За тоа колку граѓаните не ја почитуваат и немаат доверба и во новинарската фела покажуваат и коментарите на нашата ФБ страница по барањето од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници да се истражат неодамнешните закани против новинарката Мери Јордановска.
Драган Пепеларски со познатите обвинувања: „Лапајте пари од Сорос и пишувајте тривијални работи“, а Симо Спироски прашува: „А на Тричковски кога!“ Драган Стефанов со иронична реакција: „Симо Спироски, кој Тричковски, што Тричковски, каде Тричковски...хахаха, за Тричковски се слепи ко лилјаци... инаку нема кеш... таканаречени новинари со квазиновинарски синдикат...“, дополнувајќи го својот пост со тројца смешковци кои се смеат дури со солзи. Штерјо Пушевски со поинаков став: „Така е, кога не се укина криминалната банда ДПМНЕ!“
Граѓаните, барем според коментарите на ФБ страницата на РСЕ, се чини не ѝ веруваат ниту на полицијата. Техничкиот министер од опозицијата, Наќе Чулев, обвини дека раководни структури во МВР биле поврзани со криминалци, но Златко Митрески во својот коментар смета дека „... цело МВР беше МВРО, и сакаме веднаш да се санира нешто што со години се уништувало“. Потпишан со Златко Македонски ги објавува линковите до информациите за неодамнешната престрелка во Чаир меѓу криминални групи, а Златко Митрески со контра до Златко Македонски: „Еее, братучед, тоа се делата оставени наназад со години владеење кога се работеше криминално, доказ се ’бомбите‘ како тоа се организира“. Потпишан со Војно Војниќ со тешко обвинување дека „Во МВР, големите па и поголем дел од полицијата, сите се за ’шушки‘, око не им трепнува, водат сопствени бизниси, се разбира, валкани“. А Ленче Андоноска ги коментира зборовите на поранешниот началник Љубомир Ѓурчевски дека и претходните министри Спасовски и Јанкулоска го тврделе истото, ама не презеле ништо: „Врана на врана не вади очи никогаш“.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги обвини досегашниот премиер Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче дека го прикривале т.н. случај „Рекет 3“, односно, како што велат, за неуспешната изградба на штипската болница. По оваа информација има само еден пост на нашата ФБ страница од потпишан со Аџи Јанкула: „А ВМРО да побара истрага за охридската болница што ја градеше 13 години и ја направи нефункционална, со пониски плафони, срамота“, па додава дека не се работело како што треба.