Ќиро Јосифов, Владимир Темков, Димитар Самарџиев, Горан Боев, Горан Ѓорев, Ѓорѓи Дичов, Марија Дичова, Ванчо Кеков, Ива Јосифова, Ристо Соколов Сокол, Трајче Јованов, Стефанија Стојановска, Цветанка Темкова Илова, Иван Јовчев Ковацалиев, Симона Манчева, Томе Филов, Петар Наневски, Елпида Хаџи – Василева, Никола Ивановски и Лазар Дојчинов се дваесеттината уметници чии дела ја одбележаа штотуку завршената 38-ма по ред „Годишната изложба “ на Друштвото на ликовните уметници од Кавадарци.
Целта ни е да излеземе пред јавноста. Да не бидеме затворени во галериските простори. Да не бидеме во затворен круг на луѓе, туку сите да не запознаат. Да може да разговараат со нас. И да видат што тоа што ние го правиме и го создаваме како творци.Ива Јосифова, ДЛУК.
Постановката му беше посветена на неодамна починатиот автор и долгогодишен претседател и еден од основачите на оваа асоцијација Ристо Соколов, а не многу по овој за локалните културни прилики исклучително значаен настан, таа ќе и биде претставена и на кумановската ликовна публика.
„Уметноста секогаш е современа и вистинска, поинаква никогаш и не била и што е најважно – не може и да биде рекол големиот Достоевски. Така и оваа изложба секогаш ќе биде современа, од повеќе генерации на творци. Секој современ во свое време. На „Годишната изложба 2015“ се најдоа 20 автори – од најстариот член на Здружението Петар Наневски, па се до најмладиот Никола Ивановски кој што дипломира пред половина година. Уметниците се претставени со своите најнови дела создадени во изминатата година – скулптури, инсталации, слики на платно, рачно правена хартија...Секој се претставува со својот медиум во којшто твори“, вели Ива Јосифова, актуелниот претседател на ДЛУК.
Таа дополнува дека „Годишната изложба 2015“ најтопло им ја препорачува на љубителите на ликовната уметност во Куманово и во градовите каде таа дополнително ќе патува и истакнува дека неа ја красел еден необичен предновогодишен организациски потег – богатиот каталог со издвоени картички.
„Се даде голем акцент на каталогот којшто е многу битен како документ на секој автор. Се направи еден вид предновогодишен каталог. Се изработија картици за да би можело секој од авторите да ги праќа како разгледници со што се прави многу поголема промоција и на Македонија. Зависи каде и на кое место ќе стигне таа картичка. “
Јосифова потенцира дека овој тип на групни ликовни претставувања и размена на програми е особено значаен за младите творци.
„На овој начин најмногу им се помага на младите уметници. За нив ова е еден вид на отскочна штица. Битно е колку што се може повеќе нив да ги запознаат како автори. Да направат контакти за да во иднина самите го понудат сопственото творештво. Затоа на овие изложби е битно нивното присуство. Да се видат со љубителите на уметноста, со своите колеги, организаторите и да разговараат за своето дело.“
Ива Јосифова не се сомнева дека во периодов што претстои ќе продолжат ваквите групни претставувања на ДЛУК. Истакнува дека, впрочем, нивната цел како асоцијација е да настојуваат да ги видат што повеќе луѓе. Вели дека е убаво кога на едно место може да се види и почувствува таа силна енергија и емоција што тие ја поседуваат како уметници. Згора на тоа потсетува и дека цели две години таа, како прв човек на Друштвото, се залага и за претставувања на отворено, за еден поинаков начин на комуникација со публиката преку изложби, трибини, проекции ....
„Целта ни е да излеземе пред јавноста. Да не бидеме затворени во галериските простори. Да не бидеме во затворен круг на луѓе, туку сите да не запознаат. Да може да разговараат со нас. И да видат што тоа што ние го правиме и го создаваме како творци.“
И малку фактографија. Друштвото на ликовни уметници од Кавадарци на македонската ликовна сцена опстојува речиси четири децении и тоа е една од најстарите ликовни асоцијации во земјава по ДЛУМ. Настанало како логично продолжување на делувањето неформалната ликовна група “Млади ластари“, чии членови подоцна и го формирале ДЛУК. Вели дека во него членуваат академски ликовни уметници од Кавадарци и Тиквешијата, а низ текот на годините успешно постоење тоа успеало да се наметне како релевантно во својата дејност не само во матичната средина, туку и надвор од неа. Освен на групни изложби во градот, уметничките дела на кавадаречките уметници преку ДЛУК се претставени и во повеќе европски земји како Франција, Словенија и др. Инаку, членови на ДЛУК се познати и етаблирани ликовни уметници кои се во врвот на македонската ликовна сцена и кои денес излагаат низ целиот свет. Голем дел од нив денес живеат и творат надвор од родното место, но и вон границите на татковината, а меѓу нив има и такви имиња кои ја претставувале Република Македонија на престижното Венециско Биенале како Глигор Стефанов и Елпида Хаџи – Василева.