На јавната дебата за последната верзија на законот за јавното обвинителство што се одвива во Собранието, се бара решението на повеќе прашања кои се „камен на сопнување“ помеѓу власта и опозицијата и со кои се одолговлекува неговото донесување, рече министерката за правда Рената Дескоска.
Што е спорно?
Таа вели дека спорните прашање се за тоа каква треба да биде улогата на политичките партии во изборот на јавните обвинители за организиран криминал и корупција, дали треба да има рокови за затворање на одредени постапки, рокови за важење на доказите како што се бара во однос на оние што произлегуваат од прислушуваните разговори, критериумите за разрешување на обвинителите, личната и материјална одговорност, и дали треба да постојат финансиски гаранции. Исто така постојат и дилеми за поделба на надлежностите помеѓу Јавното обвинителство и Обвинителството за организиран криминал и корупција.
„При изготвување на законот се водеше сметка за воспоставување Јавно обвинителство кое што ќе придонесе за фер, непристрасно и ефикасно спроведување на правдата“, рече Дескоска.
Во овој законски текст е предвидено инкорпорирање на Специјалното јавно обвинителство во рамките Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција. Во првичниот предлог текст се предвидуваше да се создаде ново обвинителство за висока корупција.
Државниот јавниот обвинител Љубомир Јовески смета дека треба да има силно, професионално и одговорно обвинителство, да не се задоволуваат дневно – политички потреби и интереси за резултат на пазарење.
„Решенијата во законот не треба да задоволуваат нечии дневно политички потреби и интереси, ниту да бидат резултат на пазарење, туку да го усогласат домашното законодавство со законодавството на ЕУ и на подобар начин да ја постават внатрешната организација на ЈО, пред се поради зголемување на ефикасноста во постапувањето изборот и унапредувањето на јавните обвинители и нивната одговорност“, рече Јовески.
За време на обраќањето на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ од галеријата каде што новинарите ја следат јавната расправа ставија транспарент на кој пишуваше: Господине Јовески до кога ќе го криете писмото со кое притворената Катица ви даде незаконска наредба? (чл.60, закон за ЈО).
За потсетување, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, која е второосомнечена во случајот Рекет, во септември минатата година од притвор во КПУ „Затвор Скопје“ испрати писмо до Јовески со полномошно сите предмети на СЈО да бидат предадени на Јавното обвинителство.
Јовески рече дека обвинителите од поранешното СЈО во законот немаат посебен третман, ниту пак се обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал, туку остануваат во обвинителствата каде беа вработени пред изборот на специјални обвинители. Тие ќе може да работат на предметите на СЈО до нивното завршување.
Јавната расправа ја следат пратеници од сите политички партии, претставници на правната фела, обвинители, меѓу кои и од поранешното СЈО, како Фатиме Фетаи, адвокати, професори од правните факултети и други. Поради интересот јавната расправа ќе продолжи и утре.
Обвинителката од поранешното Специјално јавно обвинителство Фатиме Фетаи на јавната расправа побара обвинителите за организиран криминал и корупција да можат да постапуваат и пред Апелациски суд, а не тоа да го прави виш јавен обвинител, и да се заострат критериумите за избор на шеф и обвинители на ова јавно обвинителство.
Носењето на Законот за јавно обвинителство се актуализира последниве недели откако еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји рече дека добар сигнал за Европската Унија ќе биде и доколку законот за Јавно обвинителство биде донесен пред распуштањето на Собранието во февруари.