Достапни линкови

Со секое рочиште, нови детали за „Рекет“


Бојан Јовановски - Боки 13 во суд за случајот „Рекет“
Бојан Јовановски - Боки 13 во суд за случајот „Рекет“

Судењето за случајот „Рекет“ продолжи денеска со сослушување сведоци. Сведочеше заменичката на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, Елизабета Јосифовска. Од досегашните рочишта, но и од објавените нови аудио снимки се откриваат нови детали за случајот.

Судењето за случајот „Рекет“ продолжува, а во меѓувреме покренато е и обвинение за „Рекет 2“. Додека им се суди на Бојан Јовановски и на поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева, вина од самиот старт на процесот призна третоосомничениот Зоран Милески, кој се товареше дека примил награда која му донесе три години затвор.

За примање награда се обвинети и Јовановски и Јанева, а дополнително и на двајцата им се става на товар по уште едно кривично дело. Јовановски и за перење пари, а Јанева за злоупотреба на службена должност.

Сведочењето на клучниот сведок кој го пријави случајот, бизнисменот Орце Камчев, ја даде сликата за како според него како се одвивала изнудата на пари од 1,5 милиони евра со цел тој да не биде гонет во истрагата за случајот „Империја“, кој се однесува на перење пари од речиси 11 милиони евра. Неговата сопруга Ана беше втора која сведочеше пред судот и која ги пополни празнините додека Камчев бил во притвор за „Империја“.

Заменичката на Јанева, Елизабета Јосифовска денеска пред судот сведочеше дека го потпишала позитивното мислење за враќање на пасошот на Камчев по налог на Јанева. Јосифовска кажа и дека Јанева побарала од обвинителите кои ги воделе истрагите за „Империја“ и за „Поштенска банка“, да изготват пресметки колкави суми осомничените треба да исплатат како отштета на државата наместо да бидат гонети за кривичните дела.

Камчев сведочеше дека случајот „Империја“ бил смислено сценарио од Јанева и од Јовановски, а потоа кога тој сфатил дека целта е да му изнудат пари донел одлука да го документира рекетот. Но, судењето засега не го даде одговорот каде завршиле парите.

Од видеото кое осамна на Јутјуб објавено од страна на италијанскиот весник Ла Верита се виде и примопредавањето на парите од страна на Камчев, на Јовановски и Милески. Но, од последните аудио снимки објавени на Јутјуб по сведочењето на Камчев се дозна дека во фамозната торба Луј Витон имало и ГПС уред за следење. Иако тоа Камчев за време на неговото сведочење пред судот не го сподели, туку само кажа дека не знае каде завршиле парите. На прашање на соговорникот на една од аудио снимките Камчев одговара дека торбата со парите не е кај премиерот Зоран Заев.


Премиерот бил известен за рекетот лично од Камчев пред тој да го пријави случајот. По две средби со Заев и презентирани докази премиерот го советувал случајот да го пријави кај обвинителката Вилма Русковска.

Со „Рекет 2“, но и со сведочењето на Камчев и на други како она на бизнисменот Зоранчо Митровски стана јасно дека Јовановски не се обидувал да изнуди пари само од Камчев.

Во џебот на Јовановски, според Камчев завршиле и 450 илјади евра од поранешниот директор на Телеком, Жарко Луковски, за да не биде гонет од СЈО за случајот „Базни станици“. Луковски неодамна почина.

Јовановски пак на Митровски, како што кажа тој пред судот, му побарал 2 милиони евра за да се спаси од истраги на СЈО. Митровски беше еден од осомничените во истрагата за „Поштенска банка“.

За прв пат се спомена и името на министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој според Митровски бил информиран за рекетот преку амбасадорот на Летонија во Скопје. Но од МНР реагираа дека е „груба лага“ неговото сведочење.

Во судницата како што се редат сведоци, така надвор од неа на површина не престануваат да излегуваат и нови информации. Во последните аудио снимки во неформален разговор на Камчев со непознати лица, се споменува Заев, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, извесен Јово, обвинетиот Јовановски и веќе осудениот Милески. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека се кријат докази и обвинуваат за инволвираност на политичари.

Според сведочењето на Драгана Колевска, хонорарно вработена во домот на Јовановски кај него редовни гости биле и министрите Радмила Шекеринска и Венко Филипче и други високи владини и партиски функционери. ВМРО-ДПМНЕ обвини дека во станот на Јовановски редовно имало сеанси на половина влада на чело со премиерот Зоран Заев. Заев на обвинувањата одговори дека нема навика да им кажува на соработниците со кого да се дружат.

Додека Мицкоски не е задоволен како се води случајот и тврди дека има документи за него, но од тактички причини чека, Заев повтори дека се што знаел за „Рекет“ пријавил.

Во истрагата за „Рекет 2“ обвинети се 5 лица, меѓу кои и пратеничката од редовите на СДСМ, Фросина Ременски и едно правно лице, односно невладината организација Меѓународен сојуз, чиј претседател беше Јовановски кој е првоосомничен.

Тие се обвинети дека преку невладината Меѓународен сојуз од бизнисмените Силјан Мицевски и Адријан Амзоски наплатиле 720 илјади евра, односно 260 илјади евра, измамувајќи ги дека ќе обезбедат државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG