Достапни линкови

Печалбарите го раздвижуваат Тетово


Поглед на центарот на Тетово.
Поглед на центарот на Тетово.

Печалбарите се чекаат за летно раздвижување на екомонијата, но и општествениот живот во градот. Се зголемува бројот на купувачи, сите се надеваат на заработка плус, а се збогатува и социјалниот живот.

Во Тетово во текот на летото се очекуваат да дојдат што повеќе од печалбарите за да ги раздвижат економијата и општествениот живот. Трговците и пазарџиите најмногу се надеваат на дополнителна заработка со оглед дека се зголемува бројот на потенцијални купувачи.

Исто така се смета дека доаѓањето на тие луѓе придонесува за побогат социјален живот со оглед дека се среќаваат со голем број луѓе, членовите на пошироката фамилија, пријатели и познаници. Нивното присуство е поврзано со правењето свадби и други семејни веселби, како и организирање на спортски и културни манифестации.

„Кога доаѓаат тие, имаме и ние малку повеќе работа. Сега почнале да доаѓаат. Од сега до крај на осми месец имамеповеќе промет. Доаѓаат тие од Швајцарија, Германија, Данска, Норвешка“, вели Алаудин Сејди, кој продава на тетовскиот зелен пазар.

Неговите колеги Пеце Стојчевски и Абдула Рамадани го делат истото мислење.

„Се зголемува, не многу, но има повеќе работа. Доста странци доаѓаат во Тетово, печалбари има доста од Тетово, Тетово е печалбарски град. Се очекува да се зголеми прометот, тие земаат на големо роба. По еден пакет, што било, не земаат на кило“, вели Пеце Стојчевски.

„Фала богу што идат да ја посетат Македонија, кое било место, па некој денар ќе остават. Задоволен сум малку, не премногу“, рече Абдула Рамадани.

Има печалбари што доаѓаат редовно секое лето, иако Тетово е град со многу проблеми. Така и самите се соочуваат со недостиг на вода за пиење, дивата депонија во самиот град, недоволно паркинг места и друга инфраструктура. Соговорниците од тетовскиот пазар велат дека печалбарите најмногу доаѓаат да се сретна со роднините и пријателите. Разговор со блиските е она што најмногу им недостига, велат тие.

„Тие доаѓаат да се видат со фамилија, во родно место, доаѓаат. Инаку тука ние имаме проблем со вода, имаме проблем со ѓубрето“, потврдува Алаудин.

„Во последно време доаѓаат да ги видат фамилиите. Ама не како порано, сега одат на одмори. Најголем проблем по мое, не по мое, може сите да ги прашате - се паркинг местата. Пазарот како пазар нема паркинг места. Значи доаѓаат странци, наши луѓе, нема кај да паркираат“, укажува Пеце Стојчевски.

„Тие што се родени тука, земјата ги влече. Тој сака да го посети, да не се оддалечи од своето место. Некој оставил другари овде, сака да излезе едно кафе да пие. Да прошета на Шапка,Маврово, Кале .. .“,раскажува Абдула Рамадани.

Од тетовско луѓето на печалба најмногу заминуваат во земјите од Западна Европа.

XS
SM
MD
LG