Вести
Над 10 проценти од македонските граѓани имаат искуство со поткуп

Според извештајот на Обединетите нации, во земјава 10,8 отсто од граѓаните биле изложени – директно или преку некој член на нивното семејство на искуство за поткуп на јавен службеник.
Овие податоци денеска ги презентираше здружението на граѓани "Боеми".
Истрaжувањето на ОН покажува дека поткупот во форма на пари претставува речиси половина (45 отсто) од сите форми на мито.
"Речиси една третина од платеното мито (32 отсто), всушност, го нудат самите граѓани, додека во скоро 50 отсто било платено како резултат на барање", соопштија од Здружението „Боеми“.
види ги сите денешни вести
Федерален судија нареди чекори за поништување на затворањето на „Гласот на Америка“

Судија на федералниот суд во Вашингтон ѝ нареди на администрацијата на Трамп да ги поништи обидите насочени кон принудно затворање на Гласот на Америка (VOA), кој беше затворен минатиот месец, во потег што телевизијата го нарече незаконски.
Американскиот окружен судија Ројс Ламберт доцна на 22 април донесе прелиминарна наредба во која се вели дека официјалните лица мора да ги „преземат сите неопходни чекори“ за да ги вратат вработените и дописниците на нивните позиции во Гласот на Америка и да го вратат финансирањето одобрено од Конгресот на две други телевизии финансирани од владата на САД - и радиодифузерите на радио Слободна Азија и Блискиот Исток.
Ламберт, кај кого се шест тужби од вработени и изведувачи погодени од затворањето на американската Агенција за глобални медиуми (USAGM), која ги надгледува федералните радиодифузери, исто така им нареди на медиумите да даваат месечни извештаи за статусот што покажуваат дека USAGM ја почитува наредбата за да им дозволи на станиците да „обезбедат вести кои се постојано сеопфатни, доверливи, објективни и авторски“.
USAGM не одговори јавно на судската одлука.
Гласот на Америка минатиот месец поднесе тужба против USAGM во која се вели дека администрацијата на Трамп презела пристап „со моторна пила“ преку извршна наредба со која и наложи на Гласот на Амеика и на шест други федерални агенции „да го намалат извршувањето на нивните законски функции, да го намалат персоналот на минимум и да дејствуваат во согласност со закон“.
USAGM потоа остави повеќе од 1000 вработени на одмор и раскина договори со околу 600 работници, принудувајќи го Гласот на Америка да ги прекине своите преноси за прв пат откако беше основан во 1942 година.
USAGM во случајот тврдеше дека не е донесена „конечна одлука“ за иднината на Гласот на Америка и дека тужбите треба да се третираат како „спорови за вработување“ со оние работници кои биле прекинати.
Радио Слободна Европа/Радио Либерти, исто така, поднесе тужба против USAGM „за да се избегне непоправлива штета“ на радиодифузерот поради задржувањето на нејзиниот грант одобрен од Конгресот, како дел од напорите на Агенцијата да го прекине финансирањето на РСЕ.
Случајот на РСЕ продолжува да се води на суд.
Дробњак - Нова, вистинска перспектива за проширување во 2030

2030 година ќе биде година на големо проширување, порача поранешниот главен преговарач на Хрватска со Европската Унија, Владимир Дробњак кој изминатите два дена во Скопје зборуваше и во Собранието и со претставниците на Владата.
Според него, оваа перспектива за членство што се нуди сега е вистинска, можна да се исполни и видлива, а остварувањето на реформската агенда треба да го намали јазот дотогаш меѓу земјите од Западен Балкан и Унијата. Тоа е особено од интерес на Европската Унија во контекст на менувањето на меѓународниот поредок.
Споредувајќи го искуството на Хрватска со македонското искуство и билатералните спорови Дробњак смета дека фокусот сега треба да биде на реформите.
„2030 е веднаш зад аголот, а има огромна работа што треба да се спроведе“, рече Дробњак во македонското Собрание, посочувајќи дека за Црна Гора се очекува да ги заврши преговорите во 2028 година, а за Албанија до 2030 година, а тоа треба да најде одраз во финансиската рамка на ЕУ за 2028-2034 година, во смисла Северна Македонија треба да се погрижи да се најде во неа.
И пратениците во македонското Собрание и Владата на демонстрираа посветеност на европскиот пат на земјата.
Мицкоски: Мора да го урнеме системот на корупција
Премиерот Христијан Мицкоски како најголем предизвик ги посочи корупцијата иреформите во правосудството.
„Да бидеме отворени и искрени – корупцијата кај нас не е само појава, таа е дел од начинот на функционирање на одредени делови од општеството. Таа е систем кој се штити сам себе. Ако сакаме во Европската Унија, ако сакаме раст мора да го урнеме тој систем. Реформите во правосудниот сектор се најитни, без нив сите други реформи се безвредни“, изјави Мицкоски.
За лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче најважно е да се постигне консензус.
„Време е да гледаме низ една друга перспектива. Да влеземе, да работиме и да се бориме што и да е на масата. Каква и да е пречка биде исправена пред нас мораме да се обединиме поради тоа што сме заедно ги обединуваме сите капацитети и нема пречка што не можеме да ја совладаме“, рече Филипче на дебатата во Собранието.
Она што Дробњак им го нагласуваше и на власта и на опозицијата во Скопје е дека успехот на Хрватска во преговорите со ЕУ и членството се должи на консензусот меѓу сите политички партии и што тие во никој случај не ги користеле овие преговори за политички поени.
„Сепак, реформите не се само прашање на закони, тие се прашање на лидерство. Потребна е храброст за да се прифати транспарентноста, интегритетот и отчетноста“, рече министерот за европски прашања, Орхан Муртезани,
ЕУ не дава гаранции
Она што треба да го прави Северна Македонија е да ги заврши задачите од реформската агенда која има краен рок 2027 година, а со тоа би завршила и 60 отсто од преговорите со ЕУ.
Но блокадата од Бугарија останува и пристапните преговори Северна Македонија ќе усвои измени на Уставот со внесување на бугарското малцинство во Преамбулата. Брисел не дава никакви гаранции дека и во тој случај нема да има нови блокади од Бугарија.
„Никој не може да и даде гаранции на Северна Македонија дека ако сега го смени Уставот, нема повеќе да има пречки на европскиот пат“, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Европската новинска агенција минатата недела.
Поранешниот хрватски преговарач Дробњак затоа посебно внимание посвети на принципот на условување на преговорите оценувајќи дека се додека една земја не стане членка на ЕУ не е на иста маса со земјите во неа. Тој спомена дека и Хрватска имаше повеќе услови за да влезе во Унијата разделувајќи ги во три групи- решавање на статусот на поморската граница со Италија, барањата од Меѓународниот суд во Хаг за Анте Готовина и решавање на цел пакет погранични прашања со Словенија.
„Со влезот во ЕУ проблемите кои изгледаа огромни претходно станаа само рутински“, заклучи Дробњак.
Тоа што Северна Македонија е првата земја од Западен Балкан која ги доби првите средства во износ од 52,4 милиони евра од предфинасирањето во рамките Планот за раст, во Брисел се толкува како позитивен сигнал за напредок.
За Северна Македонија се предвидени вкупно 750 милиони евра, доколку Владата успешно се придржува кон домашните реформи кои самата ги ветила пред европските институции.
Според последното истражување на јавното мислење на Институтот за демократија Социетас Цивилис, се бележи пад на оптимизмот за подготвеноста на Европската Унија да ги прими земјите од Западен Балкан како членки до 2030 година.
Граѓаните остануваат поделени во ставовите за следните чекори во евроинтегративниот процес. Само 20% од граѓаните сметаат дека уставни измени треба да се неопходниот следен чекор, а 21% од граѓаните сметаат дека со процесот треба да се запре. Ако во 2023 година половината испитаници во исѕтражувањето на институтот за демократија, верувале дека тоа ќе се случи, во декември 2024 година нивниот број се намалил на 30 проценти.
Косовските власти повторно ги затвораат српските институции

Косовските власти ги затворија канцелариите на Пензиското инвалидско осигурување, Националната служба за вработување и Републичкиот фонд за здравствено осигурување во Лепосавиќ на северот на Косово, како и Јавното претпријатие за комунални услуги во Штрпце, општина со српско мнозинство на југот од Косово.
Сите овие институции работат во рамките на српскиот систем, кој Косово го смета за нелегален и паралелен.
Заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани за Радио Слободна Европа објасни дека тие им помогнале на општинските власти во Лепосавиќ да ги вратат нивните простории и дека за време на операцијата биле откриени „нелегални активности“.
„Се консултиравме со обвинителот на Националната служба за вработување и беше отворен случај за фалсификување документи. Ќе интервјуираме еден човек во врска со тој случај. Што се однесува до Фондот за здравствено осигурување, колку што знам, општината им даде една недела да ги напуштат своите простории“, изјави Елшани.
Претходно, вршителката на должноста министер за економија на Косово, Артане Ризваноли, објави дека Јавното комунално претпријатие во Штрпце е затворено.
„За ниту една паралелна институција на Србија нема место во Република Косово. Никаков паралелизам на нашите институции и поддирективи на Белград нема да постојат на територијата на нашата земја“, напиша Ризваноли во објава на својот Фејсбук профил.
Српска листа: Косовските власти се обидуваат да му го отежнат животот на српскиот народ
Српска листа, најголемата партија на Србите во Косово, која има поддршка од Белград, објави дека со затворањето на српските институции во Лепосавиќ и Штрпце, косовските власти се обидуваат „да му го отежнат животот на српскиот народ во Косово преку притисок, провокации и институционално насилство“.
Тие изјавија дека акцијата на затворање на српските институции „претставува директно кршење на сите договори, вклучително и на Бриселскиот договор“.
„Упадот во згради нема да ја спречи државата Србија да биде со сите вработени и корисници на услугите што споменатите институции им ги обезбедуваа на сите граѓани, без оглед на националноста“, се наведува во соопштението на Српска листа.
Српскиот претседател Александар Вучиќ кон средината на септември минатата година изјави дека нема да ги укине институциите за Косово и најави отворање на „модерни канцеларии“ на српската страна од граничните премини.
Тој вети дека сите работници во затворените институции ќе продолжат да примаат плати и дека ќе им обезбеди секаков вид поддршка.
Институциите во српскиот систем по 1999 година функционираа и во областите каде што живеат Срби. Косово ги смета за нелегални, но сепак беа толерирани.
Сепак, Владата на Косово, предводена од Албин Курти, почна да ги затвора на почетокот на 2024 година. Досега беа затворени Привремените општински тела, Центрите за социјална работа, Поштата на Србија, Поштенската банка, Јавните претпријатија.
„И се заблагодарувам на косовската полиција за нивната поддршка и во исто време ги молам и полицијата и Обвинителството итно да ги истражат штетите и придобивките предизвикани од нелегалната активност на овие паралелни институцин на Србија“, додаде Ризваноли.
Од друга страна, Канцеларијата за Косово во Владата на Србија објави дека косовските власти „нелегално ги затвораат малкуте преостанати српски институции во Република Косово“.
„Сето ова се случува пред очите на Меѓународната заедница, која молчешкум го набљудува теророт врз Србите и понатамошниот прогон на нашиот народ“, се вели во соопштението, во кое се наведува дека се очекува реакцијата на Меѓународната заедница, особено на Европската Унија, со чие посредство се води дијалогот меѓу Приштина и Белград за нормализација на односите.
Затворањето на институциите што работат во српскиот систем наидува на негодување од страна на српската заедница, но и на критики од Меѓународната заедница, со образложение дека „едностраните и некоординираните дејствија“ можат да ги зголемат тензиите на терен.
Исто така, на почетокот на оваа година, ЕУ објави дека статусот на структурите поддржани од Србија треба да се реши преку дијалог.
Пет пациенти се враќаат дома, на лекување во странство остануваат 38

Пет пациенти од повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска (23 април) ќе се вратат од лекување од Клиничкиот центар во Србија. Потоа во согласност со протоколот тројца ќе бидат под опсервација на Клиниката за пулмологија, а по еден пациент на Клиниката за пластична хирургија и во Хируршката клиника „Св.Наум Охридски“.
Како што информира Министерството за здравство, во текот на вчерашниот ден еден пациент се врати од лекување од Хрватска и се наоѓа под опсервација на Клиниката за пластична хирургија.
Во странските медицински центри остануваат на лекување 38 пациенти.
„Во земјава во моментот се лекуваат седум пациенти, од кои во Хируршка клиника „Св.Наум Охридски“ се хоспитализирани вкупно 4 пациенти, на Клиниката за пластична хирургија еден пациент, а во приватната болница Систина двајца пациенти“, се наведува во соопштението од ресорното министерство.
Од Министерството за здравство велат дека континуирано ја следат состојбата со повредените пациенти, со цел обезбедување најдобар можен третман, како и натамошна рехабилитација.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна рано наутро на 16 март.
Во трагедијата животот го загубија 62 лица, а близу 200 беа повредени.
Меџити за Таравари: Не може и да соработува со ДУИ и да биде дел од Владата

Министерот за животна средина и вицепремиер Изет Меџити очекува министерот за здравство Арбен Таравари и лидер на Алијансата за Албанците, исто како што ја напушти коалицијата „Влен“ за претстојните локални избори, така да ја напушти и Владата.
„Вреди нема никакви дилеми, како што ветивме донесовме промена, плурализам и демократија во албанскиот кампус. Ние стоиме цврсто на тој пат, тука е проблемот со господинот Таравари. Ние одлучивме дека Вреди ќе биде едно и дека соработка со Демократската унија за интеграција (ДУИ) не е можна. Соработка со ДУИ и дел од Владата мислам дека не штима, изјави Меџити, по Форумот за енергетика и технологија помеѓу Чешка и Северна Македонија.
На новинарско прашање дали Тараври бил дел од вчерашната владина седница, Меџити рече дека не бил присутен, но дека бил вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, кој доаѓа од редовите на Алијанса за Албанците.
За тоа дали се точни информациите дека околу 1 мај ќе се случи средба Мицкоски-Таравари, Меџити вели дека тоа се технички работи и дека е јасен ставот на Коалицијата Вреди.
„Тоа се формални технички работи, јас кажав за нашите политички ставови. Политичкиот став е дека не може и со ВЛЕН и со ДУИ, мислам нема логика и со ДУИ и дел со Владата“, рече Меџити.
Меџити не сакаше да коментира што доколку Таравари остане во Владата.
„Премиерот има легитимно право да соработува со ДУИ, но доколку биде така, тоа треба јавно да го објави и да не се срами“, изјави Меџити.
Спојувањето на партиите што сега се дел од коалицијата „Влен“, со исклучок на Алијансата за Албанците, е во тек. Меџити извести дека претседателството ќе има 23 члена и дека неговото име е меѓу оние што се споменуваат како кандидати за лидери.
Голема полициска акција поради сомнение за кривични дела во здравството

Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, МВР спроведува координирана акција на повеќе локации низ државата.
„Станува збор за основано сомнение за сторени повеќе кривични дела со кои е сторена штета на Фондот за здравство“, соопштија од ОЈО ГОКК.
Повеќе информации се најавени во текот на денот.
Неофицијално, претреси се прават во здравствени ординации, адвокатска канцеларија, службени канцеларии каде работат докторите, на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, Клиничката болница Тетово и ЈЗУ Општа болница Велес.
Како што јавуваат медиумите се работи за мрежа составена од преку 50 лица меѓу кои доктори, член на комисија во ПИОМ, адвокат, вешто лице, управител на консултантско биро.
Македонските граѓани лани создале 800.000 тони отпад, секој по 438 килограми

Во 2024 година во Северна Македонија е собран 637.471 тон комунален отпад, што е за 2,5% повеќе од 2023 година. Зголемувањето, според Државниот завод за статистика, се должи на зголемениот број населени места вклучени во системот за колективно собирање отпад. Од вкупното количество собран комунален отпад, 535.606 тони или 84% се од домаќинствата, а 16% од правни и физички лица. Најголемо количество собран отпад е измешаниот комунален отпад – 546.866 тони. Вкупното количество создаден комунален отпад во 2024 година е 790.866 тони. Годишно создаден комунален отпад по жител во 2024 годинае 438 килограми, што е за 12.9% помалку од 2023 година. Најголемото количество, 99.8%, се фрла на депонија.
Руски дрон погодил автобус во Украина, девет мртви, десетици повредени

Во напад на руски дрон врз автобус со работници во украинскиот град Марханец во регионот Дњепропетровск, најмалку девет лица загинале, а десетици биле повредени, објавија локалните власти.
„Бројот на жртви постојано се зголемува. Агресорот удрил автобус со работници со камикази дрон“, изјави рано наутро на 23 април Сергеј Лисак, гувернер на регионот Дњепропетровск.
Бранот руски напади, исто така, ја таргетираше цивилната инфраструктура во други украински региони.
Најмалку пет лица се повредени во украинските градови Полтава и Одеса.
„Станбени згради, деловни објекти, магацини и гаражи беа оштетени“, соопшти украинската служба за вонредни ситуации.
„Големи пожари избувнаа и во вториот по големина украински град, Харкив“, изјави градоначалникот Ихор Терехов.
Службата за итни случаи објави дека нападот бил насочен кон „исклучиво цивилната инфраструктура на градот“.
На 22 април пак, се случи голема експлозија и пожар во складиште за муниција во воена база во областа Киржач во Владимирската област, североисточно од Москва.
Четири лица биле повредени кога експлодирала муницијата, што довело до наредба за евакуација. Муницијата била запалена, а гранатите експлодирале во складиштето.
Руското Министерство за одбрана претходно соопшти дека пожарот бил предизвикан од кршење на безбедносните протоколи и дека резултирал со детонација на муниција складирана во магацинот.
Во округот Киржач, кој се наоѓа околу 130 километри североисточно од руската престолнина, е прогласена вонредна состојба.
Складиштето за муниција е едно од најголемите во руските вооружени сили. Се наоѓа на повеќе од 500 километри од границата со Украина. Нема извештаи за напади со беспилотни летала во Владимирскиот регион пред експлозијата.
База, канал на Телеграм близок до безбедносните служби, соопшти дека имало 10 до 11 експлозии и дека пожарникари од соседните региони биле повикани за да го локализираат пожарот.
Се наведува дека е формирана посебна комисија за да ги испита причините за пожарот.
Експлозија и пожар во магацин за муниција во руска воена база

Силна експлозија и пожар се случиле на 22 април во магацин за муниција во воена база во областа Киржач во Владимирската област, североисточно од Москва, изјави во среда (23 април) регионалниот гувернер Александар Авдејев.
„Четири лица беа повредени кога експлодираше муницијата, што доведе до наредба за евакуација“, рече Авдејев, додавајќи дека муницијата била запалена, а гранатите експлодирале во складиштето.
Руското Министерство за одбрана претходно соопшти дека пожарот е предизвикан од кршење на безбедносните протоколи и дека резултирал со детонација на муниција складирана во магацинот.
„Како резултат на пожар на територијата на воена единица во Владимирската област, детонираше муницијата складирана во магацинот. Според прелиминарните информации причина за пожарот е прекршување на безбедносните стандарди при работа со експлозивни материјали“, соопшти Министерството за одбрана.
Во округот Киржач, кој се наоѓа околу 130 километри североисточно од руската престолнина, е прогласена вонредна состојба.
„Евакуирана е базата заедно со околу 450 луѓе од најмалку седум блиски населби“, рече гувернерот.
Складиштето за муниција е едно од најголемите во руските вооружени сили. Се наоѓа на повеќе од 500 километри од границата со Украина. Немаше извештаи за напади со беспилотни летала во Владимирскиот регион пред експлозијата.
Непотврдено видео објавено претходно на каналите на Телеграм покажува огромна огнена топка, гласна експлозија и облаци од густ чад што се издигаат кон небото.
База, канал на Телеграм близок до безбедносните служби, соопшти дека имало 10 до 11 експлозии и дека пожарникари од соседните региони биле повикани за да го локализираат пожарот.
Се наведува дека е формирана посебна комисија за да ги испита причините за пожарот.
Обвинителството го услови пуштањето од притвор на Јахоски со дополнителни 72 милиони денари

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави мислење во однос на Предлогот за укинување на мерка притвор со предлог гаранција, поднесен од Асмир Јахоски, осомничен за сторено кривично дело – „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
Во мислењето се истакнува дека „предлогот на осомничениот за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција во недвижен имот со проценета вредност од 60 672 235 денари, може да биде основан, само ако осомничениот, во исто време, на посебна сметка на судот, дополнително да депонира и износ од 72 000 000 денари“.
„ Во конкретниот предмет, според доказите со кои располага обвинителството, износот од 72 000 000 денари одговара на вкупниот износ на противправно стекнатата имотна корист за овој осомничен од кој во понатамошна постапка би можело да се наплати евентуалното оштетно побарување од него“, се наведува во мислењето од ОЈО ГОКК.
Исто така, јавниот обвинител побарал од судот на осомничениот да му бидат определени и мерки на претпазливост и тоа забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, обврска повремено да се јавува на определено службено лице или надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државна граница односно забрана за нејзино издавање.
Од Обвинителството истакнуваат дека обвинителот ги имал предвид и списите во предметот, како и фактот дека обвинителството во меѓувреме обезбедило поголем дел од материјалните и вербалните докази, со што како што наведуваат, значително е намален ризикот дека тој би можел да ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание на сведоци.
„Согласно даденото мислење, само со определување на сите погоре наведени мерки обвинителството ќе смета дека се исполнети условите за укинување на претходно изречената мерка притвор“, велат од Обвинителството.
Јахоски беше меѓу 11-мина приведени од вкупно 13 осомничени за набавка на мазут со сомнителен квалитет и за перење пари, заедно со сопствениците на компанијата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, за кои веќе беше одредена мерка притвор.
Перење пари и злоупотреба на службена должност ги поврзува сите осомничени, меѓу кои сопственици на нафтени компании и поранешен директор на ЕСМ, за кои обвинителството се сомнева дека покрај перењето пари, набавувале горива со сомнителен квалитет штетни за животната средина.
Според Обвинителството за гонење на организиран криминал, двајца осомничени во период од 2021 до 2023 година го оштетиле државниот буџет за над 167 милиони евра.
Кривична пријава е поднесена против 13 луѓе и една компанија од Скопје.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете