„Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова е роман кој својата приказна ја темели на историски податоци, а фикцијата деликатно се испреплетува со фактите. Директното, експлицитно посочување на изворникот (мемоаристичката книга „Мојот балкански дневник“ на Џ. Џонстон Абрахам, еден од докторите кои престојувале во Скопје за време на Првата светска војна) чиешто „ехо“ е романот, воопшто не ѝ пречи на приказната, туку напротив, овозможува увид во слоевитоста и комплексноста на наративните постапки.
Писмото на Николова е моќно, автентично и рафинирано. Таа и во овој роман го покажува истенченото чувство за детали, кои го збогатуваат наративниот мозаик, и кои суптилно исткајуваат мрежа од симболи. Смелата авторска идеја е успешно реализирана во творечки резултат со високи естетски вредности. Авторката умешно ја води приказната до самиот крај, одржувајќи ја компактноста на структурата, уверливоста на изградените ликови и книжевни ситуации, како и стилско-јазичната префинетост.
Ова ќе биде забележано во образложението на жири-комисија за одлуката „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова да биде прогласен за „Роман на годината“ за 2019 што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“.
На конкурсот распишан на 15 декември минатата година пристигнале 38 дела, а жири комисијата во состав Николина Андова Шопова (претседателка и минатогодишна лауреатка), писателот Милован Стефановски, универзитетската професорка Весна Мојсова – Чепишевска, писателот Славе Ѓорѓо Димовски и претставничката на Фондацијата - Катерина Богоева, по неколку селекции по кои меѓу петте беа одбрани „Молчи со отворена уста“ на Снежана Младенова - Анѓелков (Или–Или), „Пагански времиња“ од Драги Михајловски (Просветно дело), „Песот со тажен поглед“ на Оливера Николова (Матица Македонска), „Последните денови на Ханс“ од Михајло Свидерски (Или - Или) и „Приказни за госпоѓица Сит“ на Билјана С. Црвенковска (Чудна шума), со мнозинство гласови реши признанието да го добие Николова. Со ова таа е прва од досегашните лауреати која оваа награда ја добива по втор пат, прв пат наградата „Роман на годината“ и е доделена за „Куклите на Росица“ објавен во 2004 година во издание на Култура.
„Ова е прв пат во 21-годишната историја на оваа награда еден автор по втор пат да го добие признанието. Лично мене ми е многу драго што е тоа Оливера Николова, веројатно една од најголемите живи авторки и воопшто живи писатели во Македонија и, на некој начин, второто добивање на наградата е некоја потврда и на препознавањето на вредностите на овој Конкурс“, вели Ѕвездан Георгиевски од Фондацијата „Славко Јаневски“.
Родена 1936 година во Скопје, Оливера Николова е писателка за деца и возрасни и добитничка на повеќе домашни и меѓународни признанија и награди.
Учела во Струга и Велес, а Филозофски факултет завршила во родниот град, по што работела како драматург во Македонската радио-телевизија.
Авторка е на дваесеттина дела за деца меѓу кои хит-книгата „Зоки Поки“, „Земја во која не се стигнува“ (Награда на РТВ и Струшки вечери,1966), „Пријателите Бон и Бона“ (Награда на РТВ и Струшки вечери,1975), „Мојот звук“ (Награда „Младо поколење“,1978), „Девојките на Марко“, „Љубоболки“, „Шифри на каменот“, „Преминот не е осветлен“, „Светлосна година“, и други.
За специјални постигнувања во современиот израз на литературата за млади, во 1983 година ја добила Змаевата награда, а во декември 2018 година според нејзин текст, музика на Александар Џамбазов и режија на Виолета Џолева, во Театар за деца и младинци беше поставен првиот македонски мјузикл за деца „Земја во која не се стигнува“.
Николова е и автор на книгите раскази „Ден за летување“ и „Лева комора“, комедијата „Сребреното јаболко“ и книгата со драмски текстови со ист наслов, на романите „Тесна врата“ (Награда „Стале Попов“,1983), „Домашни задачи“, „Тромбот“, (Награда „Стале Попов“ 1998, којашто ја вратила), „Адамовото ребро“ (Награда „Рациново признание“, 2000), „Вежби за Ибн Пајко“, „Куклите на Росица“ (Награда „Роман на годината“ на Утрински весник, за 2004 година), „Белиот чад“, „Куќичка“ (2012, номинирана за наградата „Балканика“), „Кадифената покривка - новелети за жени убијки“ (добитник на наградата „Стале Попов“ за 2015 година) и „Пешаци по црни полиња“.
Свеченоста на која по традиција се доделува значајното признание „Роман на годината“ овој пат наместо на 6 април, поради мерките за заштита и превенција од корона вирусот, ќе се одржи во дополнително определен термин, а лауреатката Оливера Николова како награда добива 150 илјади денари и статуетка – дело на академскиот скулптор Сашо Саздовски.