Професионалниот спорт е глобална индустрија околу која се вртат милијарди, но спортските натпреааври сега се одложени поради пандемијата од вирусот КОВИД-19. Ова за клубовите ќе значи огромни финансиски загуби, а следуваат тешки времиња и за љубителите на спортот, навикнати секојдневно да следат спорт со оглед на збиените распореди за играње.
Заразени од вирусот се десетици спортисти, откажани се бројни спортски настани во фудбал, кошарка, атлетика, тенис, хокеј на мраз, голф, мото спортови... затворени се спортските објекти за натпревари и тренинзи.
Неизвесно е колку време ќе трае сето тоа и покрај смиреноста на претставниците на светските спортски лиги, каде постојат надежи дека е можно спортистите наскоро да се вратат на терените.
Предвидувањата на многу официјални владини претставници и здравствени работници, сепак се дека пикот на вирусот КОВИД-19 допрва ќе следува. Во моментов во многу земји поради епидемијата е прогласена вонредна состојба.
Неизвесно одржувањето на ЛОИ
Суспендирани се националните европски лиги скоро во сите спортови, одложено е Европското фудбалско првенство ЕУРО 2020 за следната година, но и натаму е неизвесно дали ќе се одржи најголемиот спортски настан оваа година, Олимписките игри во Токио 2020, во услови на кризата со вирусот кој досега глобално предизвика околу 7.400 смртни случаи и зарази над 180.000 луѓе.
И покрај пандемијата, јапонските организатори и Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) во повеќе наврати рекоа дека летната Олимпијада ќе се отвори, како што е закажано на 24 јули.
ИОК ги одржува тековните подготовки и соопшти дека иако ситуацијата со вирусот влијае врз подготовките, остануваат целосно посветени на Игрите.
„Со повеќе од четири месеци пред почнувањето на Игрите, нема потреба за никакви драстични одлуки во оваа фаза и секакви шпекулации во овој момент ќе бидат контрапродуктивни“, се вели во коминикето на МОК од 17 март.
Но какви ќе бидат последиците од можното одложување на Олимписките игри, чии подготовки за нивно одржување траат веќе седум години и се потрошени над 12 милијарди долари, како што вели за РСЕ спортскиот директор на Олимпискиот комитет на Северна Македонија Владимир Богоевски.
Евентуалното одложување на Олимпијадата, вели тој, ќе предизвика големи загуби, а најмногу ќе претрпи домаќинот Јапонија.
„За овие пари да се извадат, прво треба да има учество, телевизиски преноси и публика. Сето тоа го комплицира овој коронавирус и затоа е тешко да се донесе таа одлука. Се надеваме дека вирусот ќе спласне и дека Олимпијадата ќе се одржи“, вели Богоевски.
Олимискиот факел во петок треба да пристигне во Јапонија на лет од Грција. Официјалниот старт на четиримесечната штафета низ Јапонија треба да почне на 26 март во североисточната префектура Фукушима.
Организаторите бараат намалување на собири по трасата на факелот и велат дека ако има премногу луѓе може и да биде сопрена, но дека се решени да ја поминат целата рута до 24 јули, која треба да заврши на новиот национален стадион во Токио.
Спортистите со критики за организаторите
Меѓународниот олимписки комитет во соопштението ги охрабрува сите спортисти да ги продолжат подготовките за Игрите „најдобро што можат“, но наидоа на критики од неколку олимписки шампиони, како Хејли Викенхајзер, Макс Хоф и Катерина Стефаниди, кои сметаат дека неодложувањето на игрите претставува ризик за спортистите.
Стефаниди, олимписка шампионка во скок со стап, изјави дека спортистите се принудени да преземаат здравствени ризици, бидејќи конкурентите почнуваат да зборуваат за одржување на Игрите во Токио за време на кризата со коронавирусот, пренесе АФП.
Четирикратната освојувачка на златен медал во хокеј на мраз, Канаѓанката Хејли Викенхајзер, на Твитер напиша дека правење притисок без да се земат предвид другите мерки е „нечувствително и неодговорно.“
„Оваа криза е поголема дури и од Олимпијадата“, напиша Викенхајзер.
Сличен став има и германскиот освојувач на златен медал во кану Макс Хоф. Тој за „Берлинер цајтунг“ во насока на затворањето на спортските објекти во Германија изјави дека има разбирање за мерките и оти се тие важни.
„Но, нам ни се одземени основите за работа. Ако тренинзите во Европа се суспендирани за месец или два, не мора да се натпреварувам со остатокот од светот во август“, вели Хоф, пренесува ДПА.
Сепак како што пренесува АП, во локална анкета покажува дека 70 отсто од Јапонците не веруваат дека игрите ќе се одржат според предвиденото.
За тоа колку ситуацијата станува комлицирана со новиот коронавирус, Богоевски посочува дека двајца боксери од земјава, Јасин Лама и Гоце Јанески, кои минатата недела учествувале на квалификационен турнир во Лондон, во моментов не се знае како ќе се вратат назад во земјава со оглед на затворените граници, што најверојатно ќе мора да реагира македонската амбасада, вели тој.
Огромни загуби за клубовите
Освен одложувањето на Европското првенство во фудбал ЕУРО 2020, кое се одржува на секои четири години, како што официјално соопштија организаторите на турнирот од УЕФА, одложени се и бараж натпреварите.
УЕФА образложи дека со тоа ќе се овозможи европските национални лиги да ги довршат своите сезони. Слично постапија и организаторите на Копа Америка - континенталното првенство на Јужна Америка, каде исто така за една година го одложија одигрувањето.
Претходно беа суспендирани и европската Лига на шампиони и Лигата на Европа, а се уште е неизвесно дали сезоните во националните лиги ќе бидат довршени и покрај одложувањето на ЕУРО 2020, кое за прв пат беше предвидено да се игра во 12 градови низ Европа, наместо во една земја како што беше претходно.
Богоевски вели дека во моментов големи се проблемите со кои се соочуваат спортските клубови, наведувајќи дека е потребно да се пронајдат формули како ситуацијата да се заврши на најдобар начин за сите лиги кои се натпреваруваат и во најдобар случај натпреварите да се одиграат до крајот на јуни.
„Шпанската фудбалска лига има годишен обрт од пет милијарди евра, телевизиските права на клубовите се огромни, на пример во Англија само од телевизијата Манчестер Сити и Ливерпул имаат околу 150 милиони евра, Јувентус има 103 милиони евра. Секој натпревар кој го организира една голема екипа е голем бизнис. На пример, кога Бајерн Минхен организира еден натпревар во Бундеслигата, се продаваат околу 40.000 пива, 15.000 освежителни сокови и околу 20.000 сендвичи. Тоа сега се ќе запре“, вели Богоевски.
Спортските натпревари се суспендирани и во земјава, но како што вели Богоевски, загубите за македонските спортски клубови ќе биде многу помали и минимални во однос на оние во развиените европски земји, бидејќи тие не внесуваат толкави средства од телевизиски права, а нема ниту толкав број на публика.
„Мора да има некаква загуба, бидејќи клубовите кои ги имаат спонзорите, мора на некој начин да го оправдаат она што го вложуваат. Сепак ќе кажам дека загубите се многу помали и полесно ќе се надоместат отколку во овие големи клубови“, вели Богоевски.
Во Европа одложен е и францускиот тениски турнир Ролан Гарос од мај за септември, за одложување размислуваат и организаторите на УС Опен.
Викендов што следува, требаше да бидат одиграни и многу натпревари во САД: голф, тенис, натпреварите во лигите НБА, НФЛ, МЛБ, МЛС и десетици други. Сите се одложени. Сезоната во НБА лигата беше суспендирана на 30 дена откако центарот на Јута Џез Руди Гоберт беше тестиран позитивен на вирусот, по што комесарот на НБА Адам Силвер донесе одлука за запирање на натпреварите, уште пред американскиот претседател Доналд Трамп да прогласи вонредна состојба во земјата. Во меѓувреме деновиве уште неколку играчи беа тестирани позитивни на вирусот.
За кого работи времето останува неизвесно, дали ќе биде можно враќање во нормалата по епидемијата на вирусот, засега е неизвесно и ниту од најголемите експерти, епидемиолози дали ќе биде можно годинава да се одржи Олимпијадата и другите големи спортски натпреварувања.