Достапни линкови

„Макбет“ на Витошевиќ како драма за политичката амбиција


Со идеја да говори за политичкото зло, вечерва на 9 мај на сцената на Македонскиот народен театар, прв пат во неговата историја и како 15-та претстава од класикот Вилијам Шекспир, е исправена трагедијата „Макбет“ во режија и адаптација на Нела Витошевиќ.

На крилата на успехот со „Странци“, својата прва поставка во Драмски театар – Скопје за која е вистинска умешност да се стигне до билет, режисерката Нела Витошевиќ како своја трета претстава во Македонски народен театар ја постави „Макбет“ од Вилијам Шекспир, текстот кој никогаш досега не се нашол на сцената на нашата национална куќа, а богами досега дури 15 пати се посегало по драмите на класикот.

Од таму не случајно во пресрет на премиерата Витошевиќ знае да каже дека за неа во 12-те години бавење со театар ова е многу значаен момент бидејќи по прв пат добива адекватни услови и дека „Макбет“ е најголемиот и најсериозниот проект, проект со најголем буџет ( 1.800.000 денари „што не е ништо посебно во однос на тоа колку добиваат странските режисери“) кој го потпишала досега. Вели дека конечно сега полесно може да покаже што знае и до каде стигнала како автор.

Во својата експликација за култното дело на Шекспир и посегањето по него режисерката истакнува дека она што нејзе отсекогаш ја интригирало кај „Макбет“ е тоа што драмата е на подеднаков начин и психолошка и политичка.

„Драмата зборува за една болна политичка амбиција за власт којашто главните ликови ги носи во психолошки распад. Сведоци сме вековно низ општеството дека секој поединец кога ќе се дограби до власт, таа власт константно расте, расте ненаситноста за власт и тоа води кон тиранија. Тоа е она што им се случува на двата главни ликови во претставата. Нивната преголема амбиција за власт ги носи во пропаст. Тие на крајот се дават во морето од крв којашто претходно ќе ја пролеат“, смета Витошевиќ.

Таа дополнува дека кога би направиле паралела во современ контекст тогаш состојбата е слична со либералниот капитализам каде личниот интерес е над се останато и кадешто желбата за брз напредок и прогрес, за да се стигне до целта, на некој начин е еквивалентна на борбата за престолот каде целта ги оправдува средствата.

„Таа една кошмарна состојба на модерното живеење и една кошмарна состојба на духот на луѓето во современото општество е на некој начин за мене препознатлива во самото дело. Така да јас од самиот почеток на глумците им велев дека ова е драма на состојби и атмосфери. Дека има во неа нешто што е помеѓу јавето и сонот бидејќи конечно главните ликови на крајот умираат поради грижата на совест. Ние и денеска имаме владетели коишто се оперирани од грижа на совест и коишто успеваат да пребегнат некаде или да опстанат. Да им побели само косата, но имаме и такви владетели или функционери кои грижата на совест ги тера да се распаднат. Тоа во современ контекст се манифестира со инфаркти, со автоимуни болести, со панични напади и слично“, вели Нела.

Згора на ова Витошевиќ ќе рече дека без разлика што оваа драма е напишана многу векови наназад, таа сепак е подеднакво вонвременска и актуелна како впрочем и сите шекспирови трагедии коишто за неа се значајни затоа што преку нив може да видиме до каде сме стигнати какао цивилизација, како општество и како единки. Од таму, режисерката истакнува дека Шекспир не би бил Шекспир ако покрај главната тема, во случајов политичката амбиција, не постави и други некои навидум споредни теми за размислување.

Притоа таа лично како автор решила да се бави и со самодеструктивноста на човечката природа, односно колку човекот е самодеструктивен. Колку природата човечка сама по себе е безскрупулозна и деструктивна. Затоа таа злото, прикажано преку ликовите на вештерките, и го третирала како потсвесен дел.

Истакнува дека „кога ќе ја поматат свеста и кога ќе надвладеат злите сили тие го цицаат секое здраворазумско постоење кај поединецот и тој во дадениот момент е спремен на се* без разлика на последиците што ќе следуваат“. Дека во делото, како и во претставата, се отсликува една широка лепеза на карактери преку кои исто така се отвораат и низа други политички прашања апсолутно актуелни за денешницата и посебно за нас овде - како темите за предавници и патриоти, тиранијата и други.

Наспроти тежината на материјата со која се зафатила, Нела нималку не крие дека крај себе имала исклучително посветена екипа на соработници која со евидентна радост го изодела процесот на подготовка на претставата. И, кога сме веќе тука да кажеме дека таа во случајов таа собрала екипа во која се искусни актери, поголемиот дел нејзини колеги од студентските денови, потем глумците кои низ годините беа крај неа на независната сцена, но и штотуку завршени и сеуште актуелни студенти на Академијата. Така, главните ликови на Макбет и Леди Макбет ги толкуваат Сашко Коцев и Драгана Лошкова, а во близина се и Сенко Велинов, Дениз Абдула, Стефан Вујисиќ, Благој Веселинов, Наталија Теодосиева, Ана Стојановска, Ивана Павлаковиќ, Борче Начев, Славиша Кајевски, Исмет Шабановиќ, Дарко Ристовски, Томислав Давидовски, Ненад Анѓелковиќ, Виктор Бужаров, Филип Ивковски и Адриен Боирал.

Сашко Коцев потенцира дека секогаш кога ќе се работи „Макбет“ главните дилеми се не дека е тоа обемно и тешко дело, туку дека носи некаква несреќе. Дека е тоа некое суеверие за „Макбет“. Истакнува дека за среќа ним лично тоа не им се случило, но дека сепак „трагедии се случија“.

„Културата е фрлена на маргината. Министер за култура веќе нема. Првите пари за претставата во МНТ стигнаа пред 20-на дена и ова е веќе четврти датум за премиера на „Макбет“. И не само Македонскиот народен театар, туку воопшто театарот во земјава е фрлен на маргината на општеството и оставен како монета за поткусурување. Тоа не треба да биде така и некој треба да се запраша што се случува зошто секогаш нели ја кажуваме онаа клише реченица дека културата, посебно театарот, е огледало на општеството. Сами ќе се огледаме во него и тој ќе не отслика“, вели актерот.

Тој и со информација дека поканата од Нела Витошевиќ тој да го толкува Макбет стигнала на почетокот од ноември лани, по што морал да размисли дали е подготвен за ликот и дали таквата понуда доаѓа во вистинскиот момент за него како уметник, во кои години е и со каков багаж зад себе. Ја замолил режисерката да го убеди зошто тој би бил Макбет, таа го сторила тоа и започнале со подготовките. Ги тргнале сите суети и сите скрупули настрана, надвор од МНТ, и сфатиле дека ни една идеја не е апсолутна вистина, не е точна, најголема или најмала.

Ние зборуваме за амбицијата, за човечноста или нечовечноста. Макбет има голема дилема – дали тоа да го направи или не. Да не беше Леди Макбет тој ќе си тераше уште. Тоа беше црвецот што работеше во него. Тука беа и вештерките. За нив многу зборувавме. Дали постојат три грди баби или три млади девојки или тоа се ликови кои ние сами си ги создаваме во своите глави за да нешто оствариме. Да си дадеме оправдување на лошото што сме го направиле на другите. Дека не одлучуваме сами, ами тоа го направиле вештерките, ќе рече Коцев.

Драгана Лошкова за Леди Макбет појаснува дека е желна за власт зошто е желна за власт. Дека за тоа како било кој човек кој е желен за власт и не мора да има некое посебно оправдување.

Таа, ајде и тие двајца – леди Макбет и Макбет не се остварени и како родители. Затоа во една фаза кога човек не може да се реализира, ако човек себе духовно не може да се реализира тоа веројатно доведува до фрустрација и комплекс за кој ако не се освести може да избие како нездрава амбиција, смета актерката.

Инаку, од бројната екипа на соработници треба да се споменат имињата на сценографот Костантин Трпеноски и костимографот Роза Трајческа-Ристовска, за чии креации ќе биде забележано дека го постигнуваат спојот и ефектот на раскош и футуризам. Кон ова само уште и информацијата дека авторската музика е на Огнен Анастасовски, чест соработник на режисерката и тоа дека таа во сучајов се решила да посегне по препевот на писателот Богомил Ѓузел сметајќи дека е „пофлуентен и подинамичен“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG