Глобалните енергетски трендови ги ставаат во фокусот климатските промени и недостигот на ресурси, па така развиените земји во моментов настојуваат да направат напори кон енергетска транзиција, којашто значи намалување на употребата на јаглеродните горива, а истовремено зголемување на енергетскта ефикасност и инвестициите во обновливите извори на енергија.
Македонското Собрание неодамна усвои нови регулативи – Законот за енергетика и Законот за енергетска ефикасност, кои дадоа насоки Владата да ја изработи и новата Стратегија за развој на енергетиката во следните 20 години.
Државата, според наведеното во Стратегијата, треба да носи политики во енергетскиот сектор кои до 2040 година ќе обезбедат намалување на емисиите на стакленички гасови (CO2) од најмалку осум проценти во однос на 2005 година, до над 60 проценти, доколку биде остварено најдоброто „Зелено сценарио“, како што стои во документот.
Енергетскиот сектор има најголемо учество во емисиите на стакленички гасови во Македонија во однос на другите сектори, главно бидејќи е базиран на фосилни горива, пред се на јаглен, кои во вкупната потреба од енергија учествуваат со над 80 отсто, според Вториот двогодишен извештај за климатските промени на Македонија.
Според тоа, во оваа насока Стратегијата за енергетика треба да поттикне значително зголемување на уделот на обновливите извори на енергија во бруто потрошувачката на финалната енергија, односно од 35 до 45 отсто, според поставените цели.
Граѓанските организации за заштита на животната средина, кои беа вклучени во изработката на документот, оценија дека со него се поставува јасен патоказ кон напуштање на јагленот и оти истовремено се даваат големи можности за инвестиции во обновливи извори на енергија, а со тоа и исполнување на обврските на државата превземени со потпишувањето на меѓународните договори.
Стратешкото планирање на нискојаглероден развој претставува значителен придонес кон ублажување на климатските промени и заштитата на домовите и храната на граѓаните, соопштија од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест.“
„Термоелектраните на јаглен сериозно го нарушуваат здравјето на граѓаните од регионите каде се присутни, меѓутоа и во целата земја, па и преку границите на нашата земја. Се надеваме дека одлуката за напуштање на јагленот како енергенс ќе се зацврсти дополнително и со забрана за загревање на домаќинствата со јаглен“, изјави извршната директорка на „Еко свест“ Ана Чоловиќ Лешоска.
Од „Еко свест“ посочуваат дека Стратегијата во две од три можни сценарија предвидува затворање на сите термоелектрани на јаглен во земјата и транзиција кон обновливи извори на енергија, преку планираните 120 мегавати соларни капацитети на местото на поранешниот рудник за лигнит во Осломеј.
Минатиот месец Владата информираше дека е распишан тендер за јавно-приватно партнерство за изградба на фотоволтаична централа на местото на ТЕЦ Осломеј, која треба да испорачува струја за 20.000 домаќинства, инвестиција која ќе чини околу 80 милиони евра.
Но, според претседателот на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија, професор Константин Димитров, владината енергетска Стратегија „дава само желби“, а не и насоки како да се реализираат поставените цели во документот.
„Ако во Осломеј ние изградиме фотоволтаична централа од 100 мегавати, нема да ја добиеме истата количина на енергија. Ние може да изградиме идентични капацитети од фотонапонски и ветерни централи, колку што имаме капацитети за производство на електрична енергија од јаглен, бидејќи целта е да ја смалиме емисијата на јаглен, но овие системи работат под теорија на случајност. Ако има сонце или ако има ветер. Што ќе правиме ако нема?“, прашува Димитов.
Во моментов земјава увезува 30 отсто од потрошувачката на енергија, а остатокот го добиваме главно од производството на термоелектраните на лигнит ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј и од големите хидроцентрали.
Но, електраните се со застарена технологија, а според предвидувањата е можно во иднина да се соочат со недостиг на снабдување со јаглен.
Освен тоа комбинатите загадуваат повеќекратно повеќе со сулфур диоксид и прашина во однос на она што е пропишано како гранична вредност во Националниот план за намалување на емисиите, во услови кога за лимитирањето на загадувањето од термоелектраните земјата потпиша и договор со Европската енергетска заедница.
За тоа алармираше мрежата на организации за заштита на животната средина „ЦЕЕ Бенквоч“ во декември минатата година, укажувајќи дека властите на Балканот мора да одлучат дали ќе постават филтри во термоелектраните на јаглен или ќе ги затворат, бидејќи нивните истражувања покажаа дека 16 електрани на Западен Балкан загадуваат исто колку 250 електрани во ЕУ.
Професор Димитров вели дека транзицијата кон обновливи извори на енергија е можна, но не е едноставна и оти за тој процес е потребен сериозен пристап.
„На пример, со Стратегијата беше предвидено оваа година да се вложат 200 до 300 милиони во енергетиката, а во Буџетот не беше предвидено ништо. Значи имаме документ за во фиока, имаме докумет кој го прифаќа Европската Комисија, а прашање е дали ќе го реализираме. Ќе не удираат за уши, затоа што нема да ги оствариме зацртаните предвидувања, нема да имаме финасиски потенцијал за тоа да го направиме“, смета Димитров.
Тој вели дека земјава е мал загадувач на глобално ниво, но загадува локално со емисиите на ПМ честичките. Според него, државата и во следните 10 години ќе биде зависна на јаглен како потенцијал за базна енергија и затоа укажува дека треба да се вложат големи средства во инсталирање на филтри во термоелектраните за заштита на животната средина, но и во вториот столб – енергетската ефикасност, вели Димитров.
Но, колку земјва и регионот ќе бидат погодени од климатските промени, покажуваат предвидувањата за влијанијата врз Македонија, според податоците на официјалните државни документи, како Националните планови за климатските промени, каде е наведено дека температурата ќе расте, летата ќе бидат потопли, зимите поблаги, а достапноста на водите ќе се намалува.
Оваа година земјава веќе ги почувствува сушите, од кои, освен водните ресурси, најмногу ќе страда и храната. Јуни 2019 година беше рекордно најтопол во светот, кога просечните температури беа повисоки за два целзиусови степена во однос на нормалното, според „Коперникус“ – сервисот на ЕУ за климатските промени.
Јули, август и септември беа топли приближно како 2016 година, кога се измерени рекордно високи температури, а последните пет години се најтопли откако светот врши мерења на температурите од 1880 година.
Во процесот кон напуштање на јагленот, во Стратегијата за енергетика се вели дека важна улога ќе има и природниот гас како транзициско гориво до 2050 година, преку реализирање на планираните интерконекции со Грција и со другите земји, но и со веќе започнатиот план за гасификација.
Давор Пехчевски – координатор за кампањи против штетноста на фосилните горива од „ЦЕЕ Бенквоч“ смета дека напуштањето на јагленот е чекор напред, но укажува државата да биде внимателна во формирањето на „енергетскиот микс на земјата“, вклучително и гасификацијата „која може значително да ги зголеми штетните емисии.“
„Заштитата на климата и на екосистемите значи дека и обновливата енергија мора да биде одржлива, а ова подразбира внимателен однос кон планирањето на хидроенергетските проекти поради нивното потенцијално негативно влијание врз животната средина“, вели Пехчевски.
За намалување на емисиите на стакленички гасови во следните децении, земјите во светот се обврзаа со потпишувањето на Парискиот договр од 2015 година, поставувајќи ги климатските цели за спречување на порастот на глобалната температура на поевеќе од 2 степени.
Според тоа, Европската унија планира до 2050 година да ги намали стаклечниките гасови за 80 отсто во однос на нивото во 1990 година, 50 отсто од енергијата да ја добива од обновливи извори и за 41 процент да ја подобри енергетската ефикасност. Унијата ќе воведе и такси за загадувачите, што значи наплаќање за емисиите на CO2.