Власта и опозицијата тврдат дека законот за Јавно обвинителство треба да понуди вистинска борба против криминалот, а на иста линија им се и меѓусебните обвинувања.
За ВМРО-ДПМНЕ понуденото решение е со цел СДСМ да ја избегне правдата, а владејчката партија пак тврди дека опозцијата сака ново решние од истата причина. Од Министерството за правда најавија дека продолжуваат консултациите со претставниците на пратеничките групи со цел обезбедување на двотретинско мнозинство. Владата сака законот да биде донесен пред распуштање на Собранието на 12 февруари поради се погласните повици од меѓународната заедница дека тоа би било добар знак за евроинтеграциите на земјата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека не е против закон за јавно обвинителство, туку против партиски закон со кој ќе се заштити криминалот. Тој предложи изготвување на квалитетен закон од страна на тим од професори по уставно право.
„Ваков каков што е (предложен законот) нема согласност од најголемата опозициска партија. Дали ќе дозволиме негово донесување? Физички ние никако не можеме да го спречиме овој закон ако одлучат на сила да го туркаат со кршење на процедури, со притисоци, со уцени врз пратеници. Тоа ние не можеме, бидејќи е со европско знаменце“, вели Мицкоски.
Министерството за правда соопшти дека е несериозно да се бара изготвување нов закон, бидејќи работната група во која учествувале и експерти од областа го подготвувала текстот повеќе од две години, а веќе една година се водат и преговорите.
„Законот е се уште на маса и доколку ВМРО-ДПМНЕ сака да учествува во процесот, ги повикуваме да подготват амандмани на овој текст - се останато е алиби за недонесување на законот и избегнување на правдата“, наведуваат од министерството.
Законот беше тема и на средбата на 8-темина сега независни, а претходно пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, со американската амбасадорка, Кејт Мари Брнс.
„Одржав продуктивна средба со групата независни пратеници денеска, за важноста од поддршката на континуираните реформи, вклучувајќи го и законот за јавното обвинителство, кој ги унапредува целите за владеење на правото, транспарентност, одговорност и добро владеење“, напиша на својот Твитер профил Брнс.
ВМРО-ДПМНЕ има 36 пратеници во Собранието и законот може да биде донесен и без нивните гласови. Доколку Владата ги обезбеди гласовите ,пред се, од независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои се 8 на број, како и на пратениците од опозициски партии од албанскиот блок тогаш ќе го има потребното двотретинско мнозинство.
„Работиме се уште на нашите забелешки за законот за Јавно обвинителство. Штом ќе имаме изградено став, ќе ја известиме јавноста“, велат од независната група на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ на прашањето на РСЕ дали ќе го поддржат донесувањето на законот.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски порача дека ВМРО-ДПМНЕ бара сите предистраги кои се почнати, да бидат стопирани со решение.
„Сите забелешки коишто се разумни, коишто се во насока на концептот на законот, а тоа е да обезбеди правда за секого, да обезбеди сигурност дека секој еден што направил било какво злодело ќе одговара, односно да обезбедиме еден систем којшто ќе биде далеку од политиката и ќе биде во насока на јакнење на јавно обвинителската служба. Тој е концептот кој треба да биде усвоен и концепт кој треба да продолжи понатаму“, рече Спасовски.
Инаку лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вчера, во изјава за новинарите, не ја исклучи можноста за одложување на изборите, доколку опозицијата го минира носењето на законот.