Пред новогодишно Скопје ќе биде барем за кратко изместено од својата „маглива турбо аура и се присутноста на балканското практицирање на политиката“. И, ќе има шанса, ако ништо дури и како воздишка, да се одлепи од лавиринтот и да фрли поглед малку подалеку од строго нацртаните линии што ни го толчат духот. Во Музеј на современа уметност, кој со секој следен свој исчекор се потврдува како институција доследна на својата зацртана мисија, од сабота ќе ни се случува изложбата „Сè што ни е заедничко“. А на оваа поставка која се издига над сивилото на обичноста со свои дела, уметнички инсталации, видеа, скулптури, перформанс и фотографии ќе се претстават 11 уметници од земјава и светски признаени автори, кои денес изложуваат во водечките уметнички центри низ светот како Тејт, Гугенхајм, Мома Њујорк... Публиката и воопшто културната јавност во земјава ќе има можност да ги види и да ги промислува делата на авторитети како Хито Штејерл од Германија, Кубанката Тања Бругуера, Артур Жмијевски од Полска, Џулиета Аранда од Мексико, Адриан Паци од соседна Албаниjа, Даниел Гарсиа Андухар од Шпанија, Сања Ивековиќ од Хрватска, прочуениот руски колектив ЧТО ДЕЛАТ, нивниот сонародник кој живее и твори во САД - Антон Видокле, како и докажаните македонските уметници Христина Иваноска, Нада Прља и Ѓорѓе Јовановиќ.
Хито Штејерл - Германија
„Сакаме да ja прикажеме актуелната уметничка сцена преку автори, кои денес можат да се видат во сите водечки уметнички центри низ светот. Поставката има идеолошка позадина и се занимава со теми кои пропагираат актуелни прашања кои се спротиставуваат на десничарските глобални наративи во светот денес. Ретко имаме можност да донесеме автори кои изложуваат во Тејт, Гугенхајм, Мома Њујорк... и кои се предводници на светската сцена по прашања кои отвараат ангажирани тематики“, ќе напише во своето обраќање до јавноста Мира Гаќина, директор на Музеј на современа уметност и заедно со Јованка Попова кокуратор на поставката.
Од МСУ и со информација дека изложбата „Сè што ни е заедничко“ се однесува на состојбите на несигурност во капиталистичкиот локален и глобален контекст и има намера преку анализа на конкретни уметнички дела и практики да го истражи прекаријатскиот општествено-критички произведен дискурс и неговите манифестации.
Во тој контекст, во соопштението до медиумите пред чинот на отворање на поставката ќе биде забележано дека „капитализмот со неговите авторитативни политики создава свет во кој структурите на моќ непоколебливо ги поддржуваат богатите, игнорирајќи ги потребите на обесправените и маргинализираните“.
„Неолибералната култура изобилува со јазик на иновации и новини, но културата никогаш не била подеградирана. Ако општата несигурност, која се одразува врз работата, образованието, популарната култура и менталните состојби во современото општество, произведува конзервативизам во културата, тогаш прашањата се: „Кои форми на делување и организирање може да дозволат уметноста повторно да стане возбудлива и корисна во исто време? Дали таа треба да е додаток на политиката, во смисла дека политиката може да има корист со инкорпорирање на елементи специфични за уметноста или треба да ја политизираме уметноста? Можни ли се начини за да се врати модерноста на социјални форми на акција и здружување и кои се начините на кои уметноста и културата ќе имаат удел во ова“, пишуваат кураторите.
И, по ова неколку фактографски белешки за уметниците од „Сè што ни е заедничко“ .
Германската уметница и теоретичарка Хито Штејерл, која според избор на магазинот „АртРивју“ е прогласена за највлијателна личност на светската уметничка сцена во 2017 година. Позната по жестоките политички ставови, нејзиниот фокус е кон преиспитување на односите на моќ во светот. Нејзината работа е фокусирана на видеа и инсталации.
Тања Бругуера - Куба
Кубанката Тања Бругуера ( која патем неодамна престојуваше во Скопје и имаше предавање во МСУ, а нејзиното дело изложено на оваа поставка ќе му го подари на музејот) во своите перформанси и инсталации ги испитува политичките структури на моќ и нивното влијание врз најранливите луѓе во општеството. Инаку, таа е добитник на наградата Роберт Раушенберг и Гугенхајмовата стипендија, лауреат е на фондот „Принц Клаус“, а нејзините дела се изложени низ целиот свет – во Гугенхајм, МоМА, Ван Абен Музејот, Тејт Модерн...
Антон Видокле, пак, е уметник и уредник на платформата и магазинот „е-флукс“. Неговите дела се привилегија на Центарот Помпиду, Тејт Модерн, Музејот Гараж и што е важно тој ќе биде присутен во Скопје на отворањето на поставката.
Од друга страна, Дмитри Виленски и Николај Олеиников од уметничкиот колектив ЧТО ДЕЛАТ, престојот во Скопје ќе го искористат за продукција на ново уметничко дело, претставено во рамки на изложбата. Овој руски колектив од уметници, критичари, филозофи и писатели, има за цел да ги спои политичката теорија, уметноста и активизмот. Тие ги застапуваат правата за еднаквост, борејќи се против различните форми на патријахатот, хомофобијата и родовата нееднаквост. Своите идеи ги пренесуваат преку: филм, театарски претстави, радио програми, мурали, јавни кампањи и семинари.
Џулиета Аранда, уредник на списанието „е-флукс“ и заедно со Видокле ко-директор на онлајн-платформата на „е-флукс,“ пак, создава инсталации, видео и печатени медиуми, а во фокус на интерес и е истражување на потенцијалот на научната фантастика, алтернативните економии и социјални интеракции.
Полскиот уметник Артур Жмијевски, кој создава инсталации, фотографии, видео и филмови и кој патем има изложувано на Венециското биенале и на Документа, од критичарите на „Њујорк тајмс“ е бележан како автор во силен подем, а неговите филмови веќе се во збирките на Музејот на модерна уметност во Њујорк, Ноје Пинакотек во Минхен, Тејт Модерн во Лондон...
На поставката ќе бидат изложени и дела на прочуениот уметник Адриан Паци од Албанија кои можеме да ги видиме во колекциите на Центарот Помпиду во Париз, Музејот на современа уметност во Мајами, МОМА Њујорк, Фондацијата Соломон Гугенхајм... Конечно тука е и хрватската уметницата Сања Ивековиќ, која согласно припадноста на уметничката генерација „Нова уметничка пракса“ која се појави по 1968 година, постојано ја преиспитува улогата на уметноста во општеството преку низа медиуми, во точките на пресек меѓу родот, нацијата и класата.
И, овде не е крајот оти не помалку значајно на „Се што ни е заедничко“ е присуството на македонските творци. Напротив. Тоа оди само во прилог на неопходноста она што се креира неминовно да излезе од локалните постулати и да се мери со останатите уметнички практики.
Така Христина Ивановска својот истражувачкиот перформанс „Лесна акумулација на капитал“, чиј наслов е делумно превземен од книгата „Акумулацијата на капиталот“ на Роза Луксембург, ќе го изведува во МСУ во текот на шест работни дена по цели осум часа.
Христина Ивановска
Таа во него го преиспитува местото на жената во македонската текстилна индустрија, идеја на која работи подолго време. За да ја почувствува на своја кожа неправдата на овие жени и што значи да се работи под такви детерминирани услови, кое е количеството на труд што се создава и кој е ефектот врз психо-физичката состојба, со институцијата ќе потпише „Договор за дело“ во кој музејот ќе се појави како нарачател, а уметницата како извршител на услугата. Затоа ќе има право на еден сендвич и шише од 1 литар вода дневно, кои ќе бидат конзумирани без пауза, и право на користење на тоалетот само еднаш во текот на работниот ден.
На нејзина сметка ќе и биде исплатена четвртина од износот на минимална плата, согласно Законот за минимална плата, кој беше објавен од страна на Министерството за труд и социјална политика во „Службен весник РСМ бр. 59/19“, а која во бруто износ изнесува 17.943 денари. 30 проценти од исплатениот износ ќе го врати ставајќи го на потсметка на Музејот, која ќе биде отворена како дел од овој договор. Средствата кои ќе се акумулираат на оваа сметка преку доброволни прилози на граѓани, институции и фирми, во иднина ќе бидат искористени за поддршка на социјално-ангажирани уметнички проекти и истражувања на авторки од земјава.
Веќе работам на нов текст, кој ќе продолжам да го истражувам и да го пишувам за време на траење на перформансот. Едновремено во просторот на музејот ќе има поставено топ платно на кое ќе везам текст конструиран од материјалот, кој го исчитувам и кој се однесува на односот труд и општество. Паралелно на ѕидот ќе работам мурал, кој е инспириран од активното вклучување на уметникот во времето на социјализмот во изградбата и просперитетот на земјата преку оплеменување на работничкиот простор. Публиката ќе има можност да го следи развојот на делото во текот на целиот процес, ќе рече Иваноска.
Нада Прља - Субверзија во црвено
Нада Прља, пак, со проектот „Субверзија во црвено“, кој годинава беше прикажан на 68-то Биенале во Венеција, поттикнува враќање кон „заборавените“ идеи за идеализмот и идеологијата, како вид мотивација за современото општество. Таа предлага повторното читање и де/ре-конструкција на постулатите на марксистичката теорија и левичарската мисла, со цел да се пронајде нивната компатибилност со денешното општество, преку воведување на суштински субверзивни квалитети и игривост од уметничката практика како начин за индиректно да се влијае врз реалноста. Проектот користи различни уметнички и методологии, вклучувајќи и видео од Црвената дискусија II, експериментален настан кој за време на Венециското Биенале беше изведен пред публиката со неколку современи мислители и куратори ангажирани во трансформативни практики... меѓу кои Чарлс Еше, Маурицио Лазарато, Влад Морариу (модератор), Шантал Муфе, Лаура Раикович и Артан Садику, кои заеднички се обидоа да најдат излезни стратегии од сегашните услови на социјална несигурност и експлоатација, преку дефинирање на алтернативни насоки за „интересното време” во кое живееме.
Конечно Ѓорѓе Јовановиќ ќе се претстави со скулптурата „Протестен споменик“, преку која ја преиспитува улогата на уметноста во јавните простори и предлага различно читање и потенцијали на спомениците, нивно реконтекстуализирање, како од потсетници на историјата, често од националистички аспект, тие да се претворат во јавни акции.
Од таму уметникот отвора и неколку прашана кои завредуваат внимание како „Што би се случило кога спомениците не би биле само манифестација на моќ, туку би станале нераскинлив дел на нашите континурани борби?“. „Што би се случило кога на спомениците наместо нивната „фиксирана“ позиција би им се овозможило да бидат динамични во нивната употреба?“ и „Како еден споменик може да стане субверзивен и застапувачки?“.