Вести
Твитер изгаси 8.558 налози за промовирање на Вучиќ и неговата партија
Социјалната мрежа Твитер објави дека изгаснала 8.558 налози користени за промовирање на Српската напредна партија и нејзиниот лидер претседателот Александар Вучиќ. „До крајот на минатата година, идентификувавме групи на сметки вклучени во неавтентична координирана активност, што доведе до отстранување на 8.558 нарачки кои работеа за промовирање на владејачката партија во Србија и нејзиниот лидер“, наведува Твитер.
Вучиќ: во Србија е можен и 24 часовен полициски час
Коментирајќи го бришењето Вучиќ синоќа им рече на новинарите дека не смета оти тоа има некое значење, и иронично додаде дека во иднина „другите ќе доминираат на Твитер, бидејќи досега не биле“. Вучиќ, синоќа објави дека во Србија ќе има забрана за целодневен сообраќај која ќе стапи во сила од сабота, 4 април, од 13 часот, до понеделник, 6 април, во 5 часот.
види ги сите денешни вести
Украински напад со дронови во рускиот регион Саратов
Украински беспилотни летала навлегле длабоко во Русија во текот на ноќта и го нападнале регионот Саратов, предизвикувајќи голем пожар во градот Енгелс, објави во среда (8 јануари) локалниот гувернер.
Регионот е домаќин на голема воздушна база за стратешки бомбардери кои се дел од руските нуклеарни сили. Украина и претходно ја напаѓаше базата со беспилотни летала, но нема информации дали таа била цел во оваа прилика.
Руските новински извештаи велат дека пожарот бил во нафтена постројка. Непроверени видеа и фотографии објавени на социјалните мрежи покажаа голем оган и густи облаци од чад.
Регионалниот гувернер Роман Бусаргин изјави дека градовите Саратов и Енгелс, на спротивните страни на реката Волга, биле предмет на „масовен напад со беспилотни летала“ и дека имало пожар на индустриска локација, но дека нема жртви.
„Има доволно сили и ресурси за локализирање на пожарот“, објави тој на Телеграм.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта биле уништени 11 украински дронови над регионот Саратов, а 21 над други делови на Русија и Азовското Море. Не се споменуваат штети.
Воздухопловната база Енгелс се наоѓа на околу 730 километри југоисточно од Москва и на стотици километри од украинската граница. Во декември 2022 година, тројца припадници на руските воздухопловни сили беа убиени кога таму беше соборен дрон.
Независниот медиум Астра објави дека складиштето за нафта каде горел пожарот обезбедува гориво за воздухопловната база. Ројтерс не можеше да го потврди тоа.
САД воведе санкции за шефот на кабинетот на Орбан
Соединетите Држави воведоа санкции против шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан поради неговата наводна „вмешаност во корупција“ во таа земја, се вели во соопштението на американското Министерство за финансии.
Антал Роган, кој е задолжен за контрола на разузнавачките служби и медиумите, е обвинет за „оркестрирање системи на корупција за контрола на стратешките сектори на унгарската економија и пренасочување на приходите во своја корист и во корист на лојалните поддржувачи на неговата политичка партија.
„САД нема да се двоумат да бараат одговорни поединци, како Роган, кои ја користат моќта на нивната канцеларија за незаконски да се збогатат себеси и своите пријатели на сметка на нивната земја и нивните сограѓани“, изјави високиот претставник на одделот Бредли Т. Смит.
Роган со децении е близок соработник на Виктор Орбан.
Повторно налог за апсење на јужнокорејскиот претседател
Судот во Сеул синоќа (7 јануари) повторно издаде налог за апсење на претседателот на Јужна Кореја, Јун Сук-јол, кој е обвинет за бунт и беше изгласано негово отповикување.
Демонстрантите и поддржувачите на Јун и денеска се пред претседателската палата.
Претседателската безбедносна служба минатата недела постави бодликава жица и барикади пред претседателската палата, блокирајќи го пристапот до Јун, кој одбива да се појави на распит.
Јун е под истрага за бунт поради неговото прогласување воена состојба на 3 декември, што ја шокираше Јужна Кореја и доведе до првиот налог за апсење на актуелен претседател. Против Јун се води уште еден судски процес пред Уставниот суд откако на 14 декември му беше изгласан отповик поради прогласувањето воена состојба.
Директорор на Канцеларијата за истраги за корупција на високо ниво О Донг-вон синоќа се извини за неуспешнит обид за апсење на Јун на 3 јануари.
Тој ја прекин акцијата за апсење на Јун откако човечки синџир од стотици членови на претседателското обезбедување и припадници на армијата спречија да влезе во претседателската палата.
Се што е можно ќе направиме за да ја постигнеме нашата цел и овојпат ќе се подготвиме темелно и со голема решителност, така што вториот обид за извршување на наредбата да биде последен, наведе О пред парламентарната комисија.
Но, не е познато колку време ќе биде потребно да се изврши новиот налог за апсење на Јун.
Трамп: Мировните преговори за Украина би можеле да започнат наскоро по инаугурацијата
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп повторно изјави дека сака преговорите со Русија за ставање крај на војната во Украина да започнат набргу откако ќе се врати во Белата куќа, но не даде конкретни информации за тоа кога тие ќе се одржат.
Трамп рече дека сака разговорите да започнат наскоро бидејќи „Русија губи многу млади луѓе, а исто така и Украина“.
Трамп на прес-конференцијата во неговиот имот Мар-а-Лаго на Флорида, не кажа дали и кога ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, но изјави дека таква средба нема да биде соодветна пред да биде инаугуриран на 20 јануари.
„Не можам да ви го кажам тоа, но знам дека Путин би сакал да се сретнеме“, изјави Трамп.
На крајот на декември, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека нема предуслови за средба меѓу американскиот и рускиот претседател.
Новоизбраниот претседател во текот на неговата изборна кампања изјави би можел да стави крај на конфликтот во Украина во рок од 24 часа по преземањето на функцијата. На прес-конференцијата Трамп изјави дека се надева оти ќе ги прекине борбите во рок од шест месеци.
Враќањето на Трамп во Белата куќа носи неизвесност за тоа какво влијание ќе има тој врз речиси тригодишниот конфликт и дали може да има преговори.
Но, Трамп на прес-конференција рече дека е решен да „го направи како што треба“, додавајќи дека тоа е „тешка задача“.
Украинските власти се загрижени дека какви било набрзина договорени преговори би можеле да и овозможат на Русија да ја задржи украинската територија што ја зазеде, а истовремено да им даде време на руските сили да се одморат и реорганизираат.
Украинците, исто така, сакаат да го натераат Трамп да ја продолжи американската воена поддршка за нивната земја.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха на 7 јануари соопшти дека најавената посета на специјалниот пратеник на Трамп за Украина и Русија Кит Келог во Украина е откажана и ќе мора да биде презакажана.
Келог рече дека потенцијалните разговори за прекин на огнот би можеле да започнат веднаш штом Трамп ќе ја преземе функцијата. Тој во интервју за Фокс њуз во декември, рече дека војната може да биде „решена во следните неколку месеци“.
Планираните средби меѓу Келог и украинските претставници се „исклучително важни“, рече Сибиха на прес-конференцијата со неговиот исландски колега во посета на земјата.
„Уверен сум дека оваа средба ќе се одржи во догледно време“, изјави тој за новинарите во Киев.
„Ние сме во контакт за јасно да ги дефинираме условите на неговата организација и да се погрижиме средбата да биде што е можно позначајна.
Трамп не беше прашан за извештајот дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ќе објави голем финален пакет воена помош за Украина како дел од посетата на министерот за одбрана Лојд Остин на Германија на 9 јануари.
Остин треба да се сретне со претставници на околу 50 земји партнери во украинската одбранбена контакт група во воздухопловната база Рамштајн во Германија.
Пакетот се очекува да биде „значаен“, според двајца официјални лица кои ги информираа новинарите за патувањето на Остин. Официјалните лица не ја прецизираа точната сума.
Патувањето на Остин ќе биде негова последна средба со контакт групата, која ја организираше откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година. Заедно, земјите обезбедија повеќе од 126 милијарди долари во оружје, воена обука и помош од почетокот на војната . Американскиот дел од вкупниот износ изнесува 66 милијарди долари.
Пакетот, кој ќе биде објавен подоцна оваа недела, ќе биде извлечен од постоечките залихи на САД со цел да се достави најголемиот дел од оружјето во Украина до инаугурацијата на Трамп, рече еден од официјалните лица.
Трамп, исто така, ги повика членките на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана на 5 отсто од БДП, од сегашната цел од 2 отсто, засилувајќи го неговото долгогодишно тврдење дека не плаќаат доволно за американската заштита“.
Најмалку 126 луѓе загинати при земјотресот во Тибет
Најмалку 126 луѓе загинаа во силниот земјотрес што на 7 јануари го погоди хималајскиот регион на Тибет во југозападна Кина. Најмалку 130 луѓе се повредени, а стотици куќи се уништени.
Околу 1.500 пожарникари и спасувачи се ангажирани во потрагата по луѓето во урнатините, соопшти Министерството за вонредни состојби.
Американскиот геолошки институт соопшти дека земјотресот бил со јачина од 7,1 степени, на длабочина од околу десет километри. Кина забележа магнитуда од 6,8 степени по Рихтеровата скала.
Епицентарот на земјотресот бил на околу 75 километри североисточно од Монт Еверест, кој се наоѓа на границата на две земји. Областа е сеизмички активна и е местото каде што се судираат индиската и евроазиската плоча.
Според новинската агенција Ксинхуа, земјотресот го погоди северното подножје на Хималаите во близина на еден од најсветите градови на Тибет, оштетувајќи ги зградите околу Шигатсе и принудувајќи ги луѓето на улиците во соседните Непал и Индија.
Шигатсе е седиште на Панчен Лама, една од најважните фигури на тибетскиот будизам, чиј духовен авторитет е само втор по Далај Лама.
Шест села се на пет километри од епицентарот, соопшти кинеската државна CCTV, без да даде дополнителни детали.
Земјотресот бил почувствуван и во Катманду, главниот град на соседен Непал, како и во делови од Индија.
Тибет, како и целиот југозападен дел на Кина, Непал и северна Индија, често се погодени од земјотреси предизвикани од судирот на индиската и евроазиската тектонска плоча.
Над 13 илјади луѓе лани се приведени за семејно насилство во Грција
Изминатата година, во 2024 година во Грција беа приведени над 13 илјади луѓе за насилство, односно осомничени дека извршиле насилство врз своите сопруги, нивните деца, нивните партнери, многу пати и нивните родители. Ова го изјави грчиот министер за заштита на граѓаните Михалис Хрисохоидис.
Тој во интервју за грчка телевизија овие 13.000 апсења се однесуваат на пријави за околу 20.000 случаи Тој додаде дека „станува збор за огромна бројка“ која е речиси двојно поголема споредбено со една година претходно, што според него се должи и на тоа што жртвите ги пријавуваат насилниците.
Надлежниот министер истакна дека потребно е дополнително да се заострат законските одредби за да не може насилникот да ѝ се приближи на жртвата или на потенцијалната жртва.
Северна Кореја тестираше хиперсонична ракета со голем дострел во Пацификот
Северна Кореја на 7 јануари објави дека тестирала нова хиперсонична ракета со среден дострел, која може да погоди далечни цели во Пацификот.
Севернокорејските државни медиуми го објавија ова еден ден откако војската на Јужна Кореја соопшти дека открила дека Северна Кореја лансирала проектил кој прелета 1.100 километри пред да слета во водите меѓу Корејскиот полуостров и Јапонија, јавува новинската агенција Асошиетет Прес.
Минатата година Северна Кореја тестираше повеќе системи за оружје кои имаат доволно голем достел да достигнат до нејзините соседи и САД, вклучително и интерконтинентални балистички ракети со цврсто гориво.
Постои загриженост дека нејзините воени способности на Северна Кореја би можеле дополнително да се зајакнат со помош на технологијата од Русија, со која соработува поблиску откако испрати војници на фронтот во Украина од руска страна.
Од 2021 година, Северна Кореја тестира различни хиперсонични оружја способни да летаат со пет пати поголема брзина од звукот. Брзината и маневрирањето на таквото оружје се наменети за „заобиколување“ на регионалните системи за ракетна одбрана.
Последното лансирање го надгледуваше севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, а медиумите објавија дека оружјето поминало 1.500 километри и достигнало брзина 12 пати поголема од звукот.
Српски авиони не смеат да прелетаат над БиХ на 8 и 9 јануари
Министерот за одбрана на Босна и Херцеговина (БиХ) Зукан Хелез одби да даде дозвола за прелет на српски воен авион или хеликоптер над територијата на Босна и Херцеговина, кој според планот за летање обезбеден од српската амбасада во Босна и Херцеговина се однесува на период од 8-ми до 9-ти јануари.
За ова одлука е известена Канцеларијата на високиот претставник во Босна и Херцеговина (ОХР), канцеларијата на НАТО во Сараево, ЕУФОР и Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина.
„Ова прелетување на хеликоптерот на Република Србија и посетата на делегацијата на Министерството за одбрана на Србија несомнено упатува на заклучокот дека намерата е присуство на настани поврзани со одбележувањето на 9 јануари, кои во 2015 и 2019 г. Уставниот суд на Босна и Херцеговина го прогласи за неуставен ден на Република Српска“, образложи министерот на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Тој исто така изјави дека непочитувањето на одлуките на Уставниот суд во сите демократски држави претставува поткопување на владеењето на правото, а во Босна и Херцеговина потенцијално кривично дело.
Властите на Република Српска го слават 9 јануари, датумот кога во Сараево во 1992 година тогашното Собрание на српскиот народ во Босна и Херцеговина ја донесе Декларацијата за Републиката на српскиот народ на Босна и Херцеговина како независен ентитет, во рамките на Босна и Херцеговина.
На чело на самопрогласената република беа Радован Караџиќ, Билјана Плавшиќ и Момчило Крајишник, кои беа осудени во Хашкиот трибунал за воени злосторства.
Претставниците на Бошњаците и Хрватите не учествуваа во изготвувањето на декларацијата. Овие два народи го гледаат 9 јануари како почеток на војната во Босна и Херцеговина и почеток на етничко чистење, воени злосторства и геноцид врз несрпското население на територијата на Република Српска.
Уставниот суд на Босна и Херцеговина утврди дека Денот на Република Српска е неуставен. На 28 февруари 1992 година, Уставниот суд на тогашната Република Босна и Херцеговина донесе одлука со која ги поништува и декларацијата и Уставот на Српската Република Босна и Херцеговина.
Уставниот суд на Босна и Херцеговина, 23 години подоцна, во ноември 2015 година, донесе одлука според која членот од Законот за празниците на Република Српска, кој зборува за Денот на РС, е неуставен.
Уставниот суд на Босна и Херцеговина не го оспори правото на денот на Република Српска, но утврди дека „Денот на РС“ не може да биде 9 јануари.
Како одговор на одлуката на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, на 25 септември 2016 година во РС се одржа референдум на 9 јануари, иако Уставниот суд на Босна и Херцеговина ја суспендираше Одлуката за распишување референдум седум дена порано.
И покрај тоа, референдумот беше одржан, по што во октомври истата година во Собранието на РС беше усвоен Законот за Денот на РС, со кој 9 јануари повторно беше дефиниран како празник.
Девет бошњачки и хрватски делегати во Советот на народите на РС, како еден од двата дома на Народното собрание на РС, поднесоа нова жалба до Уставниот суд на Босна и Херцеговина.
Во март 2019 година, судот донесе одлука според која членот од тој закон дека „врз основа на потврдената волја на граѓаните на Република Српска, 9 јануари се утврдува како Ден на Републиката“ е противуставен и е против Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација.
Утврдено е и дека е против Протоколот кон Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.
Претходно, и Венецијанската комисија во своето мислење оцени дека Денот на РС на тој датум е „дискриминаторски, бидејќи не е во согласност со универзалните вредности на дијалог, толеранција и разбирање“.
Мицкоски: Одговорносност ќе барам ако се докаже дека Дранго убил мечка
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски најави дека ќе следи одговорност за заменик-директорот на „Македонија пат“ Сашо Дранго, ако се утврди дека тој ја застрелал мечката со која се фотографираше во декември.
„Доколку се потврдат овие тврдења, ќе барам одговорност и ќе биде под итно разрешен. Таквите девијантни однесувања доколку се потврдат, јас ниту ги оправдувам, ниту имам намера да ги амнестирам“ , изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање на 7 јануари.
Претходно невладината организација за заштита на животните „Анима Мунди“ минатата недела објави дека заменик-директорот на „Македонија пат“ и претседател на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ во Демир Хисар, Сашо Дранго, се фотографирал со убиена мечка и пушка, поради што тврдат дека Дранго застрелал мечката во декември 2024 година.
Од „Анима Мунди“ посочија дека мечката е класифицирана како дивеч под заштита и нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането за што е предвидена и затворска казна. Од невладината организација најавија дека ќе поднесат кривична пријава против Дранго и очекуваат негово разрешување од функцијата.
По објавта на „Анима Мунди“, заменик директорот на Македонија пат во изјава за една национална телевизија кажа дека тој не ја застрелал мечката, туку дека таа била жртва на сообраќајна несреќа.
Дранго и вработените во „Македонија пат“, како што вели тој, само ја тргнале од коловозот на патот Битола-Ресен, по што тој се сликал со неа. Тој уверува и дека за инцидентот има записник и во полициската станица во Битола, но од таму негираа дека има пријава.
Од Основното јавно обвинителство од Битола изјавија дека ќе отворат предмет за случајот со мечката
Германски пар убиле бегалка од Украина за да и го украдат бебето
Германска двојка на 7 јануари призна дека убиле млада Украинка и нејзината мајка во март 2024 година за да и го украдат бебето. На првиот ден од судењето во Окружниот суд во Манхајм, двајцата обвинети признаа дека ја убиле 27-годишната Украинка и нејзината 51-годишна мајка.
„Се каам за се што направив“, рече мажот во изјавата што ја прочитаа адвокатите.
„Направив голема грешка,“ додаде неговата сопруга, јавува германската новинска агенција ДПА.
Според јавното обвинителство, парот чува четири деца, меѓу кои и еден нивниот син.
По претрпените голем број спонтани абортуси и неуспешниот третман за плодност, тие планирале да го киднапираат новородено девојче и да го исчуваат како своја ќерка.
„Навистина сакавме да имаме заедно ќерка, тоа беше најголемата желба на мојата сопруга“, изјави сопругот во судницата.
Двојката намерно ги таргетирала бегалците од руската инвазија на Украина, приклучувајќи се на група на социјалната платформа Телеграм нудејќи им на бегалците помош при превод на документи.
27-годишната Украинка со својата мајка и бебе биле сместени во кампот за бегалци во југозападниот германски град Вислох, кога стапила во контакт со парот.
На 6 март 2024 година, тие наводно им дале седативи на двете жени во ресторан по што мажот ги убиел двете жени со тап предмет на две одделни локации.
Според обвинението телото на бабата го фрлиле во езеро и го запалиле телото на мајката пред да тргнат дома со бебето.
Телото на 27-годишната жена следниот ден го открил случаен минувач на брегот на Рајна, а полицијата го уапсила парот по што го пронашле и бебето на 13 март.
Двојката оттогаш е во притвор, додека бебето се вратило во Украина под старателство на нејзината тетка, која е тужител во случајот.
За постапката се закажани вкупно девет судски дена, а пресудата се очекува да биде објавена на 21 февруари.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете