Достапни линкови

На тетовското Кале потребна му е институционална грижа


За работа на Калето, потребни се огромни средства кои можат да се обезбедат само од државниот буџет, велат од тетовскиот Музеј.

Тетовското Кале на ридот Балтепе, иако значен споменик на историското наследство, веќе шест години нема институционална грижа. Од 2008 до 2012 се одвиваше проект за археолошки истражувања и конзервација, а од тогаш нема извршување на стручни работи за зачувување на овој споменик од Османлискиот период. На дел од објектите се забележува запоставеност - обраснати се во трева, а дел од нив сè повеќе се распаѓаат.

Миќо Стојчески, директор на Музеј на тетовскиот крај вели дека во институциите се размислува за продолжување на потенцијалната реставрација на објектите. Сепак потенцира дека за работа на Калето, потребни се огромни средства кои можат да се обезбедат само од државниот буџет.

„Има уште многу работа за да се заврши таа целина, таа археолошка акција. За во иднина јас лично се залагав и имав доставено барање до Министерството за култура и лично министерот за култура го посети локалитетот и исто се заложува и сака да за во иднина да се смогнеме сили и да се организира буџет, бидејќи тоа би било капитален проект кој не би траел во една година туку 10 години би требало за таа тврдина да го добие правото лице и правиот сјај. Се надевам дека во иднина и според ете разговорот со министерот и Министерството за култура дека имаат желба и интерес за возобновување на таа тврдина и да стане како една туристичка атракција и едно разубавување на градот“, изјави Стојчески.

Тетовското кале како тврдина во 19 век на врвот од ридот Балтепе почнал да го гради Реџеп-паша. Се смета дека има 108 илјади квадратни метри и богата внатрешност почнувајќи со големи порти, потоа кули, сараи, кујни, бањи, бунар и слично. Со реставрација на тие објекти ќе се добијат нови простории за музејски поставки.

„Проектот би било пред се да се реставрираат постоечките објекти со тоа што дел би биле една музејска поставка. Односно сета археологија, сите артефакти што се најдени во претходниот проект тука би биле изложени. И во интерес и во името на културата би можело еден културен центар да настане каде би се одржувале разни фестивали, настани од областа на културата и уметноста што за градот би допринело повисоко ниво на развој на култура и една точка туристичка атракција и една точка за младите за разни едукации, обуки“, вели директорот на музејот.

До врвот на ридот и до Калето веќе постои асфалтиран пат, кој се користи за рекреативно трчање и пешачење.

XS
SM
MD
LG