Тешкото допрва доаѓа од економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирус. За наесен се предвидува нов бран на коронавирус, а првиот сè уште не е ставен под контрола. Сè погласни се најавите дека ако бројот на заболени продолжи да расте, ќе бидат потребни нови рестриктивни мерки, а последиците ќе удрат врз џебот на стотици илјади луѓе, велат економистите. Ако приватниот сектор доживее уште еден удар, буџетот нема да се полни според планираното, па на удар ќе дојдат и платите во администрацијата.
Владата се задолжи стотици милиони евра за да им даде помош на фирмите и граѓаните за да ја „преживеат“ корона-кризата, но тие пари не се бесконечни, вели професор Зоран Ивановски.
„Тешко е да се претпостави дека после септември ќе може да се оди на ново задолжување. Исто така, комплицирана е состојбата што нашиот јавен долг и онака беше голем, а со оваа пандемија е искористена и последната можност за негово доближување до 60 отсто, што според повеќето аналитичари и реномирани институции се смета како горен праг на задолжувањата. Лично сметам дека поддршката што ја имаше досега ќе ја сменат“, вели Ивановски.
Тоа, пак, ќе значи дека буџетот ќе мора да се полни од домашни извори, односно можно е да има зголемување на даноците, но ќе мора да се кратат и расходите, односно можно е намалување на платите во јавниот сектор. За намалување на платите во администрацијата во март зборуваше и лидерот на СДСМ, Зоран Заев и министерката за финансии Нина Ангеловска, но владата во време на предизборна кампања не ги прифати тие предлози.
Дрилон Исени од Стопанската комора на северозападна Македонија вели дека ако има втор бран на коронавирусот, мерките за заштита би требало да бидат поблаги, зашто фирмите нема да може да издржат уште едно затворање. Владините мерки за помош на стопанството во иднина не треба да бидат толку општи, туку да бидат насочени за конкретни сектори коишто имаат проблем, вели тој.
„По однос на јавниот долг кој надмина 50 отсто од БДП-то, тоа е очекувано со оглед на тоа што приходите се намалуваат по секоја основа, увозот и извозот исто така се намалуваат, и затоа тоа така се рефлектира. Предизвикот за следната влада е што бизнисите се тешко оштетени од кризата, парите во државната каса се помали и има голема можност да се затворат многу бизниси и да се изгубат работните места. Затоа поважно од нивото на јавниот долг е тие пари да се трошат воактивности на државата кои ќе имаат додадена вредност“, вели Исени.
Тој вели дека владината помош за фирмите за исплаќање минимална плата треба да продолжи и во јули и август.
Владата досега обезбеди три сета мерки за помош на граѓаните и стопанството за справување со ковид-кризата. Мерките предвидуваат помош за фирмите да исплатат плата, бескаматни кредити за компаниите, како и директна помош на граѓаните преку домашна платежна картичка и ваучери за туризам за невработени, за вработени со низок доход и за млади лица.
Бројот на луѓе кои добиле владина помош го покажува обемот на кризата. Платежна картичка добиле околу 324 илјади луѓе, околу 117 илјади вработени со ниски примања треба да добијат ваучери за домашен туризам, а повеќе од 22 илјади компании со 122 илјади вработени добија владина помош за исплата на минимална плата за месеците април, мај и јуни за да не отпуштаат вработени и да ги зачуваат работните места.
Сепак, и покрај тоа, податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека од крајот на февруари до крајот на мај годинава, бројот на невработени се зголемил за 15 илјади луѓе. Просечната плата во земјава во мај била 26.390 денари, односно за 800 денари пониска отколку во февруари годинава. Прометот во индустријата во првите пет месеци од годинава е намален за 20 отсто во однос на лани, индустриското производство е намалено за 14,6 отсто, а бројот на туристи е намален за 63 отсто.
Економистите велат дека вистинскиот обем на кризата ќе излезе на виделина кога ќе престанат владините мерки за помош.
Јавниот долг на крајот на март годинава, пред пандемијата на коронавирус да пристигне во земјава, достигна 5,56 милијарди евра, односно 50,7 проценти од БДП-то. Но, поради справување со економските последици од пандемијата на коронавирусот, оттогаш Македонија се задолжи уште за 1,2 милијарди евра. Земјава издаде еврообврзница од 700 милиони евра, зеде заем од Меѓународниот монетарен фонд во износ од 176 милиони евра, од Светска банка во износ од 140 милиони евра и од Европската унија од 160 милиони евра. Според владата, со ова се затвора финансиската конструкција за потребите годинава, односно дефицитот проектиран на 6,8 проценти од БДП со ребаланс. Од тие пари за стари долгови треба да се вратат 700 милиони евра, но долгот сепак ќе се зголеми за најмалку половина милијарда евра, односно ќе надмине 56 проценти од БДП-то.