Дела забележани на видеа од познати поети, поетеси, сликари, сликарки, актери, актерки, музичари и музичарки од Македонија, Албанија, Италија, САД, Словенија, Србија, Тајван, Швајцарија, Шпанија и други земји, заедно со материјалите забележани на истиот визуелен формат од претходните изданија на манифестацијата на творци како Бејли Кесл од САД, Кристијан Кожељ од Словенија и Симоне Саво од Италија..., ќе го одбележат петтото јубилејно и прво виртуелно издание на уметничкиот фестивал „Крикот на жената“, ширум светот познат како Women Poets International Movement (Mujeres Poetas Internacional MPI) и работен по лиценца на Доминиканската Република.
„Крикот на жената“, инаку претставува светски синџир на настани во текот на месец март каде што поетеси и поети, уметници и организации од различни земји волонтираат во чест на правата на жените и испраќаат пораки на самодоверба и почит и го зајакнуваат гласот на јавноста против насилство врз жените.
Фестивалот започна во 2011 година и сега се организира во повеќе од 50 земји во светот, со повеќе од 600 успешни координирани настани. Згора на тоа тој помага во промовирањето на поезијата на меѓународно ниво. На него присутни се поети, поетски групи, уметници и поединци кои своите пораки ги говорат на различни јазици, како начин да се возврати за слободниот придонес кој го даваат за оваа цел.
„Во овие чудни времиња во кои се соочуваме со ситуација која никој не ја искусил претходно, изолирани од светот и меѓусебе, и покрај тоа што фестивалот „Крикот на жената“ е откажан низ целиот свет заради корона вирусот, со Елена Пренџова се одлучивме сепак да го одржиме и годинава, но овојпат онлаин. На денот кога се* застана ние се одлучивме да не застанеме и да им дадеме на светот и на Македонија повторно, поезија, уметност, музика и љубов“, вели поетесата Оливера Доцевска, една од потписничките на случувањето во земјава.
Нејзината колешка, поетеса и слемерка Елена Пренџова, пак, со дополна дека воопшто не се двоумеле околу потребата на овој начин да реагираат и дека, според нив, ова е единственото решение акцијата да продолжи и пораките на уметниците да бидат пратени во етерот.
„Одлучивме да ги искористиме бенефициите на компјутерите и интернетот, бидејќи токму современите информациско-технички можности ни овозможуваат фестивалот да биде подостапен и за учеснички и учесници, а и за публика. Поради тоа, одлучивме оваа година да поканиме уметници од сите видови уметности од целиот свет. Тие ќе ги претстават своите дела преку видеа кои ќе бидат пуштани на социјалните мрежи на 28 март, сабота, во текот на целиот ден. Линковите од видеата, т.е. од онлаин фестивалот, ќе бидат спроведени по медиумите и по социјалните мрежи“, истакнува Пренџова.
Таа смета дека и во оваа пригода никако не смее да се заборави на основните човечки вредности и Фестивалот наново да апелира за совесност во постапките во времево во кое живееме.
„Крикот на жената“ е фестивал кој има за цел да ја покрене свеста за борбата против насилството врз жените и за правата на жените, па во контекст на тоа мотото на нашиот национален фестивал отсекогаш бил: „20 дена по 8. Март и шчо напраифме“ и затоа сакам да потсетам дека жените – мајките, ќерките, сестрите, снаите – се оние кои најчесто се грижат за болните членови и членки на потесното и поширокото семејство и се многупати принудени да ги ставаат туѓите потреби пред своите. Во таквите случи секогаш трпи здравјето на сите засегнати страни. Во име на општото добро и здравјето на човековиот род, апелирам совесност во постапките и следење на препораките за да придонесеме сите да можеме многу скоро повторно животите да ни течат нормално“, смета Елена Пренџова.