Достапни линкови

Зиги Вајгл: Биг бендот на ЗЏМ има потенцијал да биде еден од големите во регионот


Биг-Бендот на Здружението на џез-музичари на Македонија, на 30 ноември во 20 часот, во Македонска филхармонија, со врвниот Зиги Фајгл од Австрија како диригент, ќе го изведе проектот „RADIOHEADJAZZ!“ во кој посега по класиците на една од најзначајните британски алтернативни групи „Рејдиохед“.

По трет пат ќе работам со Биг-Бендот на Здружението на џез-музичари на Македонија. И, овој пат како и во претходните години кога најнапред соработувавме на програмата со класиците на БИТЛСИ ме поканија Кире Кузманов и момците со кои се познаваме поодамна. Повеќето од нив се мои поранешни студенти на Џез академијата во Грац каде што јас предавам повеќе од три децении. Од таму во некоја рака и нашето пријателство и искрената желба за соработка. Еве, не можам а да не кажам дека лично сум многу среќен кога ќе добијам ваква покана од оние кои што сум ги подучувал и посебно кога знам дека се одлични музичари.

Вака диригентот Зиги Фајгл, ќе ја почне сторијата за своето трето доаѓање во Македонија и соработката на новиот проект со Биг-Бендот на Здружението на џез-музичари.

Станува збор за концерт насловен како „RADIOHEADJAZZ!“ кој е планирано да понуди навистина уникатна содржина - џез-верзии на песните на британската алтернативна рок-група РЕЈДИОХЕД - група која од своето постоење до денес, изврши огромно влијание на повеќе генерации музичари ширум светот. Бенд кој предводен од харизматичните Том Јорк и Џони Гринвуд во деценииве наназад донесе прогресивен, иновативен и моќен звук.

Џез-аранжманите на нивните композиции ќе бидат уникатна фузија меѓу различните музички правци, и тоа за првпат ќе биде претставено на македонската музичка сцена.

Од таму, маестро Фајгл знае да каже дека со овој проект ЗЏМ ја проширува својата репертоарска политика, ги проширува естетски хоризонти, го збогатува својот музички израз и профил насочувајќи се кон една поинаква звучна патека.

„Мислам дека тоа е ова ќе биде убав пресврт за Биг бендот во Скопје, бидејќи на тој начин овие момци кои се прекрасни музичари ќе покажат дека не се „заглавени“ во џез музика или поспецифично не се заглавени во „свинг идиомот“. Ова е одличен потег - да се земе музиката на РЕЈДИОХЕД и таа да и се претстави на публиката со фантастични аранжмани. Оваа музика е жива, постои и зошто да не биде помината низ еден ваков филтер на традицијата на поголеми оркестри. Впрочем не случајно мнозина значајни џез музичари како Крис Потер или Џими Колум посегаат по песните на РЕЈДИОХЕД и ги ставаат во своите концертни програми. Тие дури и не кријат дека се инспирирани од нивната музика. Од друга страна кога сме веќе кај инспирациите не е тајна дека Јорк, Гринвуд и останатите од бендот честопати знаат да кажат дека на нив големо влијание извршиле гиганти како Мајлс Дејвис, Орнет Колмен, Чарлс Мингус..Нема да згрешам ако кажам дека врската помеѓу творештвото на РЕЈДИОХЕД и џезот е нераскинлива. Ете затоа, пре некое време дојдоа некои аранжери и едноставно ми рекоа „ајде да ја направиме оваа музика достапна ...и направивме навистина многу посебна програма која во сабота ќе ја изведеме со Биг бендот на ЗЏМ“, вели Зиги Вајгл.

Зиги Вајгл со Биг бендот на ЗЏМ - фото Татјана Ранташа

Диригентот и со констатација дека очекува несекојдневна инспиративна изведба од членовите на Биг бендот.

„Сите тие одлични музичари и гризат кога свират. Тоа со леснотија можам да го кажам бидејќи добро ги познавам. Го познавам добро и Биг бендот и можам да кажам дека тој досега функционира одлично. Среќен сум што повеќемина од неговите членови се завршени студенти на Џез академијата во Грац. Точно е тие учеа во Австрија, но своите вештини ги развиваат во Скопје, во своите градови, во родната Македонија. На секое мое доаѓање овде јас од срце се радувам гледајќи ги како се развиваат и како музичари и како луѓе. Од првиот пат кога бев овде за проектот со музиката на БИТЛСИ и потоа оној следниот со легендарниот американски саксафонсит Дон Менза како солист на Светскиот ден на џезот можев да видам и да заклучам колку оркестарот беше подобрен во својата изведба. Ете затоа и ова трета средба навистина ме прави возбуден и среќен“, истакнува професорот.

Прашан, пак, за тоа каква според него е иднината на Биг-Бендот на Здружението на џез-музичари на Македонија тој со констатација дека го гледа на едно „повисоко европско ниво“.

„Биг бендот на ЗЏМ дефинитивно има потенцијал да биде еден од големите бендови во регионот. Дури и не само на регионално ниво, туку судејќи според квалитетите на некои од солистите како сакасафонистот Кире Кузманов, трубачот Трајче Велков, Иван Иванов или пијанистот Гордан Спасовски, басистот Кирил Туфекчиевски... кои се одлични музичари, слободно ќе кажам дека ги има сите предуслови да се вивне на едно повисоко европско џез ниво. Само за тоа ќе треба и натаму макотрпно да се работи, да се свири што почесто и посебно да се прават секогаш кога тоа ќе може вакви проекти. Убаво е на Скопје и на македонската култура воопшто да им се случуваат вакви големи џез настани. Само така Биг бендот ќе има светла иднина. И, да не заборавам притоа тој треба да ја има поддршката од институциите во државата. Без неа нема придвижување оти ваквите проекти и квалитетот бараат вложување. Тоа треба секому да му е јасно“, истакнува диригентот Вајгл.

Биг бендот на ЗЏМ со маестро Вајгл - фото Огнен Ацевски

Згора на тоа тој и со констатација дека Биг бендот на ЗЏМ секогаш може да смета на него како на професионалец и како човек кој веќе негува убаво пријателство со своите некогашни студенти и денешни врвни македонски музичари кои имаат силна потреба и натаму да се развиваат.

„Многупати сум им кажал на Кире, Иван, Гордан, Гоце...и на сите други дека ми се допаѓа да доаѓам во Скопје и да работам со нив. И не само на вакви проекти, туку и дека можат да рачунаат на мене и тогаш кога им треба или само како поддршка во музиката или поконкретно за некои идеи за програмата. За тоа како треба да да се развие Биг бендот, како да се направат посебни работилници или како да се поканат светски солисти за одредени проекти на ансамблот. Сум и рекол дека секогаш сум им на располагање. Ми се допаѓа што навистина се трудат, а не е лесно во земја како Македонија да се одржува Биг бенд. Затоа кога и да им бидам потребен може да сметаат на тоа дека ќе им излезам во пресрет. Воопшто не ми е проблем да дојдам во Скопје и да им бидам од помош“, заклучува маестро Зиги Вајгл.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG