истакнати членови на опозицијата и активисти.

Опозицијата вели дека 75-годишниот Гонзалес победил убедливо. Таа ги објави своите анкетни податоци како доказ, добивајќи поддршка од владите ширум светот, вклучително и САД, кои го сметаат Гонзалес за новоизбран претседател. Меѓународните набљудувачи на изборите рекоа дека изборите не биле фер.

Мадуро (62) е на власт од 2013 година, а новите санкции од САД се објавуваат на нешто повеќе од една недела пред завршувањето на мандатот на Бајден. Новоизбраниот претседател Доналд Трамп ќе положи заклетва на 20 јануари.

Покрај санкциите, американската влада од 15 на 25 милиони долари ја зголеми наградата за информации што ќе доведат до апсење и осудување на Мадуро.

Во 2020 година, САД го обвинија Мадуро и други функционери за криминал со дрога и корупција. Мадуро ги отфрли обвинувањата.

Мадуро ја задржа власта и покрај силниот притисок од последователните американски влади, задржувајќи ја поддршката од венецуелската војска, како и од Кина, Русија и Иран.

Бајден го угости Гонзалес во Белата куќа претходно оваа недела, нарекувајќи го „вистински победник“ на изборите. Сепак, Трамп не се сретна со Гонзалес, оставајќи ја средбата на еден од неговите идни високи соработници.

За време на неговиот прв мандат, од 2017-2021 година, Трамп водеше кампања за „максимален притисок“ против Мадуро, наметнувајќи најстроги санкции за јужноамериканската земја, вклучително и за нејзината нафтена индустрија.

Бајден накратко укина некои ограничувања од времето на Трамп, но потоа ги врати, велејќи дека венецуелскиот лидер не го исполнил ветувањето за фер демократски избори.

Останува нејасно како Трамп ќе се справи со Венецуела во вториот мандат. Односот на Трамп го комплицира загриженоста за имиграцијата, актуелно внатрешно прашање на САД. Трамп рече и дека на САД не им е потребна венецуелската нафта.

Едно од централните предизборни ветувања на Трамп беше масовната депортација на мигрантите без документи, од кои многу се од Венецуела, а нивното враќање најверојатно ќе бара соработка со венецуелските власти.

По краткото приведување на венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо во Каракас пред инаугурацијата на Мадуро, Трамп објави изјава на социјалните мрежи во која вели: „Овие борци за слобода не треба да бидат загрозени“.

Владата на Мадуро негираше каква било вмешаност, велејќи дека опозицијата го организирала тоа за да обезбеди поддршка за Мачадо.

Палатата во која Мадуро положи заклетва и одржа жесток говор беше под силно обезбедување на полициски, воени и разузнавачки службеници. Толпа луѓе, од кои многумина носеа маици за поддршка на Мадуро, се собраа на соседните улици и на блискиот плоштад.

Мадуро ја обвини опозицијата дека се обидува да ја претвори неговата инаугурација во „светска војна“ и рече дека неуспехот на опозицијата да ја спречи инаугурацијата е „голема победа за Венецуела“.

Тој ги обвини надворешните сили за „напад“ на Венецуела, особено американската влада и вети дека ќе гарантира „мир и национален суверенитет“.

„Денес повеќе од кога било го чувствувам товарот на посветеноста, моќта што ја претставувам, моќта што ми ја дава Уставот. Не бев назначен од владата на САД, ниту од проимперијалистичките влади на Латинска Америка“, рече тој.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG