Достапни линкови

Вархеји: ЕК е за датум за преговори, но донесете го Законот за ЈО


Еврокомесарот Оливер Вархеји за време на посетата на Скопје
Еврокомесарот Оливер Вархеји за време на посетата на Скопје

Новиот еврокомесар за проширување Оливер Вархеји денеска во Скопје, на заедничката прес конференција со премиерот Оливер Спасовски, рече дека Северна Македонија и Албанија се подготвени да ги почнат преговорите. За новата ЕК проширувањето не е табу тема, туку приоритет, порача тој.

Северна Македонија е подготвена да ги започне преговорите со ЕУ, порача еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и изрази надеж дека ќе биде донесена позитивна одлука пред самитот на Унијата во Загреб, но додаде и дека до тогаш приоритет треба да биде донесувањето на Законот за јавно обвинителство. Вархеји по средбата со техничкиот премиер Оливер Спасовски во Владата рече дека добрите вести за евроинтерацијата на Западен Балкан ќе продолжат и дека ЕУ ќе работи уште понапорно за тоа да стане реалност. За новата Европска комисија проширувањето, како што наведе, не е табу, туку приоритет.

„Ние треба да работиме врз основа на проценката дека Северна Македонија и Албанија се подготвени да ги започнат пристапните преговори. Нема промена во тоа и ние ќе се држиме до нашата првична проценка дека треба да ги започнеме пристапните преговори со овие две земји. Тоа ,исто така, значи дека треба да имаме позитивна одлука од Европскиот совет за отворање на пристапните преговори пред самитот во Загреб во оваа година, кој ќе се случи во мај“, рече Вархеји.

Вархеји: Северна Македонија е подготвена за преговори со ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:34 0:00

Тој додаде дека во претстојните месеци ќе треба на маса да се стави новиот пакет за процесот на проширување, кој треба да биде кредибилен, попредвидлив, пообјективен и подинамичен. Вархеји потенцираше дека Северна Македонија покажала напредок и постојана динамика на реформите.

„Потребно е Владата и другите институции да ги спроведат ЕУ реформите. Да продолжат на овој пат и додека го прават тоа, приоритет треба да се даде на новиот Закон за јавно обвинителство. Се надеваме дека ова ќе се направи во рамките на овој парламентарен состав и тоа ќе биде многу важен знак за земјите членки“, истакна тој.

Спасовски рече дека во наредниот период очекува исчекори во реализација на стратешката цел, членството во ЕУ, при што државата направила се што се очекувало од неа.

„Искрено се надеваме, но и со право очекуваме остварување на оваа наша голема цел да започне со одлука за почеток на пристапни преговори во претстојните месеци после 15 години во чекалната со статус држава кандидат за членство“, рече Спасовски.

Без разлика кој ќе дојде на власт по изборите, како што порача Вархеји, треба да се продолжи со спроведувањето на Договорот од Преспа, како и Договорот за добрососедство со Бугарија. Тој информираше дека побарал од Европскиот парламент како награда за постигнатото на Северна Македонија да и се обезбедат фондови во износ од 50 милиони евра.

На прашањето како го коментира бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во неговата родна земја Унгарија и како евентуалното негово враќање во Северна Македонија би влијаело на реформите во судството, Вархеји рече дека такво нешто нема ниту во еден документ на ЕК. Тој посочи и дека ЕК нема зошто да го коментира азилот на Груевски и прашањето треба да се упати кон унгарските власти.

Ова е прва официјална посета на Вархеји на земјите од регионот од кога ја презеде новата европска должност. Тој на функцијата стапи во ноември минатата година, еден месец откако на самитот на ЕУ во Брисел, Северна Македонија не го доби долгоочекуваниот датум за почеток на преговори. Посетата на Вархеји доаѓа во време кога ЕУ интензивно работи на новата методологија за пристапување во Унијата, која треба да биде објавена до крајот на месецов.

Во Скопје еврокомесарот оствари средби и со претседателот на државата Стево Пендаровски, со претседателот на Парламентот Талат Џафери, како и со лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG