Достапни линкови

Димковска: Кога пишувам во мене бучи и тихува само македонскиот


Лидија Димковска е добитник на наградата „Чаша на бесмртноста – Велењица“ за врвен поетски опус во изминатата деценија што за Светскиот ден на поезијата 21-ви март ја доделува „Лириконфест – Поетична академија“. Таа е првиот лауреат кој живее во Словенија, но не пишува на словенечки јазик.

Димковска, што значи ова високо признание за Вас како автор, како творец и како првиот „добитник кој живее во Словенија, но не пишува на словенечки јазик“?

Уште минатата година кога бев номинирана за наградата, заедно со словенечките поети Урош Зупан, Барбара Корун и Миклавж Комељ, на фестивалот Лириконфест во Велење им честитав на организаторите и на жирито за храброста да номинираат авторка која, навистина, живее во Словенија речиси дваесет години, но не пишува на словенечки јазик. Номинациите за наградата се двегодишни, минатата година наградата ја доби Урош Зупан, а оваа година јас. Воопшто не се надевав на нешто такво, самата номинација ја доживував како најголемо признание, но чуда се случуваат и тоа во време на пандемија. Границите се затворени, луѓето исто така, а културата полека се отвора и кон оние кои се оцелотворение на Другоста, во културна, политичка и филозофска смисла. Тоа е историски преседан на словенечката книжевна сцена, и многу поголема награда за самото словенечко општество отколку за мене.

Имено, Словенија како мала држава со кревок национален идентитет го смета словенечкиот јазик за темел и носител на сопственото јас. Како да се подразбира дека секој кој живее во Словенија треба да пишува на словенечки јазик. Реалноста е далеку од тоа – имено, започнувајќи и научно и книжевно да се занимавам токму со имигрантската и малцинската книжевност во Словенија дојдов до сознанија дека во Словенија живеат и работат повеќе од 150 имигрантски и малцински автори, речиси непознати во словенечката култура, со ретки исклучоци. Нивните дела не се застапени во антологиите на словенечката книжевност, дури ни малцинските автори ги нема во учебниците по литература, нивното учество во јавниот културен живот е минимално, многумина од тие автори немаат повеќе матична книжевност бидејќи со децении живеат во Словенија или почнале да пишуваат по преселбата, а малцинските автори се поповрзани со книжевностите на Италија и Унгарија одошто со словенечката. Во 2014 година бев уредничка на првата антологија на имигрантската и малцинската книжевност во Словенија „Од јазик во јазик“ што ја објави Друштвото на словенечките писатели, една од ретките институции во Словенија која ги отвори врарите и за авторите кои живеат во Словенија, а пишуваат на друг јазик. Во 2019 година бев уредничка на зборникот „Ќе биде подобро“ на книжевни текстови од автори од поранешните југословенски републики кои живеат во Словенија со кои одржав неколкумесечни книжевни работилници. Залагањата за признавање на книжевноста која се раѓа на словенечко тло, а на некои други јазици, продолжуваат и понатаму, а сама сметам дека секој автор кој пишува на друг јазик има право на интеграција, а не на асимилација во словенечката култура.

Пишувам само на македонски јазик и тоа е мое човечко право кое треба да се почитува. Не само во Словенија, туку и во многу други земји се повеќе има автори кои се преселиле или се припадници на малцинствата и не можеме да очекуваме дека ќе го сменат јазикот на кој пишуваат само за да припаѓаат во нешто што е, всушност, наднационално.

Лично не верувам во концептот на националната книжевност, сметам дека во 21-от век не можеме да зборуваме ниту за чисти држави ниту за чисти книжевности. Македонската култура исто така треба да се замисли над сето тоа. По оваа долга дигресија можам само да додадам дека наградата Чаша на бесмртноста за мојот поетски опус во изминатите десет години, создаден на македонски јазик во Словенија, не е само радост и гордост за мене лично, туку надеж дека доаѓаат подобри времиња за сите оние автори кои живеат некаде, а не пишуваат на официјалниот јазик на државата.

Во образложението на жирито се нагласува дека „Лидија Димковска со својата поезија гради мостови меѓу повеќе култури и народи, а нејзините песни се проникнати со општествена критика и со конкретно поставени прашања за миграциите, бирократизацијата, националната алчност, емотивното страдање и заборавената историја“ ...и дека во изминатата деценија со нејзините врвни поетски збирки „pH неутрална за животот и смртта“ и „Црно на бело“ објавени на словенечки во препев од македонски на Алеш Мустар, таа докажа дека го заслужува називот словенечка поетеса“. Како ги доживувате ваквите констатации? Колку тие обврзуваат во иднина?

– Можам да кажам дека ги доживувам со голема благодарност и почит, но не ме обврзуваат на ништо: иднината е релативна категорија, а јас лично никогаш не пишувам ново дело во однос или со помисла на претходните, едноставно не можам да пишувам на таков начин. Секое ново дело е ново откривање на светот, на себеси, на човековото битие. Како авторка живеам исклучиво во јазикот, јазикот е мојата сопствена соба. Иако читам и зборувам на повеќе јазици, кога седнувам да пишувам во мене бучи и тихува само македонскиот. Тогаш заборавам на се останато и во таква состојба можам само да создавам литература, но не и да размислувам за нејзините последици, одговорност или порака. Тоа може да дојде отпосле, но за жал или за среќа, секогаш предоцна.

Наградата ќе биде доделена на крајот на мај или во текот на септември, зависи од приликите и враќањето во нормалност ( што таа воопшто и да значи) во времево на светска пандемија од корона вирусот. Со што ќе го пречекате престижното признание? Нова книга поезија, роман... во Словенија, дома во Македонија? Кој е вашиот совет за читателите ова времево – невреме?

Да, наградата ќе биде доделена кога ќе можеме повторно да бидеме меѓу луѓе, кога повеќе нема да има потреба да седиме дома. Признанието ќе го пречекам со повеќе објави на моите песни, раскази и романи на странски јазици, со нови песни, и, се надевам, со барем полу напишан роман, а тоа зависи колку сили и полет ќе најдам во себе во наредните седмици за да можам да пишувам. Имено, за да пишувам треба да бидам што посилна, и на некој начин, среќна, а како човек да биде силен и среќен во вакво време – невреме? Оваа самоизолација е многу поинаква од мојата доброволна самоизолација бидејќи е исполнета со страв, грижи, тага. Секако поседува и хумор кој е апсолутно пожелен, но во секој случај е гранична ситуација. Одвај чекам да заврши овој период што јас претежно го минувам во читање книги, за да можеме сите одново да им се посветиме на нештата што ни се важни. Затоа ве молам, да седиме дома, сами и со најблиските, за да можеме подоцна да бидеме и со себе такви какви што сме и со сите останати.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG