Достапни линкови

Политичко-здравствен микс – Коронавирус и избори


Лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски на 18 мај
Лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски на 18 мај

Преговорите за датум за одржување на предвремените избори станаа главна политичка тема во земјава во време на пандемијата на коронавирус. Сега се калкулира и со здравствените и политичките аспекти на кризата.

Веќе некое време изборите ја навјасаа короната, барем што се однесува до медиумите. И ако на почетокот пазарењата околу датумот на изборите се двоеше од вестите за КОВИД-19, тие сега сѐ повеќе се испреплетуваат, па се добива една политичко - здравствена мешавина.

Нова Македонија ги има следниве наслови: „Мицкоски: Датумот за избори да биде одреден со консензус“, иако во изјавата додава дека комуникација за одредување на датумот постои, но не сакал да коментира повеќе. Истиот весник прави преглед на изјавите на Христијан Мицкоски, Зоран Заев и на техничкиот премиер, Оливер Спасовски прашувајќи во насловот: „Дали бојкот на изборите е опција за изборите?“, алудирајќи на последното видео-обраќање на Мицкоски дека е можен бојкот доколку се одлучи изборите да се одржат во јуни.

Слободен печат насловува: „Избори: Сите бараат начин да се одржат, ВМРО-ДПМНЕ причина да се одложат! В сабота ќе се одлучува за евентуално продолжување на вонредната состојба, партиите сѐ уште без договор за датум за избори“.

Неделникот Фокус во уводникоткако да пишува со малку иронија: „Избори во јуни ќе имаат и Исланд, Франција и Србија. А во јули Шпанија, Хрватска и најверојатно Косово. Кога веќе можат да работат кафеаните, да се отворат казината и спортските обложувалници, а се размислува и за начинот на организирање спортски и културни настани, зошто не би требало да се оди на избори“.

Слободен печат излезе со насловна страница: „Отсега ќе нѐ штитат маска, растојание и памет в глава – речиси сите мерки укинати, ни остана само вирусот!“

Вечер забележува во свој стил: „Толку беше – се заборави на маските: Регистрирани 440 прекршоци на неносење маска“, а во непотпишан текст вели: „Филипче сега не го секира високиот број починати и заразени, а за помалку од тоа ја затвори Македонија“.

Порталот Република со прашање во насловот: „Ќе одговараат ли Филипче, Караџоски и Комисијата за новите починати и заболени?“ Овој портал го следи и лидерот на СДСМ, Зоран Заев: „Пред избори не сме ʼСевернаʻ: Заев порача дека ʼнашата татковинаʻ има потреба од избори“.

Порталот Курир има ваков наслов: „Владата на Заев и Спасовски ја изгуби контролата: Филипче убедува дека животот се враќа во нормала додека броиме заразени и жртви!“

Порталите Плусинфо и Република го објавуваат мислењето на универзитетскиот професор и аналитичар, Љубомир Фрчкоски искажано на ТВ21: „Ќе се продолжи вонредната состојба, за потоа да го испеглаат датумот за изборите кои ќе бидат во средината на јули“.

Неделникот Капитал со заедничка поента: „Политичката и здравствената криза се решаваат заедно – Ако сите политички чинители се согласат дека е недозволиво да немаме Собрание и дека ова што го имаме не личи на Влада, тогаш наместо воопшто пандемијата да се доведува во каков било контекст, би требало да се насочи сета енергија кон организирање безбеден и демократски изборен процес. Здравствената криза, паралелно, треба да се решава, независно од овој тек и да не се злоупотребува на никаков начин – просто – да се раздвојат тие два процеси“ – смета Капитал.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG