Првиот круг од претседателските избори ја остави Хрватска да чека на тоа кој ќе биде шеф на државата, во време кога земјата го презема ротирачкото претседателство на Европската унија.
Со пребројани скоро сите гласачки ливчиња, поранешниот премиер Зоран Милановиќ го презеде водството со 29,5 проценти од гласовите. Актуелниот претседател Колинда Грабар-Китаровиќ доби 26,6 проценти, со што го освои второто место на само два бода пред 57-годишниот пејач Мирослав Шкоро.
Шкоро чии патриотски народни песни беа хит во 90-тите години, освои скоро четвртина од гласовите со ветувања за помилување на осудени воени злосторници и со распоредување трупи за запирање на мигрантите на границата.
51 годишната Грабар-Китаровиќ по изборите повика на обединување во вториот круг на 5 јануари, а за Шкоро рече дека е од нејзиниот политички спектар.
„Имав силен кокандидат на својот политички спектар за разлика од господин Милановиќ. Но, ете сега сите мора да се собереме и одиме во победа“.
Грабар-Китаровиќ стана првата жена претседател на Хрватска - главно церемонијална улога - во 2015 година со поддршка од централно-десничарската ХДЗ, која ја водеше Хрватска во последните три децении.
Доколку не успее да ги обедини двете крила на партијата во вториот круг, аналитичарите велат дека тоа ќе предизвика проблеми за умерениот премиер од ХДЗ, Андреј Пленковиќ, кога ќе се соочи со општите избори следната година.
Во меѓувреме, владата на Пленковиќ ќе има задача да го одржи претседателството на ЕУ, со тешки прашања на агендата како Брегзитот и членството на Западен Балкан.
Левицата во Хрватска пак се собра околу 53 годишниот Зоран Милановиќ кој беше премиер од 2011 до 2016 година.
Тој се обидува да направи кам-бек со ветување дека ќе ја направи Хрватска „нормална“ либерална демократија со независно судство и со почитување на малцинствата.
„Уште еднаш повторувам не одиме во војна. Војните завршија, не чекаат нови цивилизирани задачи и за нив мораме да бидеме подготвени“.
Во изминативе години Хрватска се бори да го спречи одливот на Хрвати кои ги спакуваа торбите за подобра плата и професионални можности во побогатите држави на ЕУ.
Многумина што заминуваат, како клучни мотиви ја наведуваат културата на непотизам и корупција, плус лошите јавни услуги.