Достапни линкови

Стефанов ги подари сламените „Ангелски крила“ и други 20 дела на МСУ


Глигор Стефанов, еден од најзначајните современи македонски уметници кој минатата година ја имаше својата ретроспективна изложба „Грабење во просторот“, одлучи делата од оваа грандиозна поставка несебично да ги подари на колекцијата на Музејот на современа уметност.

„Дарувањето е израз на благодарност и љубов. Не можам да го заборавам оној тмурен ноемвриски ден во 1981 година, неколку месеци по моето дипломирање, кога како млад и анонимен уметник, без препораки и познанства, влегов во канцелариите на Музејот за современа уметност во Скопје за да замолам ако некој сака да го погледне моето портфолио. Таа посета на МСУ го промени мојот живот. Марика Бочварова во последен момент ме вклучи во изложбата “Млада генерација”, Соња Абаџиева ме покани да земам учество во изложбата ”Интервенции во простор”, Зоран Петровски ме предложи за наградата “Млад Борец” а Мирослав Поповиќ ме избра во годишната изложба “Критичарите бираат”. Така започна веќе познатата долгогодишната соработка.“

Вака ќе ја започне својата писмена изјава Глигор Стефанов, еден од најзначајните современи македонски уметници кој години наназад живее и работи во Канада, со која делата од својата голема ретроспективна изложба „Грабење во просторот“ одлучи несебично да и ги подари на колекцијата на Музејот на современа уметност. Со тоа, тој ги пренесе неговите авторски права и овластувања на МСУ за сите дела од поставката која несомнено ја одбележа овдешната културна сцена во минатата 2019 година.

И, кога сме веќе кај овој несомнено значаен чин Стефанов и со дополнување дека подарувањето на делата од изложбата на МСУ е упатување на благодарност и кон институцијата и кон секој еден со кој соработувал и работел во минатото и во деновите на подготовки на поставката, всушност со благодарност до сите што го вреднуваат и поддржуваат неговото творештво.

„Ретроспективната изложба, монографијата и сместувањето на делата во колекцијата на МСУ се една целина која ја заокружи мојата уметничка активност, која интезивно се одвиваше во 80те и 90те години на минатиот век и е директно поврзана со македонското поднебје и сензибилитет“, порачува Стефанов.

Марика Бочварова-Плавески, кустос советник во Музеј на современа уметност и куратор на изложбата „Грабење во просторот“, појаснува дека бидејќи се работи за еферемен материјал со кој уметникот работи, со слама, памук ...дека сега всушност „беше моментот да се направи оваа ретроспектива, а воедно и да бидат обновени делата коишто беа делумно исчезнати на изложбите на кои се претставуваше Глигор Стефанов во поранешна Југославија и некои оштетени сами по себе“.

„Во МСУ се чуваше голем број од неговите дела коишто патуваа на овие изложби и решивме да ги обновиме. Таа обнова всушност и ја поттикна и изложбата „Грабење во просторот“ и бидејќи ние инвестиравме во тоа обновување, во смисла на помош за купување на материјали, Глигор неуморно работеше два месеца и успеа да ги реконструира делата во смисла на идентични реконструкции, но и како одреден нов тип на дела. И бидејќи нивниот транспорт речиси е невозможен Стефанов се реши да ги подари на Музејот сите обновени и реконструирани дела. Мислам дека со ова Музејот на современа уметност доби една извонредна збирка која навистина е тешка за чување, но ќе се обидеме да обезбедиме посебен простор во којшто тие на професионален начин ќе бидат чувани во нашата институција. Ова е една од ретките донации што се случи во Музејот, ние имаме безброј донации, но ваков тип на донирање не беше познат за нас“, вели Бочварова-Плавески.

И, кога сме веќе кај македонскиот уметник кој лани со своето творештво по безмалку три децении се врати дома за да не потсети на силината на неговата имагинација и моќта на автентичното творечко писмо, благо посегање по фактите од неговата биографија.

Глигор Стефанов, роден 1956 година во Кавадарци дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1981 година, кадешто четири години подоцна ги завршува и пост-дипломските студии.

Од почетокот на својата кариера Стефанов ја обработува скулптурата како објект или како комплексна просторна инсталација на објекти. Во средината на 1980-те години, започнува да создава просторни инсталации со употреба на природни материјали како памук, слама, трева, глина и дрво. Неговата серија изложби во јавни и во галериски простори (Кавадарци, Загреб, Белград, Скопје) се меѓу првите site-specific инсталации и бележат значајна поддршка од македонската и југословенска критика. Со овие дела Стефанов е вклучен на бројни значајни изложби на авангардната југословенска уметност во Франција, Австрија, Чехословачка, Унгарија, Грција, Германија и во југословенските центри (Сараево, Белград, Загреб, Скопје).

Во 1986 уметникот ја потпишува својата голема самостојна изложба во Музејот на современата уметност во Скопје, кадешто ја излага серијата Летала во кои основен материјал е сламата.

Две години подоцна, во 1988 година се сели во Лондон, кадешто наративните аспекти на неговото дело добиваат религиозни компоненти.

Во раните 1990-ти години Стефанов создава серија објекти и инсталации под заеднички наслов Серафини, Керубини и Тронови во форма на ангелски крилја и кругови, во кои и натаму основниот материјал е сламата. Со овие дела се појавува на изложби во Вајтчапел галеријата во Лондон (1989), Шумата Грајздеил (Grizdale Forest, 1990) и др. места во Англија.

Во 1993. заедно со скулпторот Петре Николоски, Стефанов излага на 45. Биенале во Венеција како претставник на Република Македонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG