Достапни линкови

Техничка влада, партиски караници


Новата техничка влада на РСМ
Новата техничка влада на РСМ

Само неколку дена меѓу кои и викенд беа доволни министрите и нивните заменици од различни политички опции да влезат во конфликти и меѓусебни обвинувања кој правел криминали и кој владеел лошо. На техничката влада и остануваат уште повеќе од три месеци да ги организира изборите за 12 април.

Четврти ден откако во земјата функционира техничката влада препукувањата меѓу министрите и замениците од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ и нивните матични партии се во полн ек.

Министерството за труд и социјала каде што министерката Рашела Мизрахи е од ВМРО-ДПМНЕ засега изгледа како побучно од Министерството за внатрешни работи каде што исто така првиот човек, Наќе Чулев, е по предлог на опозицијата.

Од СДСМ тврдат дека кадрите на Христијан Мицкоски во техничката Влада покажале крајно непознавање на работите и ширеле невистини од, како што велат, партиската кујна на ВМРО-ДПМНЕ.

„Техничката министерка за труд и социјална политика после 2 дена работа покажа некомпетентност и демонстрира дека не го знае новиот Закон за социјална заштита. Таа не знае дека надлежноста за издавање на наодот и мислењето за потребата за помош и нега од друго лице, врз основа на кое се остварува паричниот надоместок, е пренесена на 15 стручни комисии при јавните здравствени установи низ цела држава а се формирани од страна на Министерството за здравство“, рече денеска на прес конференција Милан Живковиќ од СДСМ.

Темата за наодот и мислењето за нега од друго лице се отвори откако Мизрахи на прес конференција од позиција на министерка рече дека имала сознанија дека се заглавени дури 8500 такви предмети и дека темелно ќе ги прочешла постапките.

Но, препукувањата за Мизрахи се проширија и продолжија на социјалните мрежи па прејдоа и во партиските седишта. ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес конференција повикувајќи се на статуси и допаѓања на статуси на социјалната мрежа Фејсбук го обвини СДСМ и владата за антисемитски напади.

Антисемитски напади?

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска ги спомена Мерсиха Смаиловиќ, членка на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ, активистката Видана Бошкова Мицевска за статуси на Фејсбук во кои како што тврдат биле антисемитски, а советникот на поранешниот премиер Зоран Заев, Зоран Бојаровски е прозван за допаѓање на такви статуси.

„Бараме владата веднаш да го разреши Зоран Бојаровски од функцијата Советник на премиерот, но и да ја разрешат Смаиловиќ од нејзината функција во партијата“, рече Пешевска.

За ова реагираше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. На социјалната мрежа Фејсбук тој напиша дека Заев ветувал едно општество за сите, ама тоа само пред камерите, а во реалноста, оние, кои први беа до него, напишале за ВМРО-ДПМНЕ дека е "фашистичка партија", вулгарно посочувале за Рашела Мизрахи дека "имало и Евреи кои работеле за нацистите".

„Згрозен сум од леснотијата со која се прават поделби, се шири говор на омраза кон државата Израел и Еврејскиот народ, и навредите кон ВМРО-ДПМНЕ, зад кои стојат политички мотиви и се стимулирани од партијата на власт. И ова не е првпат, но овој пат е премногу “, напиша Мицкоски.

Несогласувањата почнаа и во Министерството за информатичко општество и администрација, каде што дополнителен заменик министер е Невенка Стаменковска Стојковски од ВМРО-ДПМНЕ. Таа рече дека од досегашниот увид заклучиле дека во последните два месеци биле распишани 4.100 огласи за вработување во администрацијата и за повеќето платата била над 40 илјади денари.

На ова реагираа од СДСМ наведувајќи дека за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ одговорно и пред се транспарентно раководело со јавната администрација, се почитувале законските процедури и се вработувало исклучиво по усвоени годишни планови за вработување.

Препукувања и во МВР

Првиот ден откако дојде на позицијата, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев рече дека дел од раководниот менаџмент на МВР, ангажиран во криминалистичката полиција е директно во спрега со криминалните структури. Реагираше дополнителната заменичка министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска од СДСМ која ги отфрли тврдењата како целосна невистина.

Инаку ова е втора техничка влада во земјата. Формирањето на вакви состави кои треба да ги организираат изборите е обврска од Законот за влада, договорен во Пржино во 2015 година заедно со пакетот други работи со кои се стави крај на тогашната политичка криза. Во првата техничка влада која ги организираше предвремените парламентарни избори во 2016-та година најмазно работата течеше со техничкиот премиер Емил Димитриев, а секаде каде што имаше технички министри тогаш од СДСМ и заменици од ВМРО-ДПМНЕ работата беше конфликтна, па се случуваа тужби до Управниот суд, кривични пријави и контра тужби, секојдневни расправии во медиумите.

Оваа техничка влада под водство на Оливер Спасовски треба да ги организира изборите договорени за 12 април 2020 година. Во неа покрај министри за полиција и труд и социјала, ВМРО-ДПМНЕ имаат заменици во администрација и информатичко општество, земјоделство и финансии.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG