Достапни линкови

Шират корона на свадби и мекици


Илустрација
Илустрација

Растот на бројот на заболени од коронавирус во земјава е главна тема во сите медиуми. Многу заразени има на свадба во Скопје со 100 гости и на мекици во Охрид со 200 гости. Паралелно со ова се разговара за датумот за избори.

Во Македонија се случува она што се случува: главна тема во медиумите се големиот број новозаразени од корона вирусот, отпорот на заболените и нивните семејства да даваат точни информации за контактите и симптомите на болеста, инцидентите по болниците од страна на семејствата кои им се закануваат на лекарите зашто веднаш не им ги даваат починатите да ги погребат, а трeба да се погребат по специјални протоколи поради тоа што биле позитивни на вирусот и, се разбира - изборите.

„Министерот Венко Филипче ги моли заразените пациенти да не даваат лажни податоци за контактите“ – објави Нова Македонија делови од неговата прес-конференција во четвртокот. Порталот СДК.МК со детали за порастот на новозаболени од короната, за што информира и министерот за здравство: „Растот на новозаболените доаѓа од кластер од свадба со 100 гости во Скопје и мекици со 200 гости во Охрид“.

Нова Македонија исто така објави: „Од штипските фабрики со корона вирус се заразени 126 вработени, 24 се во болница, Филипче вели дека ситуацијата во Штип и во тетовскиот регион се смирува, останува Скопје, посебно Чаир, каде што епидемиолозите се соочуваат со проблеми околу давањето вистинити податоци и контакти“.

Порталот СДК.МК, пак, ја пренесува следнава изјава на Филипче: „Заменик-министерката за финансии од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриевска – Кочоска 2 месеца го кочи итниот кредит за корона кризата од Светска банка не потпишувајќи ја одлуката“. Порталот дополнува дека 90-те милиони евра се наменети за зајакнување на капацитетите на здравството за справување со КОВИД-19, за финансирање на придонесите за здравствено осигурување за невработените и за ранливите групи итн.

Онлајн магазинот Глобус го објавува истражувањето на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ што го спроведоа Метаморфозис и ЕВРОТИНК, дека Вечер, Сител и Република на почетокот на месецов објавиле лажна вест дека „Грција селективно ќе пушта наши граѓани, а жителите од Тетово, Чаир, Сарај, Бутел и Арачиново, како и од Шуто Оризари добиваат забрана за влегување во таа земја. Вакви дезинформации служат за поттикнување меѓуетнички тензии и нетрпеливост врз верска основа“, се наведува во извештајот на проектот, а го пренесе неделникот Глобус.

Неделникот Фокус на насловната со цитат од интервјуто со техничкиот премиер, Оливер Спасовски: „Датумот за изборите е завршена тема за Владата“.

Вечер и порталите Република и Курир се полни со наслови извадени од интервјуто на првиот човек на СДСМ, Зоран Заев за ТВ21: „СДСМ ќе победи со 6 до 10 пратеници, ДУИ ќе оди во опозиција ако поставува услови за премиер Албанец“; „Заев сака избори свесен дека состојбата со корона вирусот излезе од контрола: ʼБројките можат да бидат вакви до крајот на годината!ʻ“; „Паметот им е само во избори – ВМРО-ДПМНЕ не го прифати предлогот на СДСМ изборите да се одржат на 8 јули и најостро ги демантира лагите на Заев дека ова е преговаран датум“; „Претседателе, се слушаме?! Вонредното го прават редовно, ненормалното нормално“ – напиша претседателот на опозициската партија, Христијан Мицкоски на својот ФБ профил пред обраќањето на претседателот Стево Пендаровски во врска со изборите и состојбата со ковид-19, а го објавија Република и некои други портали.

Фокус напиша: „Корона пандемија плус изборна епидемија е рамно на ковид-19 на квадрат. Показна вежба, и тоа џандарска, видовме на скопската Боемска. А, нели Мицкоски тврдеше дека власта го следи на секој чекор! Ако сериозно верувал во тоа, да не мислел дека со заштитна маска на лицето ќе им биде непрепознатлив? Но, оваа наша ʼБоемска рапсодијаʻ ја наслика жалната слика за полицискиот ресор“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG