Достапни линкови

Шарпланинците повеќе миленици, отколку чувари на овците


Петко Петковски од Тетово, одгледувач на автохтоните кучиња шарпланинци.
Петко Петковски од Тетово, одгледувач на автохтоните кучиња шарпланинци.

Во Тетово има само две одгледувачници на шарпалнинци. Овие кучиња кои служат за чување на овци сè помалку ги има, оти и се намалил бројот на добитокот. Низ целата држава во кинолошкиот сојуз се регистрирани 31 одгледувачница на шарпланинци.

Иако е под Шар Планина, во градот Тетово автохтоните кучиња шарпланинци се огледуваат само во две одгледувачници, а последната натпреварувачка изложба била во 2011. Од друга страна, неколкумина поединци не се откажуваат од големата страст за чување на овие кучиња.

Петко Петковски од село Јанчиште, е сопственик на едната од двете одгледувачници. Вели дека најголемо задоволство му е да оди на специјалните изложби за шарпланинци без разлика каде и да се одржуваат. Во последните две години е во пензија па целосно времето го поминува со своите миленици.

„Сум чувал и до 12, 13 големи кучиња, меѓутоа тогаш беше и татко ми со мене. Сега моментално имам три мажјаци и пет женки и 10 малечки. За мене врвот е кога ќе освоиш на „специјалка“ кај што има најмногу кучиња. Меѓутоа за да се одржи „специјалка“ треба многу работа и организација. И многу специјалки и тоа не е добро. Меѓутоа треба да се шара по сите градови. Скопје да има или Битола, Прилеп или Тетово, во годината, нека имаат тие три града поголемите. Овде кога беше специјалката во Тетово имаше толку народ што е незапаметено, интерес има“, вели Петковски.

Шарпланинците се кучиња за чување овци, па со намалувањето на добитокот и нив ги има сè помалку. Сега повеќе шарпланинците се чуваат како миленици во дворовите.

„Овчарите им е полесно така земаат мелези, не идат на почисти шарпланинци. Има, не е да нема шарпланинци, но измелезено е, помалку има чисти него како што имало. Многу малку овци има. Кај мене во село како дете паметам, Јанчиште сега има 120 куќи, тогаш не знам колку имало, но имало 40 -50 куќи сме имале овци. И секоја куќа најмалку по две кучиња тоа се 100 кучиња само Јанчиште и тоа само ние што се наоѓаме доле во рамнина, а не тие покрај Шара, Жеден“, вели Петко.

Во пресрет на зимата шарпланинците го менуваат влакното и го имаат најдобриот карактеристичен изглед, објаснува Петковски.

„Зимски период се најубави зошто летото им паѓа влакното од жештините. Зимата е најубаво за кучињата. И тие имаат проблем во лето. Зимскиот период се случувало, да не кажам, и минус 20, имам и куќарки, и викам ајде ќе им ставам теписон или слама во куќарката, тие пак надвор спијат“, рече искусниот одгледувач на шарпланинци.

Шарпланинците се едни од поголемите кучиња и тежат од 50 до 70 килограми, а висината достигнува и до 80 сантиметри. Низ целата држава во кинолошкиот сојуз се регистрирани 31 одгледувачница на шарпланинци.

XS
SM
MD
LG