Достапни линкови

Корона-кризата го одложи отворањето на граничниот премин Маркова Нога


Граничниот премин Маркова Нога - Герман на македонско-грчката граница, кој се уште не е отворен.
Граничниот премин Маркова Нога - Герман на македонско-грчката граница, кој се уште не е отворен.

Поради пандемијата на коронавирус беа одложени средбите меѓу македонски и грчки претставници за отворање на граничниот премин Макова Нога – Герман во Преспа. Преминот е затворен 52 години, а неговото отворање беше најавено при потпишувањето на Преспанскиот договор за промена на името.

Корона кризата одложи дел од средбите кои се водеа меѓу претставници на Министерствата за надворешни работи на Македонија и Грција за активностите за отворање на граничниот премин Маркова Нога - Герман на македонско –грчката граница во Преспа, вели министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Дополнителни средби се договорени за октомври.

„Дел од разговорите кои ги водеше МНР со грчкото Министерство за надворешни работи беа во насока на интензивирање на тие средби, но токму поради здравствената криза тие средби беа одложени. Не би шпекулирал со термин кога ќе се отвори, но мислам во брз период. Се работи на решавање на тој проблем и да се направи добра работа нашите две држави поинтензивно да соработуваат, но и на тие луѓе кои живеат во тие предели да им овозможиме да го користат тој граничен премин“, рече Сугарески.

Во меѓувреме, од двете страни на границата течат градежни работи.

„Свлечиштето на регионалниот пат Макази - Маркова Нога од македонска страна се санира. Ќе се зголеми сериозно безбедноста на возачите, граѓаните и сите туристи кои минуваат од таму. Од грчка страна има тампонирање на патот. Во октомври треба да има дополнителни средби, согласно програмата за прекугранична соработка од каде ќе биде финансиран преминот, да биде ставен во функција“, додаде Сугарески.

Уште лани во октомври беше најавено дека ќе биде вложена поголема сума пари за отворање на граничниот премин Маркова Нога - Герман, како и за развој на Преспанскиот Регион каде беше потпишан Преспанскиот договор. Обезбедени беа 4,5 милиони евра за отворање на преминот, а преку ЕУ фондовите до крајот на 2020 година предвидени се дури 45,5 милиони евра за прекугранична соработка на општини од двете страни на границата.

Рампата на овој граничен премин е спуштена 52 години. Преминот Маркова Нога - Герман некогаш се минувал само со лична карта, но во 1968 година беше затворен и досега не проработи. Жителите се во исчекување да биде отворен и да донесе туристички развој на Преспа од двете страни на границата.

„Отворањето на преминот би значело економски развој. Ова овде е мртва точка, како крај на светот. Право не се оди, само назад. Бидејќи жителите од селата претежно си заминаа, барајќи работа во Скопје, можеби ако туристички се развие местото ќе се вратат и ќе работат

тука. Последното село на македонска страна, Долно Дупени имаше 700 жители, а денес 120. Имаме училиште со тројца ученици. Најблиското село од другата страна е Раби на 2 километри. Но, за да одиме таму ние мора да вртиме околу од кај друг граничен премин Меџитлија дури 100 километри“, вели Зоран Димовски, сопственик на продавница во Долно Дупени.

„Да се отвори во интерес е на сите, ќе има поголема фреквенција на движење, промет, селата изумреа од оваа страна, сите се иселуваа“, рече Леко Митревски.

Во Преспа пред две години беше потпишан Преспанскиот договор со што се стави крај на долгогодишниот спор за името со Грција.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG