Достапни линкови

Рекет, Јанева и „правдината“ за 50.000 евра


Обвинителката Катица Јанева
Обвинителката Катица Јанева

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција до Кривичниот суд поднесе обвинение против три лица во случајот „Рекет“ и побара продолжување на мерката притвор. Обвинетите се товарат за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд поднесе Обвинителен акт против Бојан Јовановски, поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева и Зоки Кичеец кои се обвинети во случајот „Рекет“. Две од обвинетите лица се товарат дека сториле кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“, a на првообвинетиот му се става на товар и кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Ценејќи дека се исполнети условите предвидени во Законот за кривична постапка, Обвинителството побара и продолжување на веќе изречените мерки за обвинетите.

Обвинителството соопшти дека Јовановски, искористувајќи ги претходно воспоставените пријателски односи влијаел врз Јанева, при спроведувањето на истражна постапка во предметот „Империја“, да ја олесни положбата на сведокот кој во предметот е еден од осомничените и на кого по предлог на јавниот обвинител му било определена мерка притвор.Третообвинетиот пак, битно придонел за извршувањето на кривичното дело со договарање на континуирани средби на првообвинетиот со сопругата на сведокот, а подоцна и со сведокот, притоа уверувајќи ги во неговото влијание врз јавниот обвинител“, се наведува во соопштението од Обвинителството.

Оттаму додаваат дека Јанева го прифатила влијанието на првообвинетиот и како службено лице – јавен обвинител, ја искористила својата службена положба и овластување и ги пречекорила границите на своето овластување, на начин што „откако првообвинетиот заедно со третообвинетиот ги добил договорените 500.000 евра од сопругата на сведокот и покрај тоа што постоеле неизменети околности врз кои била определена и продолжена мерката притвор, второобвинетата до Апелациониот суд – Скопје доставила предлог за определување на поблага мерка – куќен притвор, кој бил прифатен од страна на судот. Воедно, согласно договорот, по исплатата на првите 1.000.000 евра, Јанева доставила писмена согласност до судот одземената патна исправа привремено да му биде вратена на сведокот“.

„Со преземените службени дејствија второобвинетата ја искористила и ја пречекорила својата службена положба и овластување и за себе прибавила имотна корист во значителен износ и тоа во предмети – мебел во износ од 296.040,00 денари и пари во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети примиле награда од 1.500.000 евра. Првообвинетиот иако невработен, со блокирани трансакциски сметки и без приход, на почетокот на оваа година купувал за себе луксузен мебел, облека и обувки и престојувал во луксузни летувалишта – ресорти надвор од нашата земја што упатува дека ги пуштил во оптек паричните средства што ги прибавил со кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“, се вели во соопштението од Обвинителството.

Во меѓувреме, истрагата за „Рекет“ вчера се прошири и против пет физички лица и едно правно лице, информира државниот јавен обвинител Љубомир Јовески. Меѓу новите осомничени e и потпретседателката на Собранието Фросина Ременски, која утрово беше во Кривичниот суд, откако и за неа беа определени мерки на претпазливост. Таа изјави дека не чувствува вина и побара да не се мешаат случаите „Рекет“ и проширената истрага за Меѓународниот Сојуз. Таа изјави дека Обвинителството против неа нема други докази, освен тоа дека наводно го искористила својот авторитет да убеди бизнисмени дека извршната власт стои зад спорните проекти на „Меѓународниот сојуз“.

Ременски бара да се почитува презумцијата на невиност
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:22 0:00

„Не чувствувам вина, воопшто. Обвинителството немаше друг доказ пред судот во делот на аргументацијата, ќе очекувам Обвинителството да го докаже тоа што ми го става на товар“, изјави Ременски.

И таткото на Бојан Јовановски кој е еден од осомничените денеска изјави дека не чувствува вина, и дека не учествувал на никакви состаноци за изградба на домови како дел од Меѓународниот сојуз.

На Јасна Мандиќ пак, која е исто така осомничена во новата истрага поврзана со „Рекет“ судот вчера и определи мерка домашен притвор. За неа обвинителството бараше мерка притвор.

Обвинителката Вилма Русковска вчера изјави дека кај тројца од осомничените во новата истрага која се поврзува со случајот „Рекет“ се дадени налози за претрес.

Боки 13 е првоосомничен и во овој дел од истрагата за измама и за перење пари, а останатите четворица дека му помагале. Тие се сомничат дека преку невладината Меѓународен сојуз од бизнисмените Силјан Мицевски и Адријан Амзоски наплатиле 720 илјади, односно 260 илјади евра, измамувајќи ги дека ќе обезбедат државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата.

„Останатите осомничени лица со умисла му помагале на првоосомничениот во извршувањето на кривичните дела изготвувајќи договори, подигнувајќи ги уплатените средства и уплаќајќи средства на други правни лица по основ на позајмица или донација. Воедно, едно од осомничените лица како функционер, заедно со првоосомничениот присуствувало на средбите организирани од првоосомничениот, при што го искористило својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт“, се наведува во соопштението на обвинителството.

Милески пред дваесетина дена од притвор беше пуштен во домашен притвор, додека Јовановски и Јанева се во притвор во Шутка. Само Милески даде исказ пред Обвинителството за организиран криминал.

На Боки 13 му се слоши кога требаше да даде исказ пред Обвинителството, по што со Брза помош беше однесен во болница, а по пружањето лекарска помош беше вратен во Шутка.

Јанева одлучи да не дава исказ. Нејзиниот адвокат Дељо Кадиев вели дека одлучиле таа сега да не даде исказ, зашто обвинителството е тоа кое треба да понуди докази за вина. Тој вели дека во оваа фаза на постапката не размислуваат да понудат спогодба за признание на вина.

„Понатаму, во текот на постапката ние имаме право и за спогодување, имаме право и за признание на вина, имаме право и да понудиме наш исказ во текот на главната расправа, но ценевме дека во оваа фаза на постапката најцелисходно е, ако веќе дава исказ, да го даде на предлог на одбраната во фаза на главна расправа“, вели Кадиев.

Обвинителот Љубомир Јовески изјави дека некои од осомничените биле заинтересирани за спогодба, но досега нема постигнато спогодба.

По апсењето на Јовановски, дел од бизнисмените тврдеа дека биле рекетирани од него, додека други тврдеа дека не биле рекетирани, но си ги бараат парите што ги уплатиле на сметката на неговата невладина организација Меѓународен сојуз за изградба на старечки домови.

Во обвинителството во изминативе месеци беа повикани политичари, бизнисмени, луѓе од естрадата и други кои се поврзуваа во јавноста со невладината организација на Јовановски, Меѓународен сојуз. Со случајот Рекет беа поврзувани и политичари, но обвинителот Љубомир Јовески изјави дека нема индиции дека парите од Рекет завршиле кај домашни или странски политичари.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG