„Одбројување“ претставува ненаметливо раскажана потресна семејна драма од современото скопско секојдневие. Приказната е структурирана во три дела, каде низ постојани флешбекови на внатрешен монолог, неименуваната нараторка, која е и централен протагонист во делото, ни ја открива незавидната положба - заглавена со својот бесправедно љубоморен, параноичен маж со очигледно душевно нарушување, кое никој од блиското семејство не сака да го прифати или препознае.
Пармаковска постепено и суптилно го гради ликот на болниот сопруг, а преку префрлувањето на ракурсот врз неговите родители, Даница и Митко, како и братот Алек, па дури и љубовникот Иван – ја деконструира малограѓанската свест и паланечката усреденост на духот, која ги одликува македонските семејства и до денешен ден. Ликовите се зглибени во пеколниот лавиринт на себеизмама и илузорна надеж за почеток на поубав живот, а целта на протагонистката е да се изнајде трет пат, на самотност и независност од туѓите животи.
Романот го одликува долга реченица, јазик близок до разговорниот, како и повремени репетиции, кои на моменти како да го губат фокусот на приказната, но не и полнењето на ликовите со нови детали, кои отсликуваат уште еден исечок од македонската општествена реалност.
Ова се извадоци од образложението на жирито, во кое беа Давор Стојановски, писател и минатогодишен лауреат, Ристо Лазаров, писател, Иван Додовски, писател и професор на Универзитетот Американ колеџ од Скопје, Анета Дучевска, професор и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Коневски“ и Катерина Богоева, новинар и член на Фондацијата „Славко Јаневски“, и кое „Одбројување“ на Фросина Пармаковска, објава на издавачката куќа „Или-Или“, го прогласи за „Роман на годината“ во 2017.
Романот на Пармаковска беше одбран од 27 пристигнати дела на конкурсот, а финалисти на наградата што од оваа година, по згаснувањето на „Утрински весник“, ја доделува новоформираната Фондација за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“, беа и „Апокалипса.мк“ на Бранко Прља, издание на „Готен“, и „Диссомнии“ на Игор Станојоски, што го објави „Антолог“.
Фросина Пармаковска, видно возбудена од ваквиот след на настаните, откако ќе ја поздрави иницијативата на Фондацијата „Славко Јаневски“ за продолжување на традицијата „Роман на годината“, ќе рече дека е искрено радосна, но едновремено и дека чувствува дополнителна одговорност кон секој напишан збор, кон секоја напишана книга, кон секој читател и кон споменот кон Славко Јаневски.
„Славко Јаневски мене ми е еден од омилените македонски писатели. Трилогијата „Миракули на грозомората“ ми е едно од најубавите четива во македонската литература и во таа смисла чувствувам можеби мал притисок кон мојата иднина. Кон иднината на она што ќе го пишувам и што сега е малку обременето со една ваква награда“, вели Пармаковска.
Таа дополнува дека во самото финале била во конкуренција со двајца извонредни писатели со богато творечко искуство како Игор Станојоски чиј роман и бил нејзе еден од омилените во оваа трка за „Роман на годината“ и Бранко Прља, кој исто така има оставено доста зад себе. Во таа смисла, како што вели, „доста се израдувала на наградата и сега чека малку да легнат импресиите, па да види што и како понатаму“. Сепак, во едно е убедена, сега е исправена пред многу поголема одговорност како авторка.
„Мислам дека оваа награда вреди за натаму да се мери секој збор одделно. Колку и да има зборови во еден роман, одново вреди секој да се мери и премерува. Во таа смисла секако дека чувствувам голема, огромна одговорност“, вели писателката.
Фросина појаснува дека признанието и се случува помеѓу поголеми објави. Дека ако ги тргне настрана расказите, ова и годината во која сака да направи пауза до следниот роман.
„Сега гледам буквално да го испратам овој роман. Да се одврзам, и мислам дека сега, во овој момент, со оваа награда конечно можам да го пуштам на слобода „Одбројување“. Или да го пуштам таму кадешто му е местото – кај читателите. Да го оставам зад себе и да се насочам кон некоја нова идеја“, вели Пармаковска.
Инаку, „Одбројување“ е трет роман на Фросина Пармаковска во низата во која се и краткиот „Пишувајќи ги изгубените топки“ ( издание на Култура - 2013) и „Вишнова хроника“ ( Или-Или - 2014 ).