Во очекување на нова лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски на која се очекува договор меѓу политичките партии за датум за избори, францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние вели дека би било добро изборите да се одржат што побрзо. Во интервју за нашето радио кое ќе се емитува в недела, тој вели дека демократските општества, имаат потреба од функционални институции кои ќе се справуваат со последиците од епидемијата со коронавирусот.
„Ние сите работиме под притисок на овие прашања поврзани со здравјето на луѓето кои се приоритетни и не треба да заборавиме дека нашите демократски општества имаат потреба од функционални институции бидејќи најголемите потешкотии потоа ќе се појават за да се смират последиците од епидемијата. Треба да се донесат низа економски мерки и одлуки кои би можеле да се донесат само од страна на легитимни институции, а кога ќе се случи гласањето тешко е да се одговори. Наша желба е колку што е можно побрзо, а, кога мислам колку што е можно побрзо, за тоа е потребна политичка, но и објективна одлука, која се базира врз здравствената состојба во земјата“, вели Тимоние во неделното интервју.
Неофицијално датумот кој се споменува во јавноста е петти јули, но официјален договор се уште нема. Партиите не кријат дека постои меѓупартиска комуникација околу одредувањето датум, но засега јавно ништо не соопштуваат. Во меѓувреме претседателот Стево Пендаровски закажа седница на советот за безбедност за в сабота, кога и официјално ќе се знае дали вонредната состојба ќе биде укината или ќе се продолжи.
СДСМ, прво инсистираа на избори на 21 јуни, односно 22 дена по завршување на вонредната состојба. Од партијата се подготвени да разговараат и велат дека има можност за поместување, но сепак наведуваат дека изборите треба да се одржат во првиот можен рок.
Од ВМРО-ДПМНЕ не откриваат детали за партиските договарања околу нов можен датум, но сметаат дека избори на 21 јуни е незаконско и со нив би се прекршил Изборниот законик. Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев во минатонеделното интервју за нашето радио изјави дека избори во јуни нема да има, а доколку тоа се случи, сите опции, па дури и бојкот се на маса.
Амбасадорот Тимоние пак вели дека ова е хипотетичко прашање, но неговиот општ став е дека бојкотот не е решение за кој било демократски систем.
„Ова е навистина хипотетичко прашање. Генерално кажано бојкотот не е решение во рамки на еден демократски систем, освен ако има навистина силни причини поради кои би можело гласањето да не биде искрено. Затоа ќе треба да се расудува потоа. Но, во општ интерес е да има што поголемо учество на изборите, особено во овие околности“, вели Тимоние.
И политичкиот аналитичар Сефер Селими вели дека е важно изборите да се случат побрзо за да профункционира политички-одговорна влада која ќе ја замени сегашната, техничка влада.
„Во вакви услови, кога допрва ќе имаме економски последици од пандемијата, дефинитивно ќе ни треба полно функционална влада и парламент кои ќе можат да носат одлуки и да преземаат одговор за нив. Во исто време очекуваме и втор бран од епидемијата што значи дека сите институционални капацитети треба да се подготвени за да го поминеме полесно тој бран“, вели аналитичарот Селими.
Селими е убеден дека партиите ќе се договорат за нов датум и дека опозицијата нема ги бојкотира, бидејќи тоа е најмалку пожелно сценарио. Евентуални избори без опозиција би донеле влада која ќе има недостиг од кредибилитет и низа други проблеми кои од здравствена криза би не втурнале во нова- политичка, заклучува Селими.
Инаку, првично изборите беа закажани за 12 април, а Собранието се самораспушти на 16 февруари и од тогаш не функционира. Првиот случај на заболен од коронавирус во Македонија беше регистриран десет дена подоцна, на 26 февруари, а претседателот Пендаровски првата вонредна состојба ја прогласи на 18 март. Втората беше со времетраење од 30 дена, а третата од 14 дена.
Со вонредната состојба и се овозможува на владата да носи уредби со законска сила земајќи предвид дека Собранието не функционира и нема кој да носи закони. До предвремени избори, пак, дојде по инсистирањето на опозицијата и одлука на тогашниот премиер Зоран Заев, откако државава не доби датум за преговори со Европската унија на ланскиот есенски самит и покрај сменетото име во Република Северна Македонија.