Достапни линкови

Прв рурален поетски слем на полињата со лаванда во Витачево


На мала парцела со насад од лаванда на висорамнината Витачево кај Кавадарци, во сабота на 29 јуни, ќе се случи првиот рурален Поетски слем во земјава. Настанот е од ревијален карактер, а ќе се одвива на тема „Природата и ние во неа!“.

Со најавено учество на слемери од Тетово, Скопје, Прилеп, Гевгелија... но и љубители на културата и природните убавини од целата земја, на мала парцела со насад од лаванда на висорамнината Витачево кај Кавадарци, во сабота на 29 јуни од 18 часот, ќе се случи првиот рурален Поетски слем кај нас. Настанот поради руралните и рустични услови на просторот каде што ќе се одржува нема да го има вообичаениот натпреварувачки карактер, а ќе се одвива на тема „Природата и ние во неа!“. Него како идејни творци и организатори заеднички и волонтерски го потпишуваат “Биовита“, Здружението на граѓани „Театарска работилница“ од Прилеп, Здружението за алтернативна култура „Алтер Центар“ од Кавадарци и Домот на култура „Иван Мазов – Климе“ од овој град, а доаѓа на иницијатива на Poetry Slam Macedonia.

Цветанка Колева

Во пресрет на случувањето поетесата и слемерка Цветанка Колева знае да каже дека идејата за овој прв ваков поетски слем всушност се совпаѓа со интенцијата за рурален развој на државата. Таа потсетува дека анализите на Мрежата за рурален развој покажале оти испитаниците во своите одговори на прашањето што е потребно да се вратат младите на село и таму да го планираат семејството често знаат да кажат дека тоа во основа се забавата и посебно „културните настани“. Ова и било повод во здужението „Биовита“ да почнат да размислуваат што би можело да се случи со културата во еден рурален предел. Втор момент од приказната бил оној со малото поле насад од лаванда, за да конечно иницијалната идеја биде силно подржана од Поетски слем Македонија и се пристапи кон нејзина реализација.

- Сметам дека сите ние веќе подолго време копнееме кон тоа да им се вратиме на корените и на природата. Од таму, иако е можеби прерано да се говори какви ќе бидат првичните искуства од оваа наша волонтерска акција и заложба, сепак не се сомневам дека таа е осудена на тоа да запре. Напротив. Јас верувам дека овој рурален поетски слем ќе стане едно движење кое ќе си го најде своето место во текот на сите годишни времиња на одредени, пред се* би рекла органски фарми низ Македонија и се разбира на други интересни и податливи места во природата, вели Колева.

Игор Трпчески

Игор Трчески, актер, поет, слемер и заедно со Елена Пренџова еден од втемелувачите на Поетски слем Македонија, забележува дека секој новитет е добредојден во било која област од уметноста. Тој притоа и со дополна дека е убаво кога се излегува надвор од институциите, од затворените простори и како пример за тоа ги наведува тенденциите на Струшките вечери на поезијата, Поетска ноќ Велестово, манифестацијата што се одржува во Слепче во манастирот „Свети Јован Претеча“ ...каде се чита или дури и пишува поезијата. Каде поетскиот збор поинаку, посилно, помоќно одекнува во просторот.

Во тој контекст многу сме среќни што Поетски слем Македонија еве излегува надвор од институциите. Нешто што досега можевме да го видиме во и со настапите и изразот што го користиме при говорењето и презентацијата на нашите творби. Од таму се разбира многу ни е драго што еве излегуваме на воздух и што ќе имаме еден навистина преубав настан на Витачево, на полињата со лаванда, кој ќе биде и првиот македонски рурален поетски слем. Нешто со кое продолжуваме да ја испишуваме книгата со историјата на слем поезијата во земјава. А тој ќе биде ревијален со идеја да се дружиме малку повеќе и да запознаеме што понепознати автори кои досега не биле или не учествувале на досегашните настани на Поетски слем Македонија, ќе рече Трпчески.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG