Отстранувањето на спомениците и објектите опфатени со проектот „Скопје 2014“ беа само едно од неколкуте предизборни ветувања на скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Две и пол години подоцна спомениците се на своите места, а на еден месец пред предвремените парламентарни избори Шилегов најави отстранување на една од трите галии поставени на реката Вардар. Шилегов му даде рок од 30 дена на корисникот на галијата да ја отстрани на свој трошок. Доколку тоа не го направи, градскиот татко најави дека Град Скопје ќе ја отстрани на негов трошок, после истекувањето на рокот, во април.
Од градот Скопје објаснуваат дека согласно одлука на градот, поставените галии во коритото на реката Вардар се поставени како урбана опрема (монтажно-демонтажни објекти).
Во 2011 година Советот на Град Скопје донел Одлука за спроведување на постапка за доделување на право на поставување урбана опрема за вршење угостителска дејност на Кејот на реката Вардар со која, како што велат, биле предвидени условите за давање на право на угостителите да ги постават овие објекти во времетраење од 30 години, за што треба да плаќаат надомест на Градот Скопје.
„Во 2016 година корисникот на посочениот објект има потпишано анекс на договорот со кој му е дозволено да не врши никаква дејност поради немање на услови за тоа. Во 2018 и во 2019 година од Град Скопје корисниот на објектот има добиено Известување дека постојат услови за продолжување на вршење на дејноста односно не постојат повеќе пречки за вршење на дејноста и со тоа истиот бил должен да продолжи со работа согласно потпишаниот договор и анекс договор. Во овој период додека не постоеле услови за дејноста не е плаќана никаква закупнина на Градот. Заклучно 6 март годинава истиот не постапи по даденото известување и не продолжи да ја врши угостителската дејност, која состојба е констатирана со записник“, велат од град Скопје, во одговорот до нашата редакција.
Урбаната опрема е на правниот субјект Друштво за производство, трговија, услуги и стоки ФАЛАНГА- ХЕРОНЕА ДООЕЛ Скопје.
Компанијата „Фаланга-Херонеа“ која е корисник на галијата го демантираше Шилегов дека добиле решение за работа. Најавата од скопскиот градоначалник ја толкуваат како политички мотивирана постапка во функција на претстојните избори.
„Во 2016 година заради изградба на Панорамското тркало, движењето на градежната механизација, бучава, прашина, ни беше оневозможено да ја вршиме нашата основна дејност. Веднаш побаравме да прекинеме со работа и да не плаќаме закупнина до завршување на изградбата кога би можеле нормално да продолжиме со работа. Нашата компанија до овој момент нема добиено никакво решение дека треба да продолжиме со работа како што тврди градоначалникот дека се случило во 2018 година. Доколку сме добиле такво решение ние ќе сме го почитувале“, соопштија од компанијата „Фаланга Хоронеа“.
Град Скопје соопшти дека објектите од проектот „Скопје 2014“ можат да ја нарушат безбедноста на граѓаните од поплави, што пак води до материјална штета, како и опасност за животот и здравјето на граѓаните. Од Градот соопштија дека воделе правни постапки и оти со прецизност ќе се отстрани првата галија, без да има опасност за граѓаните и какви било финансиски импликации.
Сепак, останува нејасно зошто, ако може да се наруши безбедноста на граѓаните од поплави, Градот во 2018-та и 2019-та испраќал известување дека постојат услови за продолжување на вршење на дејноста во галијата?
Од Асоцијацијата на архитекти го оправдуваат овој потег на градот Скопје.
„Зошто се чекало досега не ми е јасно. Но, сметам дека воопшто не треба ни да се размислува дали тие се или не се безбедносен проблем. Прво тие естетски го загадуваат градот, а исто така покажуваат дека дел од граѓаните немаат културолошки вредности. На крајот на денот, важно е тие да се тргнат што поскоро, а од кои побуди тоа се прави не ми е толку важно“, вели претседателот на Асоцијацијата на архитекти Мартин Пановски.
Неколку денови откако градоначалникот Шилегов ја презеде градоначалничката функција во интервју за нашето радио изјави дека отстранувањето на спомениците од Скопје 2014 година е исклучително скап проект, а дел од спомениците не се ингеренција на Град Скопје и тука се вмешани Министерството за култура и општина Центар.
Во однос на галиите пак, градоначалникот кажа дека куриозитет во неодговорноста во носењето одлуки на претходниците е што бродовите во коритото на реката Вардар се поставени под категоријата „урбана опрема“, нарекувајќи ги ваквите чекори правни екскурзии правени со цел да се реализира еден налудничав проект.
Шилегов вчера изрази очекување дека во иднина ќе се создадат услови за отстранување и на останатите галии.