Достапни линкови

Кучи - Инвестиции да бараме од гастарбајтерите и од соседството


Интервју со Мендерес Кучи
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:27 0:00

Интервју со Мендерес Кучи

Ако не е од нашиот регион, ако не ги знае нашите околности или не го познава нашиот менталитет со овие информации коишто тој ги има нема да може лесно да одлучи да инвестира во нашата земја, затоа ние треба да се фокусираме на нашите печалбари надвор и на нашето опкружување, вели претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Мендерес Кучи, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Деновиве во посета на Македонија е индискиот бизнисмен Субрата Рој, кој најавува инвестиција токму во Западна Македонија од каде што вие доаѓате, односно дека ќе добиете голем туристички комплекс? Што значи проектот за Македонија, може ли тој да придвижи нешто во економијата?

Не е наше да бидеме скептични во тоа што би значел проектот, иако овој вид на инвеститор е примен со доста скепса, со доста голем број на проблеми, со некоја неблагодарна помпезност на некој начин, така што додека се случи таа инвестиција најверојатно ќе значи нешто за нашиот предел, затоа што ќе даде некоја друга димензија која можеби не се совпаѓа со онаа традиционалната што ја има Охрид, но сепак ќе значи нови пари, нови инвестиции што ќе значат нешто за земјава, доколку се реални. Но со оглед на тоа колку многу се преговара и се разговара за истото, повеќе личи на некој вид на парада, отколку на реално нешто што се очекува да се случи. Меѓу редови ги читавме и неговите изјави во кои кажува дека многу нè сака и ние го сакаме како што го сакаме целото човештво, ние дури и повеќе од тоа, му нудиме можност тоа да го искаже, но реално можеби треба да се зборува на помали димензии, на поскромни инвестиции, но реални, кои ќе се остварат многу лесно и многу бргу, затоа што на земјата навистина ѝ треба нешто што е од вчера, а не од задутре.

Ќе се осврнам на неодамнешниот извештај на Светска Банка во кој се наведува дека целиот регион излегува од рецесија, но индикаторите на сиромаштија и на невработеноста тука не се допрени. Каде сме ние во овој момент во рамките на светската рецесија? Какви се состојбите на терен кај нас?

Никако не се случуваат нештата, не се предвидуваат во рамка на мандатот што веќе го имаа оваа влада, на која и по неколку пати ѝ се дава доверба за да се направат овие работи, меѓутоа на некој начин се пролонгираат овие инвестиции, коишто според нас би требало да бидат локомотивата којашто ќе го води развојот напред, односно со кои нашата земја би можела многу побрзо да испадне од оваа рецесија, од оваа криза. Затоа што само капиталните инвестиции се тие коишто би овозможувале многу побргу и многу подобро да ги придвижат работите кон подобро, но за жал гледаме дека само се останува на ниво на проекти, на ниво на физибилити студии, никако да се преземе конкретен чекор, нешто што е барано од сите релевантни фактори и од страна на реалните инвеститори и од страна на меѓународните организации. Значи во тој дел нашата земја заостанува. Нешто што се врзува директно со она дека еве регионот излегува од рецесија. Не треба да чекаме ние што прави регионот, треба да гледаме што правиме ние, токму во таа насока ние треба да бидеме фокусирани со овие мали, средни проекти, имајќи предвид дека и нашиот статус на држава со недефинирано име, со недефинирана положба во меѓународната заедница и со недефиниран статус во евроатлантските интеграции, на некој начин сето оваа влијае негативно на сето она што значи инвестиции, така што нашиот таргет треба да бидат тие што ни веруваат, а тие што ни веруваат се нашите гастарбајтери што се надвор од земјава за кои се прави многу малку или ич не се прави да се привлечат во нашата земја и најпрвин да стекнат доверба дека оваа влада може, има капацитети и сака, оти нашата земја не е без ресурси, но тие ресурси треба од горе да се анимираат, да се етаблираат и да се повикуваме на нив, а никако на нешто што е обратно од ова.

Дали во поглед на инвестициите единствениот спас го гледате во нашите луѓе во дијаспората или, пак, гледате некакви изгледи да се појават странски инвеститори во државата?

Ако не е од нашиот регион, ако не ги знае нашите околности или не го познава нашиот менталитет со овие информации коишто тој ги има нема да може лесно да одлучи да инвестира во нашата земја, затоа ние треба да се фокусираме на нашите печалбари надвор и на нашето опкружување, значи на Србија, Србите нè знаат кои сме и што сме, до вчера бевме соседи со нив, исто така и Албанците и Косовците и Бугарите. Ние имавме делегација од Бугарија на посета тука, навистина и тие имаат проблеми во нивната влада и ние со нашата, но како бизнисмени меѓу себе немаме никакви проблеми и можеме многу лесно, ако ни се дозволи тоа и ако се поттикне, да го оствариме во дела.

Каде се домашните инвеститори тука? Колку чувствувате дека сте вие поттикнати како бизнисмени да учествувате во некое поттикнување на економијата?

На државата можеби би и било полесно да каже: ние немаме доволно капацитети и пари, нам ни требаат странските пари. Како да ги донесеме тука? Сите држави тежнеат што повеќе пари да имаат кај нив, но притоа треба да се даде и можност и да се биде атрактивен за нив, но притоа никако не треба да се потценат домашните инвеститори. Во конкретнава ситуација, јас мислам дека владата премногу се фокусира на она што е надворешно, без притоа да ги има соодветните можности кога е во прашање сигурноста. Ние како стопанска комора имаме еден друг начин на пристап кон решавање на овие ситуации и велиме: никому што ќе дојде од надвор нема да му дозволиме да речеме да влезе во слободната економска зона во Тетово ако не се содружи со некој локален. Нема да ги разгледуваме таквите инвестиции што сакаат да дојдат тука и да има своја успешна приказна што сакаат да ни ја наметнат, без притоа точно да знаеме дека тоа може, добро е за градот и за земјата, но и тој ќе има сигурност ако има еден или двајца или група инвеститори коишто се домашни. Соодносот тука не е воопшто битен, дали ќе биде 50 отсто или 25 отсто или колку било. Важно е да го има домашниот инвеститор заедно со странскиот. Тогаш таа инвестиција може да ја сметаме за успешна и дека навистина нешто ќе може да биде добро за нашата земја.

Во која мерка стопанството е жртва на севкупната политизација на општеството?

Апсолутно првата жртва којашто може да биде, тоа е стопанството. Преку човекот, поединец, работник што случајно или неслучајно ѝ припаѓа на една или на друга политичка опција и притоа да биде на некој начин, иако има свои вредности, да биде обезвреднет, односно да не биде опфатен во она што значи заедничко креирање на економскиот, би рекол најпрвин, живот во земјата, а потоа и на политичкиот, така што овој начин на водење политика директно се совпаѓа и со нашата сегашна ситуација, затоа што ние сме мала земја и не би требало толку големи влијанија да има, не треба ние како влада да ѝ дозволиме на околината да му создава толку проблеми на нашето стопанство. Но, ние сме без концепт за економски развој на земјата и тоа го надополнуваме со она што се вели празна политика и токму тој вид на водење политика, екстремна политика би рекол, води кон она што значи сиромаштија, односно немање економска опција за добробит на општеството, на државата и на рејтингот на државата и на угледот на државата.

Имате ли конкретни примери каде во текот на работењето во стопанството политиката навистина ги кочи работите?

Во секое поле на животот се кочи. Ние имаме примери од самите компании. Секоја компанија има некоја припадност кон некоја политичка опција и ние гледаме дека има компании што можеби ја помагале актуелната власт и коишто не се задоволни од таа политика, но тоа не го кажуваат веројатно јавно, затоа што знаат до кое ниво е развиена демократијата кај нас и знаат што може да ги очекува. На земјата не ѝ недостигаат политички опции, туку ѝ фалат опции како да се развие оваа земја со овие ресурси што ги има.

Деновиве владата излезе со уште една најава дека преку ИПАРД фондовите ќе кофинансира мали проекти во руралните средини. Каква е перспективата на некој таков мал бизнис во овој момент, има ли услови да успеат тие мали бизниси?

Токму тоа е она што се бара, конкретно и од нашата стопанска комора затоа што ние навистина ги третираме малите и средни претпријатија. Би било многу добро ако овие иницијативи бидат една успешна приказна и ќе може да функционираат. Ние имаме направено такви мали проекти во соработка со организации од типот на УСАИД, коишто резултирале колку-толку, било да се тие 5.000 или 10.000 евра. Ако се детектирани и ако е најден модусот, начинот и ако се сака, значи има успешност во тоа, но овие работи не треба да бидат дел од политички кампањи. Ако се дел од политички кампањи, ако таргетираат само одредени, можеби и неуспешни луѓе, затоа што треба и луѓе и идеи и средства, да не одат тие средства така. Еве вие почнавте за нас, еве ние ви обезбедивме 3.000 евра од ИПАРД фондовите и развивајте се сами. Тоа не треба да оди така, туку навистина да се таргетира, прво да се види, да се детекрира што може таа групација да направи, дали таа приказна би можела да успее на ова поднебје и да не се ограничиме само на тие мали средства. Ако е почната таа инвестиција, со што може да се помогне, а државата со многу што може да помогне.

Како оди раздолжувањето на државата кон стопанствениците?

Бавно оди од причина што ние гледаме дека фокусирањето на владата е дали се исплатени пензиите, дали се исплатени субвенциите или не знам што, но притоа се заборава дека нашите извозници не ги добиваат своите пари навреме назад, а за нив не би требало да има никакви чекања, затоа што се знае, стоката ја поминала границата, извезена е и тие средства треба веднаш да им се вратат и притоа ние како комора би ѝ биле благодарни на владата и би рекле, на некој начин, го поттикнува извозот. Обратно, таа го пенализира извозникот. Ние не бараме дополнителни средства за поттикнување на извозот во моментот кога нема, но ова би било навистина голема поддршка за извозниците во ова кризно време кога на сите страни недостигаат пари. Во овој дел може да се каже дека гувернерот доста направи, во смисол на анимирање на банките со своите механизми и тоа веќе дава резултати, ние тоа го гледаме, затоа што веќе политиката на банките кон бизнисите е малку пофлексибилна , но пак ќе речам, во ова доста голем удел има гувернерот, затоа што тој се трудеше и го слушна нашиот збор како комори, односно како деловна заедница и сега не се чувствува многу таа беспарица на која генератор е самата влада.
XS
SM
MD
LG