Достапни линкови

Говор на омраза на мурал за заедништво


Мурал на фасадата од битолското кино „Партизан“
Мурал на фасадата од битолското кино „Партизан“

На битолското кино „Партизан“ беше исцртан мурал за отворањето на АКТО фестивалот која испраќаше порака за заедништво. Но, за само 24 часа беше испишан со говор на омраза.

„Црни, бели, калеши, жолти, заборавете на старите кавги. Штом муабет почнете со луѓето здружни, набрзо сите ќе бидеме сложни“, стои на муралот на фасадата од битолското кино Партизан. А веднаш под него, за 24 часа беше испишана порака со говор на омраза.

Мурал на фасадата од битолското кино „Партизан“ со испишаната порака со говор на омраза
Мурал на фасадата од битолското кино „Партизан“ со испишаната порака со говор на омраза

„Испишаните нови пораки се само доказ дека ксенофобијата, национализмот и нетрпеливоста која беше создавана и негувана изминатава декада во државата сеуште постои. Тоа за мене е застрашувачки. Пораките со кои беше уништен муралот се сосема обратни од пораката која сакавме да ја испратиме. Ние поттикнуваме солидарност, заедништво, почитување на различните, „тие” посакуваат смрт на различните. Идејата на оваа уметничка интервенција што ја правевме беше да пркоси на национализмот и ксенофобијата. Очигледно и за жал тоа ни „успеа”, вели Филип Јовановски, визуелен уметник, уметнички директор на АКТО.

Со муралот беше отворена програмата на 15-ти АКТО, кој е во организација на Факултет за работи што не се учат (ФР~У). Муралот ја пресликува Песната за солидарност на Бертолт Брехт. Автори на муралот се Милош Милетиќ и Мирјана Радовановиќ, од колективот КУРС од Белград.

„Изненадени сме од брзината со која е оштетен муралот, но не не изненади што на него е испишана фашистичка порака. Ние веќе со години цртаме мурали кои промовираат антифашизам, еднаквост и наследство на револуционерна борба (пред се на Народноослободителното движење на Југославија) со спефицична естетика. Често комбинираме многу јасна симболика со револуционерна поезија. Нашите цртежи се често апстрактни и симболични (како муралот во Битола), но и покрај тоа десничарите се чувстуваат прозвани со нашите мурали и тие им пречат. Ќе излажеме ако кажеме дека не ни е жал што муралот е оштетен, но од друга страна ова е доказ дека нашето уметничко дело успеало, дека испративме јасна порака која ги натера фашистите да се почувствуваат загрозени. Ако нашиот мурал успеа да привлече внимание дека фашизмот е сеприсутен, ние сме задоволни затоа што тоа е максимумот што може да се очекува од еден мурал“, изјави Милетиќ.

Авторите на муралот, Милош Милетиќ и Мирјана Радовановиќ од колективот КУРС од Белград
Авторите на муралот, Милош Милетиќ и Мирјана Радовановиќ од колективот КУРС од Белград

Годинава програмата на АКТО потсетува на вредностите за кои сите овие изминати години се бори и ги промовира, односно токму анти-национализмот, антифашизмот, антидискриминација, почитување на различностите, почитување на соседите, солидарноста, помагањето на послабите, слободата и критичката мисла, против насилството и родовата рамноправност.

Покрај во Битола, тие планираат и цртање на мурали и во Скопје, Гевгелија, Велес, Прилеп, Штип и Кочани.

„Иницијативата за исцртување на мурали на јавни простори има за цел на креативен начин да зборува за одредени теми кои покренуваат и мобилизираат не само поединци туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество. А токму заедништвото и заедничкото, како и културата на солидарноста, се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фоскурираме во време на пандемијата со корона вирусот“, соопштија организаторите, додавајќи дека оваа програма „критички ги адресира, преиспитува и истражува прашањата поврзани со модерното визуелно и архитектонско наследство“.

Според Јовановски, многу е тешко национализмот и нетрпеливоста кон различните да се надмине за брзо време.

„Општеството, сите ние, имаме трауми од тој период. Поттикнувањето на нетрпеливоста често и завршуваше со насилство, насилство кое на крајот кулминираше во парламентот. Еве ги последиците кои ги чувствуваме на секој чекор, замислете ваква реакцијата со говор на омраза за само едно уметничко дело. Искрено најмалце го очекував ова“, вели Јовановски.

Тој додаде дека додека се подготвувале за муралите добиле информација дека на овие пораки низ градовите ќе има групи кои ќе реагираат. Но, како што вели тој, „затоа е важно тие што се занимаваат со јавна дејност, пред се во културата, да праќаат пораки и акции за заедништво“.

АКТО фестивалот се одржува секој август во Битола, а ФР~У започна да го организира во 2006 година. Факултет за работи што не се учат (ФР~У) е организација на културни работници кои функционираат во полињата на едукација и продукција на современи визуелни уметности и култура, со посебен фокус на истражувачката методологија, учеството и колективната акција во различни социополитички и културни контексти. Идејата на ФР~У се однесува на едукативни и на практични структури, содржејќи работи/предмети/часови кои предлагаат и истражуваат нови модели на предавање и учење. Формиран е во 2000 година како неформална платформа на повеќе уметници, студенти на драмски, архитектурни студии и визуелни уметности, додека во 2003 е основана организацијата за продукција на современи уметности и културни настани.

XS
SM
MD
LG