Достапни линкови

Подгревање на тензиите меѓу САД и Иран, заканите продолжуваат


Иран- фотографија на убиениот ирански командант Касем Солејмани на зградата во која порано се наоѓаше амбасадата на САД во Техеран, 07.01.2020
Иран- фотографија на убиениот ирански командант Касем Солејмани на зградата во која порано се наоѓаше амбасадата на САД во Техеран, 07.01.2020

Во Иран неколку дена се одржува погребната церемонија за генералот Касем Солејмани кој загина во американски воздушен напад. Во градот во кој живееше, Керман дојде и до стампедо при што загинаа најмалку 50 луѓе. Во меѓувреме не престануваат повиците за намалување на тензиите во регионот.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска на прес конференција во Вашингтон рече дека Соединетите Американски Држави знаеле дека не е точно оти иранскиот генерал Касем Солејмани патувал во Ирак во дипломатска мисија.

„Секоја цел која беше разгледана од САД ќе биде во согласност со меѓународните закони за војување“ рече Помпео одговарајќи на новинарско прашање поврзано со изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД може да нападнат локации во Иран кои се и културно наследство.

Помпео додаде и дека Солејмани активно работел на поткопување на мировниот процес во Авганистан и соработувал со Талибанците.

Во Иран, пак, илјадници луѓе денеска излегоа на улиците во Керман, живеалиштето на убиениот иранскиот генерал Касем Солејмани за да присуствуваат на погребната церемонија. На церемонијата за погребот на Солејмани, кој беше убиен во американски воздушен напад минатата недела во близина на меѓународниот аеродром во Багдад, дојде и до стампедо во кое загинаа најмалку 50 луѓе, а околу 200 се повредени. Засега не се јасни причините за стампедото, а според она што се гледа на видеата луѓе лежат мртви на улицата, а други викаат и се обидуваат да им помогнат на повредените.

Над 50 загинати во стампедо во Керман, Иран
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:50 0:00

Во почетокот на погребната церемонија во Керман високиот командант на иранската Револуционерна гарда генерал мајор Хосеин Салами пред насобраните се закани дека ќе уништи локации поддржани од САД без да прецизира точно кои.

Пред три дена, телото на Солејмани беше пренесено во Иран, а вчера во Техеран пред како што тврди иранската полиција милионите насобрани над неговиот ковчег, плачеше иранскиот врховен лидер Ајатолахот Али Хаменеи.

Вашингтон го обвинува Солејмани за убиства на американски војници во Ирак и како и за заговор за новите напади кои се случија непосредно пред неговото убиство. Солејмани исто така ги водеше силите во Сирија кои го поддржуваа сирискиот претседател Башар Асад во долгата војна а се смета и за клучен човек за силите поддржани од Иран во Ирак, Либија и Јемен.

Во меѓувреме иранскиот парламент помина легислатива со која, американската воена команда во Пентагон, ја окарактеризира како терористичка. Ова се смета за одговор на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп донесена во април со која ја квалификуваше иранската Револуционерна гарда како терористичка организација.

Истовремено не престануваат реакциите од светските лидери кои повикуваат на смирување на тензиите во регионот. Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш се придружи на политичките лидери ширум светот кои повикаа на намалување на брзо растечките тензии меѓу Вашингтон и Техеран. Новата година почна со метеж во нашиот свет рече Гутереш денеска во седиштето на ОН во Њујорк.

„Живееме во опасни времиња. Геополитичките тензии се на највисоко ниво во овој век. И овие турбуленции ескалираат“, додаде Гутереш барајќи од светските лидери да запрат ескалациите и да се возобноват дијалогот и меѓународната соработка.

Други земји, пак, кои имаат своја војска во Ирак почнаа да ја премесуваат. Четиринаесет хрватски војници започнаа да се повлекуваат од Багдад, а Германија своите војници стационирани во таа земја најави дека ќе бидат делумно пренесени во Јордан и Кувајт. Како што јави германската агенција ДПА, во заедничкото писмо на министерката за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер и министерот за надворешни работи Хајко Мас испратено до парламентарците, се наведува дека во тек се разговорите со владата во Багдад за продолжување на германската мисија. Министрите пишуваат и дека во секој случај тие ќе ја почитуваат секоја суверена одлука на ирачката влада. Германија има свои војници во базите во Багдад и Таџи, вкупно 120.

По американскиот воздушен напад ирачкиот парламент донесе резолуција во која се повикуваат странските трупи да ја напуштат земјата. Министерот за одбрана на Соединетите држави Марк Еспер, пак, изјави дека Вашингтон нема донесено одлука за повлекување на војниците од Ирак, но прецизираше дека има извесно прегрупирање на американските сили.

Мапа: војници на САД околу Иран
Мапа: војници на САД околу Иран

Тензиите меѓу САД и Иран почнаа да се зголемуваат откако американскиот претседател Доналд Трамп го повлече Вашингтон од таканаречениот нуклеарен договор кој го постигна Техеран со светските сили во 2015 година.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG