БЕЛЕГ
Ако ти се случи да се сомневаш во својот лик
што ќе го видиш во огледалото
закачено на влезната врата од твојот дом,
пред да започнеш да се залажуваш себеси
дека вистинските одговори ги знаеш само ти и никој друг,
обиди се да го запалиш светлото во собата
и погледни дали во него ја гледаш својата сенка.
И ако случајно сретнеш уште еден лик
во рамката на огледалото од твојот дом,
пронајди некој друг што наликува на тебе
и започни да веруваш дека има некој ист како Тебе на овој свет.
И ништо повеќе не е потребно да кажеш и да направиш.
Сé се разбира и се знае однапред.
Како белег наследен од родител.
Ова е песната „Белег“ напишана од поетесата Драгана Евтимова, добитничка на првата награда на третиот Mеѓународен конкурс за поезија ,,Антево слово" зад кој стојат Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ во соработка со здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“.
Добитници на на втората награда се Сузана Мицева за „Тефтер“ и Давиде Роко Колокраи за неговата „Ќе бидам моето убаво сонување“, а третата му припадна на Игор Крајчев и песната „Победа“. Згора на тоа на ова издание на манифестацијата специјални награди им се доделени на авторите Марина Икономова Шокева („Стојам и гледам“), Дина Кампања („Свилени навои“) и Зоран Костески („Ќе те сместам во стиховите“), а сите овие творци ќе бидат застапени во новата антологија на Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“
Вака одлучило Жирито во кое членуваат претставници од семејството на доајенот на македонската поезија Анте Поповски, како и еминентни претставници од книжевната сцена во Македонија и организаторот на Меѓународниот фестивал – односно академик Катица Ќулавкова, Геро Ла Векија, Митко Гогов и Александар и Жорж Поповски.
Во образложението за победникот и првонаградената песна Жирито пишува:
Песната „Белег“ на Драгана Евтимова е конкретна стилистичка творба во која во преден план доаѓаат авторефлексивноста и автореференцијата преку средбата со огледалото кое нуди не само одраз на нејзината внатрешна авторска поетска панорама, туку истовремено и психолошко дефинирање на карактерните особини и животната филозофија, кои се проткаени во еден современ, слободен манир на пишување. Стиховите во оваа песна не замислуваат и обременуваат, ни даваат мотивација да бидеме похрабри, да го пречекориме прагот, да се соочиме со самите себе, па дури и да поверуваме во еден свет во кој Другиот и другоста можат да ни помогнат да научиме да бидеме подобри. Симболиката и самата структура на песната продираат во минатото, како значаен елемент за нашиот развој, ослободена од непотребните естетки елементи, минималистична, конкретна и на момент продуховена.
Тоа е позицијата на Драгана Евтимова, која како автор не се плаши да се соочи со фактот дека светлината од свеќата не може да проектира живот во нејзината сенка на ѕидот на искуството и опитот, речиси на ист начин како Диогеновата потрага по вистината, префрлувајќи ја судбината во очите на своето алтер его, онаму каде е потребно да се направи првиот чекор. Да се постои, независно од орнаментноста која “белегот“ ја оставил во кроењето на нашите светогледи.
А поетесата, пак, непосредно по објавувањето на резултатите од Mеѓународниот конкурс за поезија ,,Антево слово", откако ќе му се заблагодари на Жирито и на организаторот на манифестацијата и ќе им честита на останатите добитници на наградата во својата изјава вели:
- Наградата е можност за претставување надвор од границите на секојдневието и чувството дека нашите мисли се слободни, неограничени, флексибилни, приспособливи и еластични во сопственото продлабочување. Обично како пишувач на стихови се обидувам да ги интерпретирам сопствените размисли и да ги конкретизирам во збор. Првиот впечаток за тоа дека сум добитник на престижната награда Антево Слово за најдобра поетска творба во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски е само испраќање на поетска порака до сите што се љубители на пишаниот збор да се охрабрат и да учествуваат во вакви манифестации.
Инаку, родена 1984 година во Скопје, Драгана Евтимова е Дипломиран професор по македонска литература и јужнословенски книжевности и словенечки јазик на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Филолошки факултет „Блаже Конески“, во Скопје. Згора на тоа таа е и Дипломиран преведувач за словенечки јазик и литература и магистер по културологија.
Автор е книгите поезија „Постоењето на динамиката“ (2005, Сојуз на студенти при Филолошки факултет „Блаже Конески“, Скопје), „Јас сум некаде на друго место“ (2011, Магор), „Фусноти по сеќавање“ (2014, ПНВ) и збирката со хаику-поезија „Растојанието меѓу две точки“ (2018), а заедно со мултимедијалниот уметник Владимир Лукаш го потпишаа епистоларниот роман „Се гледаме наскоро. Е.“ ( 2017, Антолог).
Кон ова само уште информациите дека на објавениот конкурс за наградата за поезија ,,Антево слово“ за сезоната 2019/ 2020 година свои стихови испратиле повеќе од 100 автори и дека официјалното доделување на наградите ќе се случи наскоро во спомен собата на Анте Поповски во Центарот за култура во населбата Ѓорче Петров во Скопје.