Достапни линкови

Вести

Позитивни резултати на вакцината од Оксфорд

Експериментална вакцина на компанијата АстраЗенека и Универзитетот Оксфорд покажала имунолошки одговор во раните фази на клиничките испитувања на здрави волонтери, покажуваат најновите податоци.

Вакцината, наречена АЗД1222, која АстраЗенека и научниците од британскиот универзитет во Оксфорд ја развиваат заедно, не предизвикала сериозни несакани ефекти и довела до имунолошки реакции на антитела и Т-клетките, се вели во студијата објавена во медицинското списание „Лансет“.

„Има уште многу работа да се направи пред да можеме да потврдиме дали нашата вакцина може да помогне во борбата против пандемијата со ковид-19, но овие први резултати се ветувачки“, изјави Сара Гилберт, која работи на развивање на вакцината, пренесува Ројтерс.

„Сè уште не знаеме колку силен имунолошки одговор треба да предизвикаме за ефикасно да се заштитиме од инфекција со коронавирус“, додаде таа.

Компанијата АстраЗенека и Оксфорд веќе потпишаа договори за производство на две милијарди дози на вакцината. Студијата е спроведена на 1.077 здрави возрасни кои не страдале од КОВИД-19.

„Денешните податоци ја зголемуваат нашата самодоверба дека вакцината ќе делува и ни овозможува да продолжиме со нашите планови за производство на вакцината за широко распространета употреба“, изјавиМене Пангалос, извршен потпретседател на АстраЗенека.

Следните чекори на истражувањето ќе вклучат повеќе од 10 000 луѓе од Велика Британија. Сепак, според БиБиСи, тестирањето ќе биде проширено и во други земји затоа што нивото на коронавирус во моментов е ниско во Велика Британија. Повеќе од 30 000 ќе бидат вклучени од САД, 2.000 од Јужна Африка и 5.000 од Бразил.

види ги сите денешни вести

Милитанти убиле најмалку 7 пакистански војници во Белучистан

Последиците од нападот на милитантите во Пакистан
Последиците од нападот на милитантите во Пакистан

Најмалку седуммина припадници на пакистанските паравоени сили се убиени, а 13 други се ранети во напад на милитанти на контролен пункт во планинската област Калат на околу 150 километри од Квета, главниот град на југозападната провинција Балучистан, соопшти Али Гул Балоч, заменик полициски комесар во Калат, за Радио Машаал на РСЕ.

Премиерот Шехбаз Шариф го осуди нападот, за кој одговорноста ја презеде сепаратистичката милитантна група Ослободителна војска на Балучистан (БЛА).

БЛА со децении водеше бунт против пакистанската држава, вршејќи претежно мали напади против владини сили.

Дијабетесот во подем - 130.000 со и илјадници без дијагноза

Илустрација - анализа на количина на шеќер во крвта
Илустрација - анализа на количина на шеќер во крвта

Дијабетесот во Северна Македонија е во подем и има околу 130 илјади дијагностицирани пациенти, како и уште половина од оваа бројка лица кои не се дијагностицирани.

Ова беше истакнато на денешниот (16 ноември) настан организиран од Сојузот на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија (СЗДСМ), каде по втор пат се одбележа Светскиот ден на дијабетесот – 14 ноември.

Претседателот на СЗДСМ, Димче Велев, повика на решавање на предизвиците на македонските дијабетичари.

„Пред се достапност на иновативната терапија, да се продолжи со инсулинската терапија како што е, да се промени моделот на достапност на т.н. референтна цена, каде што граѓанинот, односно пациентот сам ќе си зема од аптека, систем за сите лица со дијабетес тип 1 во Македонија со цел да се намалат компликациите“, рече Велев.

Тој нагласи дека кардиоваскуларните заболувања се процентуално најзастапени меѓу пациентите, потоа ретинопатијата, затоа, додаде, потребно е час поскоро да се стави терапијата за ретинопатијата на позитивната листа.

Заменик министерот за здравство Јовица Андовски, пак, истакна дека Министерството преговара со Светската здравствена организација (СЗО) за проширување на превентивните програми.

Ѓорѓина и Марио:„Да им помогнеме на лицата со дијабетес“
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:12 0:00

Светскиот ден на дијабетесот, денеска на Плоштад Македонија го одбележа и Асоцијацијата за детски дијабет на Македонија – Баланс МК.

Таму, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски истакна дека планот на ФЗО за следната година е да се затворат разговорите со Синдикатите и матичните лекари, а потоа да се утврдат средствата со кои располагаат за лековите на позитивната листа.

„Ние сме земја со една од најголемите преваленции на дијабетес во светот, заради тоа што ги имаме сите ризик фактори кои го предизвикуваат дијабетесот, а тоа е дебелината“, посочи претседателката на Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Македонија, Татјана Миленковиќ, на прес-конференција по повод Светскиот ден на дијабетесот, која се одржа на 14 ноември.

Бројот на луѓе кои живеат со дијабетес се зголеми од 200 милиони во 1990 година на 830 милиони во 2022 година, а преваленцата се зголемува побрзо во земјите со низок и среден приход отколку во земјите со високи приходи, објави СЗО.

Над половина од луѓето кои живеат со дијабет не земале лекови за болеста во 2022 година. Опфатот со третманите бил најнизок во земјите со низок и среден приход, истакнуваат од организацијата.

Сиљановска Давкова формираше Совет за млади

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова
Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова формираше Совет за млади, како повремено работно тело кое ќе ги разгледува и анализира прашањата поврзани со младите, младинските политики и иницијативите кои произлегуваат од потребите на младите со цел да се унапреди нивната положба во општеството, соопштуваат од нејзиниот кабинет.

Советот се формира во пресрет на 17 ноември, Меѓународниот ден на студентите. Има претседател и 19 члена, а во неговата работа можат да бидат поканети да земат учество и научни и стручни работници, претставници од научни образовни установи, младински и студентски здруженија, како и претставници на организациите на стопанствениците од земјата.

За претседателка е именувана Лина Рангелова, а за членови на советот, претставници од Министерство за образование и наука, Министерство за социјална политика, демографија и млади, Министерство за спорт, координатор на Клуб за младински прашања и политики како и други младински претставници.

Зеленски е за „дипломатски“ крај на војната догодина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Самитот на лидерите на ЕУ во Брисел, фото архива, 17 октомври 2024.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Самитот на лидерите на ЕУ во Брисел, фото архива, 17 октомври 2024.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска (16 ноември) изјави дека би сакал да стави крај на војната со Русија следната година „со дипломатски средства“, пренесе АФП.

„Од наша страна, ние мора да направиме се што можеме за да обезбедиме оваа војна да заврши следната година. Мораме да ја завршиме дипломатски“, рече Зеленски во интервју за украинско радио.

Неговата изјава доаѓа еден ден откако рече дека конфликтот ќе заврши побрзо од очекуваното кога Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата претседател на САД следната година.

Од почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година, немало никакви преговори меѓу двете земји. Сепак, како што пренесува АФП, претседателството на Трамп покренува прашања за иднината на конфликтот, при што самиот Трамп постојано изјавува дека, по доаѓањето на власт, „брзо ќе ја заврши војната“.

Во последното интервју Зеленски рече дека Украина „мора да разбере што сакаат Русите“.

Осврнувајќи се на Украина, тој рече: „Вие сте во војна со земја која не го цени својот народ, која има многу опрема, на која не и е грижа колку луѓе ќе загинат“.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ќе прифати преговори со Украина само доколку Киев ја предаде украинската територија окупирана од Москва.

Кремљ соопшти дека Путин го повторил тоа барање во телефонскиот разговор со германскиот канцелар, Олаф Шолц, во петокот (15 ноември). Зеленски ги отфрли условите на Путин.

Во меѓувреме, борбите во Украина продолжуваат. Москва постигна напредок во источна Украина од летото, според АФП, приближувајќи се кон клучните точки како Покровск и Курахово. Зеленски, пак, денеска изјави дека руските сили трпат големи загуби и дека акцијата на руската армија е „забавена“ во некои области.

Мицкоски: Не планираме уставни измени, туку да се бориме

Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски
Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски

Не знам дали ќе има некаков напредок, но промена на нашата поизиција нема да има. Вака одговори премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање за тоа колку е реално да се очекува некакво придвижување на интеграциите до крајот на годината, откако во Бугарија пропадна и третиот обид да се избере прв човек на парламентот.

На новинарското прашање дали можеби се планираат уставните измени тој одговори негативно.

„Не, тоа секако не се планира. Туку, не знам дали е можно да се направи некаков исчекор, но знам дека ќе сториме се што е во наша моќ, да се обидеме нашето прашање да го претставиме онака како што е, пред сите светски авторитети“, рече Мицкоски.

Тој најави дека во декември два пати ќе престојува во Брисел, каде ќе може повторно да разговара за нашето прашање поврзано со деблокада на евроинтеграциите.

„Ќе се бориме и битно е да победуваме, и мислам дека од поразите што ги нижевме изминативе седум годии постепено полека излегуваме од таа летаргија и почнуваме да победуваме, малку ситно, но победуваме. Тоа е нашиот план, таа е нашата агенда“, рече Мицкоски рече по присуството на поставување камен темелник за надградба на училиште во скопски Бутел.

Инаку, бугарските пратеници не избраа нов претседател на вчерашната пленарна седница (15 ноември). Ова беше нивниот трет обид, по седмите парламентарни избори во рок од три години.

На неодамна одржаните парламентарни избори во Бугарија, партијата ГЕРБ на Бојко Борисов доби најмногу гласови, но недоволно за самостојно да формира влада.

Македонскиот премиер коментираше дека очекува добрососедство и продолжување на процесот на достоинствен начин, по средбата на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова со нејзиниот бугарски колега, Румен Радев, на Конференцијата за климатски промени-КОП29 во Баку, Азербеџан, на 13 ноември.

Инаку македонско – бугарските односи се нарушени по бугарското вето за старт на македонските преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во земјава. Софија во 2022 го повлече ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако Скопје го прифати францускиот предлог кој меѓу другото, предвидува бугарскиот народ да стане дел од македонскиот Устав.

Услов за одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ на која ќе се отворат кластерите од преговорите е вметнување на бугарската заедница во македонската Преамбула.

Лидерите на Г7 најавија „сериозен“економски напад врз Русија поради инвазијата врз Украина

Знамињата на земјите во групата Г7, фотографирани за време на министерски состанок во Германија, 3 ноември 2022 година
Знамињата на земјите во групата Г7, фотографирани за време на министерски состанок во Германија, 3 ноември 2022 година

Лидерите на групата Г7 на економски најразвиените демократски земји во светот, денеска (16 ноември) го повторија своето ветување дека ќе продолжат со сериозни економски мерки против Русија за нејзината инвазија врз Украина, објави Ројтерс.

Како што е најавено во заедничкото соопштение, мерките меѓу другото ќе опфатат и дополнителни санкции и контрола на извозот. Лидерите на Г7 ветија и дека ќе го поддржат Киев „се додека е потребно“.

„Русија останува единствената пречка за праведен и траен мир“, се вели во денешната заедничка изјава, усвоена „за поддршка на Киев како што се приближува илјадитиот ден од руската агресивна војна против Украина“.

Во 2024 година, Италија претседава со Г7, во која се вклучени и САД, Канада, Јапонија, Франција, Германија и Велика Британија.

„Г7 ја потврдува својата посветеност да наметне сериозни трошоци за Русија преку санкции, контрола на извозот и други ефективни мерки. Ние сме обединети со Украина“, се додава во соопштението.

Г7 и обезбеди на Украина заем во вредност од 50 милијарди американски долари, а средствата беа обезбедени преку приходи од камати на руски средства замрзнати под западните санкции поради нејзината инвазија врз Украина.

update

Претседателот на Абхазија „подготвен да поднесе оставка“ ако демонстрантите го напуштат парламентот

Абхазискиот водач Аслан Бжанија (во средина) разговараше со своите поддржувачи од неговото родно село Тамиш, на околу 40 километри од Сухуми.
Абхазискиот водач Аслан Бжанија (во средина) разговараше со своите поддржувачи од неговото родно село Тамиш, на околу 40 километри од Сухуми.

Аслан Бжанија, лидерот на грузискиот сепаратистички регион Абхазија, кој ја ужива поддршката од Москва, денеска (16 ноември) изјави дека е „подготвен“ да поднесе оставка доколку поддржувачите на опозицијата се согласат да ја напуштат парламентарната седница во главниот град Сухуми, извести грузиската служба на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Опозицијата повика на нов митинг на 16 ноември откако претходниот ден демонстрантите упаднаа во просториите на парламентот поради договорот за недвижнини со Москва и побараа оставка од Бжанија.

„Оние кои ги окупираа зградите, оние кои се обидоа да извршат државен удар, мора да го напуштат комплексот, по што сум подготвен да распишам избори, да поднесам оставка и да се кандидирам на нови избори“, им порача Бжанија на своите поддржувачи во неговиот роден град, во крајбрежното село Тамиш, на околу 40 километри од Сухуми, регионалниот главен град.

Опозицијата сепак е решена да ги игнорира барањата на Бжанија.

„Аслан Бжанија прибегнува кон очајнички обиди да ја спаси својата влада. Неговото владеење заврши“, се наведува во соопштението на таканаречениот Координативен совет на опозицијата.

Во ова соопштение, опозицијата го обвини Бжанија дека „ги збогатил своите роднини и тесниот круг на блиски луѓе“, повикувајќи ги приврзаниците на опозицијата да се соберат во главниот град Сухуми.

Прес-службата на Бжанија соопшти дека тој се наоѓал во неговото родно крајбрежно село Тамиш, на околу 40 километри од Сухуми, негирајќи ги информациите дека апхаскиот лидер се засолнил во руска воена база.

Локалните медиуми јавуваат дека на 15 ноември пратениците не го ратификувале договорот, за кој оние што се против стравуваат дека ќе им овозможи на богатите Руси да стекнат имот во регионот на Црното Море. Ова доведе до зголемување на цените на недвижностите и ги направи недостапни за локалното население.

Опозициските претставници рекоа дека откако првично побарале да се поништи договорот, демонстрантите почнале да бараат смена на Бжанија.

Бжанија кој е поранешен шеф на службата за безбедност на Абхазија, им порача на своите поддржувачи дека нема да поднесе оставка.

„Ве молам, не паничете, останувам во Абхазија“, рече тој во пораката на Телеграм. Додаде и дека разговорите со опозицијата продолжуваат.

Неколку часа претходно, на 15 ноември, демонстрантите насилно влегоа во зградата на парламентот и ја опколија резиденцијата на Бжанија, која се наоѓа во истиот комплекс со зградата на парламентот и владата во Сухуми.

Абхазија и Јужна Осетија се отцепија од грузиската власт по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година. Москва ја призна независноста на двата региона откако руските сили го одбија грузискиот обид да ја повратат Јужна Осетија во петдневната војна во летото 2008 година, која заврши со пораз на Грузија.

Повеќето земји сè уште ја признаваат Абхазија како дел од Грузија, но нејзината економија е речиси целосно зависна од Москва, која им дава плати на вработените во јавната администрација, како и социјални бенефиции за жителите.

Грузискиот проевропски претседател Саломе Зурабишвили одговори на тензиите во регионот што Тбилиси го смета за окупиран, обвинувајќи ја Русија дека „презема забрзани чекори кон анексијата“ на Абхазија.

Во Сухуми, локалните медиуми објавија дека стотици демонстранти се судриле со безбедносните сили, кои наводно употребиле солзавец за да ја растераат толпата.

Тензиите во регионот пораснаа во последните недели, а опозициските активисти бараат прекин на доминацијата на Русија во регионот, пред сè во економската сфера, иако опозициските партии на 15 ноември изјавија дека нивниот протест не е насочен против Русија. Тие истакнаа дека нивниот гнев е насочен кон Бжанија, кого го обвинија дека ги користи односите со Москва „за своја корист“.

Министерството за надворешни работи на Русија објави соопштение во кое портпаролката Марија Захарова ја обвини апхаската опозиција за пречекорување на законските средства и „провоцирање на ескалација“. Таа рече дека Русија не се меша и оти очекува ситуацијата „да се реши исклучиво со мирни политички средства“.

Захарова препорача сите руски граѓани во Абхазија да ја напуштат областа „ако е можно“, а останатите да се воздржат од патување во Абхазија.

За 14,4 насто намалени откупот и продажбата на земјоделски производи

Илустрација - Земјоделец на нива во Северна Македонија.
Илустрација - Земјоделец на нива во Северна Македонија.

Во третото тримесечје од 2024 година, откупот и продажбата на земјоделски производи во Северна Македонија е 4 703 216 илјади денари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Ова е намалување за 14, 4 отсто во однос на истиот период лани.

Откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е намален за 19.5 %, а продажбата на земјоделски производи од сопствено производство e намалена за 8.2 %.

Од вкупната вредност на откуп и продажба на земјоделски производи по групи, забелeжано е намалување на вредноста кај млечните производи, а зголемување кај рибата, лозарството и кај полјоделските производи.

Намалување на откупот и продажбата на сите земјоделски производи во земјава ДЗС забележа и лани во ноември. Тогаш податоците покажаа пад за 8, 2 %.

Од друга страна пак, и покрај добрите услови и плодната почва, статистиките покажуваат дека Северна Македонија полека станува земја зависна од увоз на храна.

Земјотрес во Дојран со јачина од 3 степени

Илустрација - Регистрирање за земјотрес.
Илустрација - Регистрирање за земјотрес.

Земјотрес со Рихтерова локална магнитуда ML3.0 е регистриран утрово (16 ноември) во 5 часот и 31 минути во епицентралното подрачје Дојран-Кукуш. Oва го соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Епицентарот бил на 130 километри југоисточно од Скопје. Земјотресот е почувствуван во Дојран и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала, покажуваат досегашните податоци на опсерваторијата.

Нови израелски воздушни напади врз јужен Либан

Чад над населбата Харет Хреик во јужните предградија на Бејрут на 16 ноември 2024 година, по воздушните напади на израелската армија.
Чад над населбата Харет Хреик во јужните предградија на Бејрут на 16 ноември 2024 година, по воздушните напади на израелската армија.

Израелската армија утрово (16 ноември) изврши нови напади врз упориштата на проиранското движење Хезболах во јужните предградија на Бејрут, откако го повика населението да се евакуира, пренесе АФП.

Агенцијата објави дека облаци чад се издигнуваат над јужните предградија на либанската престолнина.

Во пресрет на нападот, портпаролот на израелската армија преку социјалната мрежа Х ги предупреди жителите на населбата Харет Хреика да се евакуираат .

Израел почна да бомбардира цели во Либан на 23 септември, а на 30 септември започна копнена офанзива на југот на земјата.

Либанската државна новинска агенција (ННА) соопшти дека „непријателот“ извршил три воздушни напади, вклучително и еден во близина на Харет Хреик. Повторените израелски воздушни напади врз јужен Бејрут доведоа до масовен егзодус на цивили од областа, иако некои се враќаат во текот на денот за да ги проверат своите домови и продавници, пренесува АФП.

Во текот на ноќта Хезболах изврши и два ракетни напади врз штабот на пешадиски баталјон во северен Израел.

Поттикнат од војната во Појасот Газа, конфликтот меѓу Израел и Хезболах поддржан од Иран траеше една година пред Израел да започне офанзива во септември.

Соединетите Држави ја сметаат Хезболах за терористичка организација, додека Европската унија на црната листа го става само нејзиното вооружено крило, но не и политичката партија која има места во либанскиот парламент.

Израел му нанесе тешки удари на Хезболах, убивајќи многу од неговите водачи, вклучително и Хасан Насрала, и остави пустош во јужен Либан.

Според податоците на либанските власти, од октомври минатата година во израелските напади во таа земја загинале повеќе од 3.400 луѓе. Како резултат на конфликтот со Израел, штетите на инфраструктурата и економските загуби на Либан достигнаа, според проценките на Светска банка, повеќе од осум милијарди американски долари.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG