Достапни линкови

Има ли истрага и за други рекетирани и за улогата на политичари?


Прес-конференција во Основното јавно обвинителство за случајот Рекет.
Прес-конференција во Основното јавно обвинителство за случајот Рекет.

Се уште нема најави од обвинителството дека ќе се истражат и наводите за неколку бизнисмени кои се позврзуваат со случајот „Рекет“. Дел од нив се спомнуваат во аудио снимките, а дел во исказот на бизнисменот Камчев. Засега во својство на сведок исказ даде само екс директорот на Телеком, Луковски.

Имињата на неколку бизнисмени се поврзуваат со случајот „Рекет“ и во аудио снимките објавени од италијанскиот весник „Ла Верита“ и во дел од исказот на сведокот Орце Камчев. Проширување на истрагата на други рекетирани лица нема, туку само се зголеми листата на осомничени по приведувањето на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Истрагата засега е фокусирана врз исплатата на Камчев од милион и пол евра на осомничените Бојан Јовановски и Зоран Милевски за да не биде гонет од СЈО за случајот „Империја“. Камчев пред некој ден повторно сведочеше пред обвинителството за случајот. Обвинителката Вилма Русковска која ја води истрагата изјави дека тој може да помогне.

„Да, да во секој случај. Беше повикан затоа што сметавме дека ќе даде дополнителни сознанија“, кратко посочи Русковска.

Во аудио снимките во разговорите меѓу Камчев и Јовановски, според „Ла Верита“, се спомнуваат Жарко Луковски и Дејан Панделески дека и тие преговарале да не бидат гонети од СЈО. Луковски е под истрага на СЈО за случајот Базни станици, а Панделески е дел од управниот одбор на Бетон Штип која е под истрага во случајот „Империја“.

„Тој исто имаше предмет таму за базните станици. Добро сега си го решил проблемот. Си ја решил маката. Жарко мене ми е кум“, му вели Камчев на Јовановски, како што се наведува во еден од разговорите.

„Точно е дека јас имав некаков договор, преговор начелен и со Дејан“, вели Јовановски, според весникот, во еден од разговорите.

Засега е познато само дека поранешниот директор на македонски Телеком, Луковски по втор пат давал исказ пред обвинителството за случајот.

„Во својство на сведок. Тој беше и претходно сослушан и побара да дојде уште еднаш да даде некои дополнителни сознанија што ги има“, рече Русковска.

Дали ќе помогнат тие сознанија, според Русковска, допрва ќе се види.

Во објавената прва страница од исказот на Камчев, чија веродостојност ја потврди обвинителството, тој тврди дека Силјан Мицевски и Адријан Амзоски биле рекетирани од осомничениот Бојан Јовановски со изговор тие да инвестираат во старечки домови. Од обвинителството не добивме одговор дали тие биле повикани да дадат исказ и дали наводите на Камчев се истражени.

„Јас сфатив дека се работи за земање рекет од страна на Бојан, затоа што тој претходно веќе двајца луѓе измамил со истиот договор за лиценца за старечки домови и тоа едниот Силјан Мицевски од Битола и уште еден од Струга сега не можам да се сетам на името, но знам дека е роднина на Фијат Цановски. Се работеше за идентична сума 2+2 милиони евра“, вели Камчев во исказот.

Мицевски, според сведочењето на Лилјана Тодоровска, членка на Меѓународниот сојуз, на нејзина сметка на име на авторски хонорар уплати 720 илјади евра за наводен проект. Финансиска полиција претходно соопшти дека го истражувала потеклото на парите, но тогаш не нашла ништо спорно. Мицевски изјави дека не бил измамен, туку дека верувал во идејата и доколку не се реализира проектот ќе барал поврат на парите.

Амзоски и неговата фирма „Дрим билдинг“, како што наведоа, најостро ги отфрлија сите шпекулации дека му платиле на Јовановски за специјалната обвинителка Катица Јанева да го повлече обвинението против нив за случајот „ТНТ“ на СЈО. Според соопштението, фирмата склучила договор за стратешко партнерство и деловна соработка со Меѓународниот сојуз и со тоа се обврзала да плати околу 260 илјади евра. Поврат на парите преку тужба бара и Дрим билдинг, бидејќи Меѓународен сојуз не го испочитувал договорот.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ вели дека треба да се истражат сите сомнежи и индиции.

„Обвинителството ќе мора на многу прашања кои ќе бидат поставени, не само од експертската и стручна јавност, не само од новинарите, туку и од обичните граѓани ќе мора да има одговор со аргументи, зошто по определено прашање постапила на еден или на друг начин. Зошто истрагата не ја проширила кон еден или кон друг. Таа истрага треба транспарентно и јавно да ја спроведат“, истакнува Давидовиќ.

Русковска порача и дека Камчев во сведочењето не спомнал ниту еден политичар, како што шпекулираа некои медиуми, туку само дека случајот го пријавил и кај премиерот Зоран Заев.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG