Достапни линкови

Спуштената рампа на Меџитлија ги прекина трговските врски со Грција


Наместо граничниот премин Маркова Нога во Преспа да ја дигне рампата, неа ја спуштија и на преминот Меџитлија-Ники на македонско-грчката граница. Еден месец границата е затворена освен за товарни возила, со што се прекинаа дел од трговските и пред се социјалните врски што постоеја меѓу жителите од двете страни на границата. Пред опасноста од коронавирусот дневно овој граничен премин го минуваа стотици жители од околните погранични општини.

Во Битола, Грците доаѓаа да ги прослават празниците, да ручаат по ресторани, да се облечат, да посетат фризер, забар, протетичар, да купат производи по маркетите и пазарите, да си ги видат роднините. Битолчани, пак, беа редовни посетители во маркетите пред Лерин, одеа да каснат гиро, на шопинг во Солун и Птолемаида, набавуваа лекарства по аптеките и за викенди беа редовни гости во топлите бањи на Лутраки.

Пазарџиите во Битола се жалат дека пред Велигден ќе ја имаа најголемата заработка, а сега ќе останат со празни џебови.

„Јас сум трговец поединец, со години сум во чаршијата, продавам чинии, кофи пластични, садови. Промет од луѓето од Грција правев. Осумдесет отсто со нив работам. Сега нема. Не мрда ништо. Проблем е. Криза ќе биде дури да почнат да доаѓаат. Тие ми правеа многу промет. Поевтино им давав. Што ќе купуваат нашите таму, шетаат повеќе и лекови ако купат. Тука пазарат тие и кај мене и во цел пазар доаѓаа нашите од Грција.“

„Ги немам сретнато со денови. Нема промет, земаат инаку зеленчуци“,

„Слабо е, Грците веќе не доаѓаат“,

„Прометот е преполовен“, велат пазарџиите.

Се жалат и жителите од грчката страна на границата, посебно оние кои ги користеа стоматолошките услуги во Битола, кои се далеку поевтини отколку во Грција.

„Проблем е за забите“,

„Проблем е со коронавирусот, да видиме како ќе биде. Во Битола и јас и сопругата ги поправавме забите, а децата тука ставија фиксни протези. Услугите ни беа поевтини отколку кај нас. Сега не може да дојдеме на корекција“, велат жители од Лерин.

Граничниот премин Меџитлија-Ники е затворен од 14 март. Токму од тој премин во земјава влегуваа и нашинци кои од Италија се враќаа доаѓајќи со бродови на пристаништето Игуменица во Грција. Кога ќе се подигне рампата, ќе зависи од состојбата со ширењето на коронавирусот.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG