Достапни линкови

Загадениот воздух може да ја зголеми смртноста од Ковид-19


Главниот град Скопје во периоди од зимската сезона е на врвот на листата најзагадени градови во светот со повеќекратно зголемени концентрации на аерозагадување.
Главниот град Скопје во периоди од зимската сезона е на врвот на листата најзагадени градови во светот со повеќекратно зголемени концентрации на аерозагадување.

Долгорочна изложеност на загаден воздух може да биде значаен фактор за смртност од коронавирусот, покажуваат универзитетски студии. Македонија е една од земјите со најзагаден воздух во Европа, но властите засега не најавуваат дополнителни мерки вон оние во Планот за чист воздух.

Во периодот по избувнувањето на пандемијата на Ковид-19 објавени се истражувања кои покажуваат дека високото ниво на аерозагадување може значително да придонесе за предизвикување на смртни случаи на пациенти заразени од коронавирусот.

Таква студија неодамна објави германскиот Универзитет Мартин Лутер од Хале Витенберг, чии резултати покажуваат дека долгорочна изложеност на загаден воздух може да биде еден од најзначајните фактори за смртност предизвикана од Ковид-19 во регионите во светот каде има високо ниво на аерозагадување.

Повеќе градови во Македонија имаат проблем со загадување на воздухот, особено главниот град Скопје кој за време на зимската сезона е на врвот на листата најзагадени градови во светот.

Анализите во студијата на Универзитет Мартин Лутер покажале дека од бројот на смртни случаи од коронавирус во 66 административни региони во Италија, Шпанија, Франција и Германија, 78 проценти од нив се случиле само во пет региони и тие биле најмногу загадени.

Во студијата земени се предвид нивоата на азот диоксид – загадувач главно од дизел автомобили, како и временските услови кои ги задржуваат штетните емисии во воздухот во градовите.

Многу други студии покажуваат дека изложувањето на азот диоксид предизвикува штети врз здравјето на луѓето, особено заболување на белите дробови што ја зголемува веројатноста за смртност кај луѓе заразени од Ковид-19.

Сепак, се наведува дека студиите покажуваат силна корелација за смртност меѓу загаден воздух и Ковид-19, но не и причинско-последнична врска.

Во оваа насока побаравме одговори од македонскиото Министерство за здравство, за тоа дали институцијата и Комисијата за заразни болести ја разгледуваат оваа ситуација со оглед дека проблемот со аерозагадувањето во земјава е долготраен, но оттаму не добивме одговири.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за РСЕ велат дека во земјава сериозен проблем е загадувањето со ПМ10 честичките и посочуваат дека со владиниот План за чист воздух за прв пат кон прашањето се пристапува со посебен буџет за спроведување на мерки во континуитет.

„Со Планот за чист воздух системски се делува врз изворите на загадување“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Оттаму наведуваат дека не може веднаш да се реши проблемот, но дека се направени бројни интервенции врз одредени загадувачи и дека се надеваат дека ќе продолжи имплементацијата на Планот за чист воздух.

ВИДЕО - Ковид-19 да не ги „изеде“ парите за борба со аерозагадувањето

Николовска - Опоравувањето од пандемијата треба да биде зелено
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:05 0:00

Активистите за заштита на животната средина, пак, велат дека не очекуваат дека властите во земјава ќе ја земат предвид корелацијата на аерозагадување и Ковид-19.

Елена Николовска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“ вели дека властите врз проблемот треба да пристапат посериозно, но според неа во минатото се покажало дека тие не можеле да се справат со повеќе кризи истовемено.

„Видовме дека во изминатите грејни сезони работеа во насока на замена на системот за греење во некои јавни објекти на струја, на пример, како би отфрлиле мазут и нафта, тоа е супер, треба да продолжи и треба да се интензивира, меѓутоа малку повеќе ме плаши дека оваа грејна сезона изговор ќе ни биде дека сите пари сме ги потрошиле или ги трошиме на кризата. За тоа потенцирам дека тоа не треба да се случи во ниту еден случај и дека ние уште сега мора да одвоиме финансии за сезоната на високо аерозагадување, бидејќи ќе имаме сериозен проблем“, вели Николовска.

Планот за чист воздух Владата го донесе во 2018 година, поради потреба за воведување на посебна програма за решавање на проблемот со аерозагадувањето како најголем причинител за предвремена смртност и зголемен број на заболувања кај луѓето.

Целите на програмата беа во Скопје за 50 проценти да се намали загадувањето на воздухот до 2020 година, а во другите градови од 30 до 50 проценти.

Според извештаите на Европската агенција за животна средина, Македонија во однос на аерозагадувањето е најлошо рангирана во Европа со најзагаден воздух во градовите, а според Светската здравствена организација (СЗО) аерозагадувањето во земјава е главен причинител за над 1.300 смртни случаи годишно и зголемен број на лица со респираторни заболувања.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG