Достапни линкови

„Едвард раце ножици“ на Витошевиќ или колку сме спремни да се соочиме со различностите


Работена како втора премиера и прва младинска претстава годинава, овој вторник на 22 октомври, во 19.30 часот, во Театар за деца и младинци во Скопје ќе биде изведена „Едвард раце ножици“ што Нела Витошевиќ ја режираше според сценариото на Тим Бартон и Каролајн Томпсон.

Режисерката Нела Витошевиќ, по „Бог на масакрот“ од Јасмина Реза во Штипски театар и „Странци“ од група автори (меѓу кои и Филипо Болоња и Паоло Костела) во Драмски театар, следејќи го сопствениот творечки инстинкт повторно посега по филмско сценарио за да го исправи на сцена. Овојпат таа и Ивана Ангеловска ја сториле драматизацијата на „Едвард раце ножици“ за кој сценариото е на американскиот режисер Тим Бартон и неговата соработничка Каролајн Томпсон.

И, кога сме веќе кај култниот филм чисто информативно дека инспирацијата за оваа приказна Бартон ја црпи од неговото детство во кое поради неговата интровертност бил перцепиран како чудак. За да ја прикаже својата емотивна состојба се нацртал себе си како човек кој место раце има огромни ножици. Приказната зa човекот со раце ножици, кој неговото опкружување не може да го прифати, станала популарна низ целиот свет, особено кај младата публика. Потем стигнал и филмот и останатото е историја.

Од таму не случајно Витошевиќ во пресрет на премиерната изведба на својата прва претстава во Театар за деца и младинци ќе рече дека како автор никогаш до сега не размислувала за еден тип на публика. Кој е тој материјал што таа ќе го одбере да влијае на младите, но и малку пошироко – на останатите љубители на театарот. Потем се сетила на филмот кој нејзе и е постојано присутен и е еден вид инспирација за работата како режисер. На „Едвард раце ножици“ и на Тим Бартон. Делото што го гледала на многу млади години и на кое по 1990 му се навраќала многу пати.

„Мислев дека е добра идеја тој филм да го направам овде во Театарот за деца и младинци бидејќи и жанровски „Едвард раце ножици“ е еден вид на современа бајка којашто се занимава со третманот на различностите. Филмот на некој начин го поставува прашањето колку е нашето општество зрело и колку сме ние зрели да прифатиме некој кој што е поинаков од нас, којшто зборува поинаку, се облекува поинаку. Значи воопшто, кој е третманот на општеството кон маргинализираните групи и како ние кон нив се однесуваме“, вели Витошевиќ.

Таа појаснува дека нивната драматизација за претставата ја врамува приказната за Едвард на еден сосема поинаков начин од сценариото и делото на Бартон.

„За разлика од сценариото кое е структурирано како флешбек на еден од главните женски ликови, овде приказната за човекот со раце-ножици ја раскажуваат сите ликови. Во низата на настани се отсликува малограѓанштинта на жителите од градот, нивната конзервативност и неможност да се соочат со различноста. На почеток тие го доживуваат Едвард како некаква егзотика, како некој кој внесува свежина во нивното рутинско секојдневие, за брзо после тоа да го отфрлат и прогласат како опасен за околината. Нивната комфорна зона е разнишана и таа позиција набргу се покажува дека општеството не е спремно да ја напушти, ниту пак зрело да се соочи со поинаквоста. И неговата љубов кон младата Ким предизвикува проблеми во заедницата и затоа тој мора да го напушти градот и да се врати повторно во замокот“, смета режисерката.

Сцена од претставата „Едвард раце ножици“ - фото Кире Галевски

Во „Едвард раце ножици“ играат Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Ненад Митевски, Ангела Димитрова, Емра Куртишова, Ана Левајковиќ Бошков, Катарина Илиевска Силјановска, Изабела Новотни, Ивана Павлаковиќ, Петар Стојанов, Никола Наковски и Исмет Шабановиќ, а насловната улога ја толкува Бојан Кирковски.

„Направивме повторно нешто различно. Направивме повторно нешто добро, но мене повторно ми е жал што сме на толку мала сцена и дека публиката веројатно ќе стои во редици за да ја гледа претставата. Едноставно во салонот нема многу седишта и како што напати кажувам еве и сега ќе речам дека ни е потребен нов театар бидејќи ние правиме одлични претстави и навистина ми е жал што не можеме да ги разубавиме уште повеќе со овие чуда на технологијава што се случуваат околу нас. Ја поканувам публиката да дојде и да погледне нешто различно, нешто што е многу интересно и што наликува на тоа како да се погледне еден филм во нешто повеќе од 70 минути“, истакнува Кирковски.

Сцена од претставата „Едвард раце ножици“ - фото Кире Галевски

На прашањето, пак, дали се обиделе да се дистанцираат од филмот на Бартон Симона Спировска, која го толкува ликот на Пег Богс, ќе рече дека се обиделе да појдат подлабоко. Да ги продлабочат релациите помеѓу ликовите и самите ликови.

„Го задржавме контекстот на времето и местото, но мислам дека се обидовме и успеавме во голема мера да изградиме ликови кои зборуваат многу подлабоко за таа дискриминација со која ние се соочуваме на сите нивоа“, смета актерката.

За сценографијата во „Едвард раце ножици“ се погрижиле Костантин Трпеноски и неговата асистентка Моника Ангелевска, костимите се Роза Трајческа Ристовска, а оригиналната музика е на Огнен Анастасовски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG