Достапни линкови

Протест за чист воздух и на последниот петок во 2019


Протестен марш за чист воздух се одржа синоќа попладне во центарот на Скопје. Иницијативата „Петоци за иднината“ бара да се исполнат сите нивни седум барања, а досега се реализирани само две – завршување на процесот Иловица-Штука и сторнирање на намалувањето на казните во областа на екологијата.

„Меѓутоа, има уште пет барања меѓу кои главните две се забрана за увоз на ѓубре што се користи како гориво и кривичната постапка за ОХИС. Досега немаме никаков одговор од Владата иако добар дел од прашањата пред неколку дена беа презентирани на Советот на безбедност што се одржа на иницијатива на претседателот на државата“, изјави Владимир Куновски.

Додаде дека и во 2020 година ќе продолжат со протестите за чист воздух во кои се обединети 40-ина здруженија. Очекува и возрасните граѓани да се придружат на иницијативата, по примерот на средношколците кои минатиот петок масовно излегоа на протест и ја бојкотираа наставата.

„Од почетокот на 2020-та, откако ќе истечат роковите и ќе запре ветерот, ќе ја радикализираме борбата со сите методи на граѓанска непослушност кои ни се на располагање. Се гледаме на улица!“, напишаа од Петоци за иднината-Скопје, кои очекуваа дека заради празничната атмосфера и ветерот кој го расчисти Скопје нема да има масовност.

Маршот почна пред Министерството за животна средина и просторно планирање и заврши пред Владата.

XS
SM
MD
LG