Достапни линкови

Во потрага по заедничките и просторите на меѓусебност


„Уметнички простори и резиденции“ е насловена темата на Самитот што во организација на Здружението Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, овој четврток и петок, на 12 и 13 декември, ќе се одржи во Кино Култура во Скопје.

Во претстојниве два дена, на 12 и 13 декември, во Кино Култура – проектен простор за современи изведувачки уметности и современа култура, во организација на Здружението Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, во рамки на програма „Современа култура и јавни политики“, ќе се одржи Самит на тема „Уметнички простори и резиденции“.

Станува збор за случување чија цел е да обедини на едно место уметници и културни работници од домашен и меѓународен контекст кои заедно ќе разговараат и споделат професионални искуства и знаење на две теми: уметнички простори и резиденции, низ перспективата на „заеднички простори“ и „простори на меѓусебност“.

Од таму, не случајно потписниците на настанот во својот повик до јавноста ќе напишат: Овој Самит е покана да ги здружиме искуствата од различните општествено-политички и економски перспективи на тие теми, да размислиме и да дискутираме која е политичноста на ваквите простори и на кој начин се тие претходно конфигурирани.

А, во дополна ќе понудат уште неколку круцијални прашања како: Што би значело критичкото лидерство или курирањето во заедничките простори и во просторите на меѓусебност? Како да го пробиеме нормираниот пат на развој на просторите на уметноста и формите на работа, според кој треба да ги моделираме рутински, преку повторување, без да се соочиме со нивното присуство во сегашноста? Дали е ова можно во клиентелистичкиот и криминалистички капитализам каде што јавноста е длабоко заразена со популистички, коруптивни и десничарски политики?

Згора на ова во обраќањето стои и тоа дека „материјалната инфраструктура на просторите и институциите треба да биде второстепена, па затоа тие треба да разговараат и да размислуваат за содржината, вредностите, релациите и политичноста што ги обликуваат“.

Би сакале да размислиме за невидливите односи кои ги обликуваат просторите и формите во кои создаваме, како на пример резиденциите, но не само тие.

Што произведуваме во овие простори и кои се невидливите односи што ја создаваат политичноста и го обликуваат просторот во сегашноста и за иднината? Како да ги направиме видливи? - пишуваат организаторите на настанот.

Од Локомотива и со информацијата дека Самитот ќе се реализира во рамките на два работни дена, а дека форматот на работа ќе опфати работилници и работни сесии од затворен карактер со учество на поканетите уметници и културни работници и две модерирани дискусии од јавен карактер, отворени за публика.

„Во рамките на овие два дена ќе ги споделиме нашите искуства за предложените перспективи и прашања. Исто така, ќе дискутираме и размислуваме за можни сценарија – Како да се изгради една децентрализирана институција и уметничка резиденција, но и што би значело тоа“, вели Биљана Тануровска -Ќулавковски, која освен што е уредник во Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата е и модератор на првата дискусија „Уметнички простори“.

Во овој програмски дел од Самитот ќе учествуваат данскиот уметник Андреас Либман, Јан Филип Посман -драматург, театарски режисер и продуцент од Манхајм, Германија , Мортен Гол -уметник, основач на основач на Тrampoline Сentre од Копенхаген, Маријана Цветковиќ - културен работник и менаџер на Station Service for contemporary dance од Белград, соседна Србија и нашата Ивана Васева -куратор и културен работник од Скопје.

Од друга страна, модератор на вториот дел насловен „Резиденции“ ќе биде уредничката Виолета Качакова, а овде во дискусијата е најавено присуството на кореографот Дејан Срхој од Хомад танц академијата и Кофестивал од Љубљана, Словенија, потоа независниот уметник и истражувач Дане Теодориду од Брисел, во Белгија, Милица Илиќ, истражувач за културна политика и менаџер во културата од Париз, Франција, македонскиот независен уметник Оливер Мусовиќ, неговата колешка Слободанка Стевчевска од колективот ОПА (Опсесивно Посесивна Агресија) и Филип Јовановски - самостоен уметник, основач на ФРУ и АКТО фестивал за современа уметност.

„Темата за резиденции ќе ја разгледуваме преку искуството на поканетите учесници од една страна како уметници кои посетувале различни резиденцијални програми од друга страна како уредници на програми на резиденции во рамки на различни уметнички простори. Ќе се отворат прашања за резиденциите како ослободен простор за креација и можност за уметниците за творат без да го чувствуваат егзистенцијалниот притисок? Условите кои различни резиденции ги нудат - време/простор/очекувани резултати? Колку тие на уметниците им даваат можност за проширување на нивата професионална мрежа на соработници, како и релацијата помеѓу уметникот во резиденција и уредникот на резиденцијалната програма, нивниот однос кон контекстот во кој се реализира резиденцијата и знаењето кои се создава во оваа релација“, истакнува Качакова.

Кон ова само уште информацијата дека Самитот се реализира во рамки на програмата на Локомотива во Кино Култура во 2019 година, програмска линија „Современа култура и јавни политики“ поддржана од град Скопје, Министерството за култура на Северна Македонија и Општина Центар. Програмата е подржана и од Креативна Европа во рамки на проектот Life Long Burning.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG