Достапни линкови

„Некој бил тука“ од Николина Андова-Шопова - Роман на годината за 2018


Од 36 пристигнати книги на конкурсот, кој беше распишан на 15ти декември минатата и траеше се до 15ти јануари годинава, жири комисијата составена од писателите Фросина Пармаковска, Богомил Ѓузел, Елизабета Баковска и Александар Прокопиев и Катерина Богоева како претставник на асоцијацијата, го одбра „Некој бил тука“ од Николина Андова-Шопова, издание на „Темплум“, за Роман на годината за 2018-та.

Во најтесна конкуренција влегле и „Страв од Варвари“ од Петар Андоновски, издание на „Или - Или“ и „Маџун“ од Влада Урошевиќ чиј издавач е „Магор“, а жирито во своето соопштение забележува дека „од самиот почетокот, околу 5-6 романи забележително се разликувале во однос на преостанатите пристигнати книги и по однос на свежината на раскажувањето и по однос на јазичната подлога и токму тие, влегле во потесен избор или во претпоследниот круг во трката за престижното признание“.

- Некој бил тука“ од Нина Андова-Шопова е роман што се чита брзо и лесно, но истовремено е и приказна што не е ниту површна, ниту плитка. Тој е исклучително зрел и убедлив, тежок и емотивно напорен текст за читателот. Се работи за една долготрајна и мачна себеотуѓеност која, низ една необична и нималку наивна игра со и во просторот, резултира во една неопходно и неизбежно себесретнување. Раскажувањето на Андова Шопова со леснотија го повлекува читателот во морето од сомнежи, стравови и сеќавања, при што потребна е подготвеност за веднаш и бескомромисно да се нурне во длабокото. Технички и јазично, тој е компактен и стегнат, во него не недостасуваат и не стрчат ниту една реченица и ниту еден збор, вели во името на комисијата Фросина Пармаковска, минатогодишната победничка.

Родена 1978 година, Николина Андова Шопова за првата поетска збирка „Влезот е од другата страна“ од 2013 година ја доби наградата „Мостови на Струга“. Книгата е издадена и на англиски јазик, а веќе следната 2014 ја објавува и втората поетска збирка „Поврзи ги точките“. Нејзините песни се преведени на десеттина светски јазици, а освен поезија таа пишува и раскази, песни и сликовници за деца. „Некој бил тука“ е нејзин прв роман.

По соопштувањето на одлуката дека нејзиното дело е Роман на годината за 2018, Андова Шопова ќе рече дека во изминативе дваесеттина година „ова е една од оние награди кои успеаја да го задржат своето реноме“. Таа и со дополна дека меѓу добитниците на оваа награда и на оние кои влегле во потесен избор има многу нејзини омилени македонски писатели од повеќе генерации.

- Така беше и оваа година. Во конкуренција беа автори чии книги со задоволство ги читам и препрочитувам и кога во такви околности ќе бидете еден од добитниците на оваа награда радоста е двојно поголема. Им благодарам на досегашните читатели кои му посветија дел од своето време на овој роман, на оние кои ги дадоа своите коментари уште кога романот беше во ракопис, на луѓето од издавачката куќа „Темплум“ и на Никола Гелевски и секако, пред се*, огромна благодарност на жири комисијата која одлучи „Некој бил тука“ да биде Роман на годината, вели Николина.

Инаку, ова е 20-то доделување на ова престижно книжевно признание што своевремено беше иницирано од „Утрински весник“. По неговото згаснување пред нешто повеќе од две години зад наградата со идеја дека не смее да згасне „овој бренд на македонската култура“ застана Фондацијата за промоција и унапредување на културата „Славко Јаневски“ од Скопје, која од неодамна делува под закрила на Културно информативниот центар на градот.

Кон ова само уште информацијата дека свеченото доделување е планирано да се случи на 10 април во изложбените салони на Центарот, а во меѓувреме на 28 март Фондацијата ќе ја стори промоцијата на новото издание на првиот македонски роман „Село зад седумте јасени“ од писателот Славко Јаневски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG