Достапни линкови

„Охридски бисери“ - подиум за меѓународна промоција на младите музички уметници


Илустрација
Илустрација

Со учество на осумдесетина таленти од Германија, Велика Британија, Русија, Полска, Литванија, Грција, Србија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Црна Гора и од Македонија, од 15 до 19 јуни, во Охрид ќе се одржи 18 издание на Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери 2019“.

Градот под Самоиловата тврдина, во периодот од 15 до 19 јуни, по 18 пат ќе биде домаќин на Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“. Во петте натпреварувачки денови, во салата на Градското собрание, предвидено е да настапат осумдесетина учесници, млади таленти од Германија, Велика Британија, Русија, Полска, Литванија, Грција, Србија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Црна Гора и од Република Северна Македонија. Годинава на програма се дисциплините дувачки инструменти, флејта, обоа, кларинет, саксофон, труба, хорна, тромбон и камерна музика во различни состави со споменатите инструменти.

„Охридски бисери“ како реномиран меѓународен натпревар им нуди можност на младите уметници за претставување на личните достигнувања, дружење и размена на искуства со колеги од целиот свет, како и контакт со врвни педагози и репродуктивни уметници од областа на класичната музика, кои учествуваат како членови на жири – комисиите. Поставувањето високи стандарди при конципирањето на програмата и строгата селекција на наградени учесници се предизвик за посебно надарени млади музичари од целиот свет кои веќе осумнаесет години доаѓаат во Охрид и со учеството на натпреварот ја надградуваат својата професионална уметничка кариера“, вели Викица Костоска Пенева, професор по пијано и член на организациониот одбор на годинешното издание на натпреварот.

И, кога сме веќе тука особено е значајно да се истакне дека „Охридски бисери“ е единствен меѓународен натпревар, член на меѓународната асоцијација ЕМСИ - европска асоцијација на музички натпревари од 2005 година, во која патем членуваат педесетина други од 30 земји на Стариот континент. Од таму членувањето во ова здружение го издвојува натпреварот „Охридски бисери“ во однос на бројни други натпревари кои се одржуваат во нашата земја и во регионот.

Впрочем, токму и идејата на асоцијацијата ЕМСИ уште од основањето, 1970 во Брисел е афирмација на посебно надарени млади уметници и нивна промоција на професионалните концертни подиуми во Европа и во светот. Таа се остварува и преку организирање на семинари и мастеркласи со еминентни педагози и познати репродуктивни уметници, концертни турнеи, настапи со оркестри и вредни стипендии од универзитети во Европа и во САД.

Прашана за тоа кои од нашите наши млади уметници низ годиниве наназад биле учесници и беле забележани и наградени на „Охридски бисери“, Костоска Пенева знае да каже дека има мнозина, но дека на пиедесталот се искачиле неколкумина кои не само што имаат успешни солистички кариери во земјава, туку полека ги градат и сопствените интернационални патишта.

„Покрај бројните странски музички уметници коишто учествувале на Фестивалот и добиле значајни награди и признанија, би сакале посебно да истакнеме дека имаме тројца млади уметници од Македонија кои се добитници на наградата Гран при на меѓународниот натпревар „Охридски бисери“. Тоа се флејтиската Катерина Бачоска, којашто во моментов гради многу успешна кариера во Италија каде е на постдипломски студии и навистина концертрира на бројни подиуми ширум Европа. Потоа виолинистката Софија Никоска, моментно професорка на Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип која во исто време има исклучитечно успешна кариера во Европа како солист. Исто така добитник на највисокото одличје на Натпреварот од македонските музички уметници е и Климент Тодоровски, виолинист и концерт мајстор на Македонската опера и балет и секако познат по своите успешни концертни настапи во земјава и на интернационалната сцена“, појаснува Викица Костоска Пенева.

Инаку, изведбите на младите уметници и овојпат ќе ги оценуваат жири комисиите составени од солисти и професори од повеќе европски музички академии. Така своето учество го потврдиле авторитети како Андреј Иков професор по труба и прв трубач во светски познатиот Баљшој театар од Москва, Детлеф Бенсман саксофонист и Петер Арнолд хорнист од Германија, Пенчо Пенчев професор по труба од Бугарија, Бранко Михановиќ обоист од Загреб, Бранислав Аксин тромбонист и Лаура Леваи Аксин флејтистка, двајцата професори на Музичката академија во Нови Сад, Емир Нухановиќ кларинетист од Сараево, како и нашите Страшо Темков професор по флејта и Васо Ристов професор по труба, од Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Тие во секоја од дисциплините и категориите ќе доделат по три награди, а од победниците на завршниот концерт стручното жири одбира тројца добитници на вредни парични премии и Гранд при за најуспешниот учесник на целиот натпревар. Освен тоа на натпреварот се доделуваат и специјални награди од асоцијацијата ЕМСИ, потем од Фондацијата „Томислав Зографски“, од Сојузот на композиторите на Македонија и Сојузот на музичките уметници на Македонија, како и награда инструмент саксофон од компанијата „Јамаха“ за најуспешниот млад саксофонист.

Натпреварот „Охридски бисери 2019“ се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура и градоначалникот на општина Охрид.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG